Студиото Frost Giant Studios, формирано од искусни ветерани на жанрот од Blizzard Entertainment, си ја наметнаа амбициозната цел да го ревитализираат RTS жанрот за денешната публика, не преку радикална реинвенција, туку преку градење врз докажани темели. Со оглед на нивното искуство кое произлегува од StarCraft II и Warcraft III, нивната филозофија е јасно видлива и во Stormgate, како што и пишувавме на времето кога играта беше дел од раниот пристап. Стратегијата јасно црпи инспирација од епските битки на StarCraft и тактичката длабочина на херојските единици од Warcraft, истовремено обидувајќи се да воспостави свој уникатен идентитет. Откако играта излезе од раниот пристап на начин кој, според многумина, се покажа како контроверзен потег, неодамна авторите ја исфрлија и првата кампања, со сите три поглавја поврзани со Амара.

Ashes of Earth: 9 нови мисии
Ashes of Earth се фокусира на човечката фракција, Vanguard. Приказната ја следи протагонистката Амара, која се враќа на уништената Земја за да се бори против демонската Infernal Host. Кампањата, која се состои од 12 мисии напишани од искусни автори како Мики Нилсон и Марв Волфман, се дистрибуира преку специфичен модел. Имено, првите три мисии се достапни бесплатно, додека останатите девет се отклучуваат со купување на пакетот.

Кампањата беше значително подобрена од нејзините првични верзии, со целосно преработени модели на ликови, преснимани дијалози и преработена приказна. Овие промени се директен резултат на развојната филозофија на студиото, кое постојано ги зема предвид повратните информации од заедницата. И покрај ова, постои одреден група гејмери кои не се задоволни со наративните промени, особено со недостатокот на епски моменти кои би можеле подобро да ги испреплетат мисиите.

Спој на две епохи
Нема да погрешите доколку ја протолкувате Stormgate како игра чии дизајнерски избори претставуваат фузија на елементи од StarCraft II и Warcraft III. Играта го користи моделот на асиметрични фракции, но го комбинира со акцент на херојските единици и нивните вештини. На располагање имате ефикасни функции како што се автоматизираните контролни групи и Buddy Bot системот, со што се олеснуваа работите на почетниците, особено на оние кои сакаат да се фокусираат на битките наместо на управување со ресурсите.

За ветераните, механизми како искуството на единиците додаваат слој на микроменаџмент и тактичка длабочина. Како резултат, добивате забавно, но, споредено со StarCraft II, побавно темно. Уметничкиот стил, кој првично беше остро критикуван, исто така претрпе значителни промени, со редизајнирани единици и пореалистични терени. Глумата е на исклучително високо ниво, а истото би можеле да го кажеме и за звуковите како и за динамичната музичка подлога. Комбинацијата на сите овие елементи допринесува до исклучително квалитетно искуство кое никако не е за потценување.

Реалноста на еден духовен наследник
Изданието 1.0 на Stormgate означува важен развојeн момент, но не и крај на патувањето. Играта останува во фаза на развој. Кампањата е значително подобрена, покажувајќи ја посветеноста на студиото да ги слуша повратните информации од својата заедница. Уште сега е јасно дека Stormgate се стреми да биде модерен наследник, кој се прилагодува на денешните вредности, но останува верен на своето потекло. И покрај контроверзиите околу уметничкиот стил и моделот на монетизација, играта покажа вистински потенцијал. Иднината се чини светла иако фактот и понатаму останува дека Stormgate не е совршена, но е добар почеток и со реален потенцијал да го оживее RTS жанрот.








