Првата сезона на реалното шоу за стартапи и акцелератор “The Founder Games“ привлече околу 30.000 домаќинства при емитувањето на Телма, а само во истата недела платформата забележа 1.250 посети. Според организаторите, ваквиот силен интерес го потврдува постоењето на регионална публика која сака автентични претприемачки приказни и директен увид во процесот на градење компании.
„Овие резултати за нас се повеќе од бројки. Тие покажуваат дека и во нашиот регион постои вистинска публика што сака автентични претприемачки приказни,“ во изјава за IT.mk објаснува Сања Митровска, основач и извршен директор на “The Founder Games“.

Според Митровска, реакциите од јавноста биле исклучително позитивни.
„Најубавите реакции се токму од луѓе што не ги познаваме – спонтани LinkedIn статуси, радио реклама на Фортуна за која ни кажаа гледачи, како и бројни медиуми што својствено објавија за шоуто. Но најслатката реакција беше од петгодишно дете што секој ден го гледа шоуто и веќе има свој фаворит. Ако преку овој формат влијаеме барем малку на следната генерација претприемачи, тогаш сме на вистинскиот пат.“ додава таа.
Мисија: подготовка на основачи, не само поврзување со инвеститори
“The Founder Games“ произлегува од долгогодишната работа на Networker, стартап што во меѓувреме еволуираше во venture studio кое гради стартапи од нула и ги подготвува основачите за инвестиции. Митровска објаснува дека примарниот проблем на основачите не е пристапот до капитал, туку подготвеноста.
„Мене лично ми недостасуваа успешни локални примери и меѓународни врски – не само со инвеститори, туку со вистинските луѓе кои би можеле да ми отворат врати. Не е сè до парите; се работи за запознавање на вистинските луѓе во индустријата.“
До денес, “The Founder Games’ има поминато огромен пат низ регионот – од Полска до Турција – и работи со преку 40 стартапи и има две сезони (од која првата е пилот сезона) зад себе.
Тимот најавува дека следната сезона ќе понуди уште поинтензивни предизвици за основачите и подлабок увид во нивната работа.

„Во претстојните епизоди гледачите ќе имаат можност да видат уште посилни предизвици, искрени моменти на притисок, но и ситуации во кои основачите го надминуваат стравот и го прават вистинскиот ‘камбек’. Нашата мисија останува иста – да ја доближиме претприемачката реалност до јавноста и да инспирираме повеќе млади да веруваат дека и нивната идеја може да стане следната голема приказна,“ вели Митровска.
Мегалуксузна јахта домаќин на следната сезона
Новитетот е најавата дека идната сезона ќе се одвива на мегалуксузна јахта, како дел од тримесечна акцелераторска програма каде секој чекор ќе биде снимен.

Победниците и најистакнатите учесници ќе се борат за парче од инвестицискиот колач вреден 300.000 евра, билет што ги носи директно во срцето на глобалната иновациска сцена – Силиконската долина, како и силно медиумско присуство што ќе им обезбеди регионална видливост и препознавање меѓу стартап заедницата.
Право на учество имаат стартапи во најраните фази – pre-seed или seed – кои веќе имаат MVP или се на не повеќе од сто дена од неговото финализирање. Индустриската покриеност е широка, опфаќајќи решенија од областите AI, BioTech, EdTech, SaaS, FinTech, Robotics, IoT, Hardware, MedTech, Software, Electronics, Telecommunications и Circular Economy. Најважното, сепак, е јасниот пат до профитабилност и целосната посветеност на основачите, бидејќи сервисни и агенциски модели овој пат не се прифаќаат, потенцираат организаторите.







