Интервју со Мартин Пејчиновски: Stryde ќе ви го пронајде најдобриот поткаст

во ИТ.МК

Мартин Пејчиновски е инженер фасциниран од технологијата, но исто толку и од историјата, филозофијата и политиката. Неговиот пат не е невообичаен. Факултет, пракса, па работа, но клучниот пресврт се случува во средина која ја поттикнува неговата креативност. Денес, покрај тоа што е партнер во продукт студиото Level Six, ја поддржа иницијативата builders.mk, со која се обидуваат да го променат начинот на кој размислуваме за градењето дигитални продукти

Порака на Мартин е директна: Со подемот на вештачката интелигенција, светот ни е на дланка. Нема потреба да бидеме евтина работна сила за странски конгломерати. Реши свој проблем и ќе решиш проблем за ред други луѓе“.

Токму од таа филозофија, по еден фрустрирачки викенд поминат во „бескрајно“ скролање низ Spotify барајќи ја совршената епизода за пешачење, се роди Stryde. Продукт кој не е само алатка, туку и негов одговор на хаосот од содржини. Stryde е замислен како паметен патоказ за поткасти кој ве познава вас, активностите и расположението.

Мартин Пејчиновски

Што е Stryde?

Доколку сакаш да убиеш две птици со еден камен, или едноставно не сакаш да си сам со своите мисли, тогаш Stryde е за тебе. Ретко кој слуша поткаст лежејќи во кревет. Една од причините што тој формат стана толку популарен и привлечен е тоа што може да се конзумира во движење. Во свет на бескрајна содржина, често создадена само за да ти го задржи вниманието неколку минути (или секунди), без да ти понуди некаква вредност, Stryde е патоказ низ целиот тој метеж. Ти нуди перзонализирана, квалитетна содржина која ќе ти биде придружник низ разните обврски и активности кои ти го исполнуваат денот. Можеш да го продлабочиш своето знаење на одредена тема додека пешачиш по кеј, да ги слушнеш најновите случувања во светот додека возиш до работа или да се мотивираш додека вежбаш во теретана.

Која е твојата инспирација за креирање на Stryde?

Добив чувство дека за големите платформи како YouTube и Spotify, концептот на поткаст, иако е веќе популарен неколку години, е релативно нова функционалност и на некој начин игра споредна улога во нивниот екосистем. На пример, пребарувајќи на YouTube на одредена тема, добивам еден куп кратки клипови (често од поткаст епизоди кои самите не се достапни), shorts од неколку секунди и останати нерелевантни видеа. Пребарувајќи на Spotify, добивам генерички резултати од кои најголем дел се поткасти, но не специфични епизоди. Филтрирањето по времетраење е нефлексибилно или воопшто го нема, а филтрирањето по одредена активност и расположение е скоро непостоечки концепт. Заради некои внатрешни политики, многу често квалитетни епизоди (а и цели поткасти) се подложни на цензура или целосно се отстранети од овие платформи.

Колку пати ти се случило навистина да се откажеш од пешачење само затоа што не си нашол соодветно аудио?

Покрај тоа што е најдобрата форма на кардио, пешачењето за мене претставува прилика за интроспекција и разбистрување на мислите. Често сум добивал нова перспектива за одреден проблем или пречка во личниот или професионалниот живот. Да се има нешто квалитетно да се слуша е како да си прочитал добра книга или да си имал долг разговор со близок пријател. Да одговорам на прашањето, се има случувано, иако не толку често. Искрено, пешачење без поткаст ми делува непотполно, како да сум заборавил нешто дома.

Како Stryde знае што ми треба? Објасни ни го накратко процесот: внесувам активност, време и… што се случува во „позадина“?

Со помош на вештачка интелигенција, епизодите се анализираат и класифицираат по неколку параметри како: темпо, сериозност, тип (интервју, приказна), итн. За секоја активност, Stryde прави информирана претпоставка за типот на содржина кој би бил соодветен. На пример, доколку пешачиш, фокусот ти е подобар, па можеби ти треба подолга и покомплексна епизода. Доколку возиш или вежбаш во теретана, можеби сакаш да слушнеш некоја мотивациона приказна за успех, итн.

Ако корисникот наведе како е расположен, процесот станува уште попрецизен така што се прави подетална споредба со горенаведените параметри.

Ако се внесе времетрање на активноста, највисоко се рангираат епизодите што ќе ја исполнат таа временска рамка.

