Crisol: Theater of Idols е игра која никако не би требало да ја заобиколите доколку апсолутно уживате во жанрот на акција и survival хорор. Чедото на Vermila Studios ненаситно ќе ве зграпчи за ракавите и брутално ќе ве одвлече во морничава и искривена верзија на Шпанија, сервирајќи ви, притоа, ужас во најчиста форма. Играјќи со Габриел, војник фатен во мрежата на религиозeн догматизам, принудени сте да поминете низ пеколниот остров Торментоса. Она што ќе пронајдете таму е уникатен спој на историски елементи со фолклорен хорор и наратив каде што реалноста се испреплетува со кошмарот од култни жртвувања и мрачни тајни.

Театар на кукли
Во Crisol, вашата крв има двојна функција, давајќи ви ем живот ем муниција. Звучи чудно, но таквата налудничава идеја е генијално реализирана. Имено, тоа што ја користите сопствената крв како оружје значи дека секој испукан проектил директно го намалува вашето здравје. Самиот систем бара внимателно да го менаџирате балансот помеѓу напади и извлекување жива глава. Во Crisol: Theater of Idols смртта не доаѓа само од смртоносните канџи на езиво осмислените непријатели. Смртта доаѓа и како казна за вашето его и прекумерното користење на моќите.

Златен баланс
Напредокот во Crisol е директно поврзан со темелното истражување на опкружувањето. Не е поентата само да се движите низ лавиринтските улици и руините на Торментоса, туку и да пронаоѓате монети кои служат како валута за надградба. Системот за прогресија овозможува подобрување на оружјата и способностите поврзани со крвта. Ова, пак, резултира со зголемена штета или бонуси за издржливост во борбата.
Самите надградби се клучни за справување со специфичните непријатели во играта, но тоа не е доволно. Не можеме доволно да потенцираме и колку е потребно размислување на лице место, адаптирање на офанзивните непријателски стратегии и користење оружје кое е соодветно за моментното сценарио во кое се наоѓате. Crisol не е премногу тешка игра, но казнува трапави и неразмислени одлуки. Не добивате поени за смотано играње. Или ќе размислувате и ќе се прилагодувате преку внимателно користење на целиот ваш арсенал и рефлекси или ќе си тапкате во место, пробувајќи една иста работа, а очекувајќи поразличен резултат.

Нормално, ни самиот борбен систем не е премногу флексибилен и на моменти ќе се чувствувате како да управувате крута кукла која има за цел да излезе на крај со запрепастувачко издржливи непријатели. Но, со малку време и правилно учење на системите, секоја завршена битка е како освежителен бран од заслужено достигнување.
И, како последна, но крајно важна точка, пробајте да ја играте Crisol не со англиска, туку со шпанската гласовна подршка. На таков начин добивате многу подобро, автентично и поквалитетно искуство кое ги фрла во длабока сенка англиските актери.

Crisol: Theater of Idols делува е наслов кој се издвојува не само преку уникатната механика поврзана со жртвувањето на вашето здравје, но и преку морничавата атмосфера инспирирана од шпанскиот фолклор, како и феноменално осмислените непријатели и квалитетно дизајнирани места. Доколку сте фан на жанр кој влече инспирација од акциони авантури и survival хорори и барате нешто повеќе од обично криење или пукање, Crisol е крајно квалитетна игра чии впечатливи концепти ќе понудат свежа перспектива во хорор авантурите. За цена од 15 евра, навистина не би требало многу да се мислите како да поминете квалитетно попладне-две.











