Како најнов наслов од познатиот серијал на Ishtar Games, Dead in Antares се залага вешто да ги спои стратешките елементи со менаџирање ресурси и RPG механики. Со приказна која започнува како грандиозна спасувачка мисија, а потоа се претвора во брутална битка за сопствен опстанок, ќе навлезете во волшебен свет полн со неочекувани опасности.

Dead in Antares се одликува со комплексен систем на менаџирање каде секој аспект е меѓусебно поврзан. Уште на самиот почеток сте принудени да внимавате на основните потреби на вашиот тим – да бидете сигурни дека има доволно храна и вода, но и да не се премногу исцрпеност, како и да се ментално здрави. За да успеете да се изборите за вашата сенка под сонцето имате на располагање над 20 различни работни станици (и нивни соодветни надградби). Голем дел од станиците се градат, односно надградуваат преку користење остатоци од вашиот уништен брод, како и преку собирање на ресурсите што се во вашата непосредна близина. Сеопфатниот RPG систем на прогресија, пак, ќе ви дозволи усовршување преку 130 различни надградби. Ликовите, од друга страна, напредуваат преку стекнување искуство и развој на вештини.

Наведените механики се одлично вклопени во светот и константно ја наградуваат вашата љубопитност и истрајност, допринесувајќи до комплексно и крајно забавно искуство, нешто што особено доаѓа до изражај која ќе го откриете длабокиот фокус на меѓучовечките односи. Секој од десетте карактери има уникатно минато, амбиции и особини кои директно влијаат врз развивање на вашите стратегии. На располагање имате над 135 различни дијалози кои произлегуваат од бројните интеракции, вашите одлуки, обликуваните пријателства, ривалства, па дури и предавства. Огромен акцент се дава на транспарентност, а максимално се затегнува зависноста од случајните реакции. Благодарение на ова, имате попрецизна контрола при долгорочното стратешко планирање.

Како што напоменавме на почетокот, светот е приказна сама за себе. Антарес Прајм е планета која има вдомено разновидни средини како бујни џунгли, вулкански пустини и кристални шуми. Но, тоа што е убаво, не значи и дека не е опасно. Порано или подоцна, вашите експедиции ќе ве принудат да се соочите со две локални фракции кои со генерации војуваат меѓу себе. Како и другите аспекти, така и тука фракциите не би можеле да бидат поразлични. Од една страна ги имате домородните суштества кои се високо адаптирани на екосистемот, а, од друга – древните вонземјани кои се потпираат на заборавени технологии. Вашите избори ќе одредат дали конечно ќе успеете да ги обедините овие фракции или пак еднаш-засекогаш ќе ги разделите. Надвор од читање текст и донесување одлуки, ќе мора и да ги засукате ракавите и да ги откопате ратните секири. Кога конфликтот е неизбежен, Dead in Antares преминува во потезен тактички систем каде се искористат преку 60 различни борбени вештини, како и новата механика Power Surge. PS се моќни ултимативни способности кои, погодувате, се специфични за секој лик.

Уникатна научно-фантастична атмосфера
Dead in Antares го опсипува вашето визуелно сетило преку рачно нацртана 2D графика, давајќи посебен карактер и автентичност на секој пејзаж и лик. Аудио имерзијата, пак, го следи истиот висок стандард преку извонредната музичка подлога на композиторот Антоан Бушериха. Музиката е создадена со помош на модуларен систем кој динамично се прилагодува во реално време во зависност од вашите акции. Мераци.

Dead in Antares е амбициозно продолжение кое дава посебна димензија на survival механикитe. Доколку и пружиуте шансата, впечатливата кампања и петте различни краеви ќе ве наградат со огромна преигрувачка вредност. Нека не ве плашат бројните механики, дури и да не играте вакви игри, имате на располагање четири нивоа на тежина. Независно од тоа, Dead in Antares е игра која бара тактичко размислување, наградува паметно менаџирање и нуди длабоко емотивно искуство низ секојдневната борба за опстанок.