Крајно, ако се внесе опис за посакуваната тема, Stryde прави софистицирано семантичко пребарување, што значи дека му е доволна суштината на тоа што се пребарува и нема потреба од точно име на поткаст или епизода. Секако, во случај да се внесе точно име на поткаст или епизода, тие епизоди се рангирани највисоко.

Спомена дека Stryde „те учи“ со тек на време. Како изгледа таа персонализација по неколку дена користење?

Прв чекор на персонализирање на Stryde е веднаш после креирањето на корисничка сметка. На корисникот му се дава можност да ги одбере своите омилени поткасти. Епизодите на тие поткасти и сличните на нив се рангираат погоре при секое ново пребарување.

При креирање на активност и добивање на предложени епизоди, за секоја епизода има опција да се означи како допадната, ислушана или тотално да се исфрли од циркулација. Ако на корисникот му се допадне одредена епизода, следен пат сличните епизоди ќе бидат рангирани малку погоре, ислушаните епизоди нема да се појавуваат, а исфрлените епизоди и сличните на нив ќе бидат рангирани подолу.

Со тек на време, Stryde учи кои теми и жанрови ви се допаѓаат и ги рангира погоре при секое ново пребарување.

Во план се интеграции со големите платформи како Spotify и YouTube. После поврзување со Stryde, вашиот профил веднаш ќе стане побогат заради постоечките податоци од тие платформи. Со тоа и се подобруваат препораките.

Го креираше Stryde преку викенд. Кој беше најголемиот технички предизвик да се склопи функционален прототип за толку кратко време?

Индексирање и пребарување на милиони епизоди во базата на податоци без да се нарушат перформансите на апликацијата е навистина интересен предизвик. За класифицирање и категоризирање на ист толкав број на епизоди со помош на вештачка интелигенција исто така се потребни милиони повици до соодветните сервиси. Ако тоа не се оптимизира на најдобар можен начин, трошоците растат експоненцијално. Поврзано со тоа е и моментот на избирање на персонализирани епизоди. Тоа е процес кој налага секојдневни фини нагодувања.

Кој е технолошкиот стак зад  Stryde?

Ruby on Rails, PostgreSQL, Redis. Се е хостирано на приватни Hetzner инстанци кои ние ги менаџираме. После долго време работа со Next.js и NestJS, просто сум воодушевен од едноставноста и елегантноста на Ruby on Rails. Цел stack во една репозиторија. Frontend, backend, queues, scheduled jobs, pub-sub, итн.

Каков фидбек очекуваш од првите корисници? Што е она што најмногу те интересира да го чуеш од нив?

Јас лично постојано го тестирам главниот тек на апликацијата. Пробувам различни комбинации на активности, времетраења, расположенија и теми. Кога ќе наидам на епизода која нема смисла во одреден контекст, веднаш се враќам во кодот и истражувам каде би можел да биде пропустот. Со конкретни примери од реални корисници, тој процес би бил значително забрзан.

Дали Stryde ќе остане твоја „алатка за пешачење“ или планираш да го претвориш во нешто многу поголемо во AI аудио просторот?

Stryde е нешто што би го градел и подобрувал уште долго време. Бидејќи основата е поставена, засега приоритет ми е да стекнам одредена база на корисници што сигурно ќе ми овозможи да го видам продуктот од повисока гледна точка. Така заедно ќе го збогатуваме и ќе го правиме се попаметен. Повеќе корисници значи и повеќе податоци за тоа што функционира и што не. Секоја интеракција го прави алгоритамот попаметен. Следен логичен чекор за ваков продукт би било изработка на мобилни апликации кои ќе овозможат беспрекорно искуство. Слушање на епизоди директно во Stryde е технички возможно веќе сега, но заради авторските права, засега нудиме линкови до оригиналните платформи. Кога ќе ги средиме правните работи, тоа ќе биде следен чекор.

Кои се твоите идни планови за Stryde?

Соработка со нови креатори, помагајќи им да се истакнат на заситен пазар и разни интеграции се само некои од работите што ми се вртат во глава за во иднина. Притоа, на Stryde нема цензура и нема фаворизирање. Секој креатор добива фер шанса да стигне до вистинската публика. Крајната визија е Stryde да биде водечката контекстуално свесна поткаст платформа. Наместо уште една алатка за генеричко пребарување по клучни зборови или категории, Stryde ќе биде платформа која навистина го разбира контекстот: што правиш, колку време имаш, како се чувствуваш. Комплетен, персонализиран пакет со моќта на вештачката интелигенција зад него, за пристојна цена, во време кога другите платформи ги ставаат поткастите на второ место.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments