Штурите предвидувања на теми како „Кога ИТ компаниите повторно ќе започнат со вработување?“ се навистина неблагодарни… Станува збор за чувствителни теми, а и предвидувањето често е погрешно. Но, дечките од interviewing.io се обидоа да дадат сензитивен одговор на ова прашање преку анализирање на релевантни податоци.
Дел од податоците кои ги поседува interviewing.io платформата се супер релевантни. Платформата нуди анонимни симулирани интервјуа со инженери од врвни компании како што се Amazon, Google и Facebook. Дизајнирана е да им помогне на инженерите да ги подобрат своите вештини за интервјуирање, особено во области како што се алгоритамски и системски дизајн проблеми.
Виртуелните интервјуа се потполно анонимни. По секоја сесија, интервјуираниот корисник добива детален акциски план од сениор инженер кој има искуство во донесување одлуки за вработување во FAANG (Facebook, Apple, Amazon, Netflix, Google) и други врвни компании. Interviewing.io нуди и сесии за менторство и тренинг за оние кои се сериозни за вработување во Amazon, Google или Facebook. Тренингот вклучува работен план прилагоден на интервјуираниот корисник и на улогата за која аплицира.
Interviewing.io е основана во 2015 година, има за цел да го промени начинот на кој технолошките компании вработуваат. На инженерите им обезбедуваат алатки за полесно вработување, а на работодавците им овозможуваат пристап до ригорозно проверени инженери. Досега имаат направено над 100 000 технички интервјуа. Благодарение на податоците кои ги има платформата може да направи некои информирани предвидувања.
Еве ги предвидувањата за следната година:
Вработувањата повторно треба да започнат оваа година
Податоците на Interviewing.io покажуваат дека дел од големите компании како Meta и Netflix веќе агресивно започнале да вработуваат. Останатите компании од FAANG не вработуваат сѐ уште, но очекувањата се дека и во Apple, Amazon и Google ќе има промени во оваа насока. Иако како што ќе може да прочитате подолу Google планира дел од своите вработени да ги замени со вештачка интелигенција.

Вработувањето на mid и senior кадри ќе предводи
Од јануари 2024 година ќе порасне вработувањето на mid и senior инженери. Проценката на interviewing.io е дека бројката ќе биде слична како во првата половина на 2022 година,


Нема зголемување на компензациите во следните 6 месеци
Дури и да има покачување на платите очекувањата се дека компензацијата ќе остане иста како и досега.
Барем 6 месеци кадрите ќе бидат вработувани на пониско ниво од она на кое се пријавуваат
Во следните неколку месеци, сите, без разлика на кое ниво се може да очекуваат дека ќе бидат вработени на пониска позиција од онаа на која се пријавуваат. Ова ќе придонесе за пониски плати, но и за забавување на напредокот во кариерата.
Вработување на пониско ниво најлесно се забележува кај Facebook кој речиси без исклучок ги вработува пријавените на пониски позиции. При тоа компанијата цитира лоши резултати на интервјуата. Дополнително Facebook на кандидатите им нуди пониска плата и прилично висок бонус (50 до 70 000 долари) при потпишувањето на договорот. Компанијата најчесто не преговара ниту за платите. Единствен исклучок се кандидатите кои имаат и понуди од други компании.
Покрај Meta шансите за „down-level“ се високи и во Netflix (50 отсто), Google (59 отсто) и Microsoft (66 отсто). Кај помалите компании и стартапи шансата за „down-level“ е помала и изнесува околу 37%.
Истовремено резултатите од интервјуата се подобри од претходните години. Ова важи и за кодирањето, но и за решавањето на проблеми.

Компаниите имаат недостаток на регрутери
Регрутерите беа едни од првите кадри кои беа отпуштани во последните години, па очекувано сега ќе има недостаток на овој кадар во компаниите. Како последица вработувањата ќе одат бавно и неефикасно. Податоците од прашалникот на interviewing.io велат дека 17% од корисниците процениле дека најтежок дел од интервјуто бил да бидат повикани. Дури ниту техничкиот дел не бил проблем како ова.
Онлајн пријавувањето и регрутирањето се практично замрзнати во периодов. Најлесно да се дојде до интервју е преку менаџерите за вработување.
Нема да се вратиме на добрите времиња уште долго време
Вработувањата замрзнаа на средината на 2022 година. Во овој период најголем дел од големите компании како Google, Amazon, Meta, Microsoft, Salesforce не само што престанаа да вработуваат, туку и имаа сериозни отпуштања. Во просек овие компании отпуштија 10 отсто од своите вработени во сите сектори. Отпуштањата иако забавија во втората половина на 2023 година, не престанаа во целост. Сепак, отпуштањата сега се значително намалени. Дополнително од јануари 2023 до декември 2023 вработувањето е зголемено 58%, што секако е одлична вест.
Кои големи ИТ компании вработуваат во моментов?
Најголем број од вработувањата повторно отпаѓаат на големите компании во FAANG групата (Facebook, Apple, Amazon, Netflix, Google). Она што е интересно, иако на големите компании отпаѓа најголем дел од вработувањата значителен удел имаат и стартап компаниите на кои отпаѓа 17% од вработувањата.

Работа има, само не за луѓе
Последните вести од Google за минатата година беа дека компанијата работи и на интерна вештачка интелигенција за сопствени потреби. Развојот на вештачка интелигенција би можел да има значителен удар врз вработените во Google. Со ова би можеле да бидат зафатени сите 30000 вработени во одделот за онлајн реклами. Компанијата ќе интегрира вештачка интелигенција во различни сегменти од деловните процеси, па конечната бројка би можела да биде и поголема.
Google веќе отпушти 12 000 вработени, а сега размислува што да прави со овие 30 000. Според извори на Information, Google планира да го реорганизира Google Ads. Компанијата би можела да го намали бројот за половина, а во иднина оваа бројка би можела и дополнително да се намалува.
Техничките работни места секако ќе бидат зафатени од вештачката интелигенција, но се далеку од единствени. Вештачката интелигенција би можела да влијае и на административниот дел во здравствениот сектор. Од друга страна, вештачката интелигенција значително би им ја олеснила работата на лекарите, кои ќе можат повеќе време да поминуваат со пациентите, а помалку со административни обврски. Веќе подолго време се шпекулира и со крај за возачите, иако сѐ уште автономните возила изгледаат далечни.
Новите технологии секако отвораат и нови можности, иако колку понапредна ќе станува вештачката интелигенција поактуелно ќе биде прашањето за колку од овие нови позиции луѓето се посоодветни од машините.







