Зошто да ја играте?
- Фанови сте на Vampire Survivors игрите
- Поразлична формула која комбинира ем преживување ем градење
- Впечатливи непријатели и моќи инспирирани од грчката митологија

Achilles: Legends Untold е феноменална акциона авантура која одлично комбинира впечатливо истражување со предизвикувачки борбени механики. Импресионирани од првиот наслов на развојното студио Dark Point Games со задоволство побрзавме за да видиме што ќе најдеме во нивната помалку амбициозна, но еднакво интригантна игра – Achilles: Survivor.

Bullet-hell лудило
Achilles: Survivor е возбудлива игра која го спојува хаосот на survivors-like игрите со иновативна механика на градење. Имено, на мапите навлегувате со стандардни напади. Како напредувате, така собирате искуство и се надградувате, отклучувајќи дополнителни напади и моќи. Ова е стандардната и веќе-видената формула.

Но, чедото на Dark Point Games оди чекор напред со тоа што ви дозволува да собирате руда така што градите соодветни рудници. Поентата е да се задржите во одреден простор одредено време за да можете целосно да го испразните рудникот. Рудниците се во ограничена бројка, но штом соверете доволно руда, ќе можете да градите најразлични структури на, погодувате, претходно одредени места.
Структурите кои можете да ги градите се сведуваат на најразлични кули (од кои се исфрлуваат копја или пламенени јазици), како и места кои ве лечат или места кои ги надградуваат вашите способности. Секоја градба обезбедува критични предности, помагајќи ви да ја свртите битката во ваша полза. Особено ни се допаднаа структурите од кои излегуваат сопатници кои се борат за вас.

Кулите се одлично дизајнирани и ефикасно ја размрдуваат стандардната формула. Особено ни се допаѓаат моментите на трчање, собирање ресурси и стратешко планирање што да се гради. Паралелно со ова, ќе можете и да отклучувате силни моќи кои се функционални само додека траје преигрувањето. Помеѓу преигрувањата, меѓутоа, ќе можете да вршите најразлични трајни надградби како поефикасно движење, поиздржливи и поопасни структури и слични статистички предности.
Преигрувањата се обично со времетраење од дваесетина минути. Не само што треба да издржите одредено време, туку и имате за задача и да решавате одредени квестови, како отворање ковчези, пронаоѓање подруми, убивање одредена бројка од непријатели и слично. Ваквите достигнувања ви помагаат и да отклучувате други ликови кои биле препознатливи херои од тогашниот период. Паралелно со ова, константно отклучувате моќи кои дополнително помагаат во справувањето со легијата од противници.

Achilles: Survivor e неверојатно забавна игра и, со оглед на тоа дека е во раниот пристап, едвај чекаме да видиме како играта ќе се развива понатаму. Но, и вака како што е, мапите се еднолични, но забавно дизајнирани и полни со најразлични непријатели. Пресметките со босовите ни беа особено интересни, до тој степен да посакувавме да се почеста појава. На крајот на денот, насловот нити е скап, нити е здодевен. Топла препорака, особено за брзинско попладневно релаксирање.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Dark Point Games
- Издава: Dark Point Games
- Жанр: акциона авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 29 јануари 2025







