Мапирањето на ИТ индустријата во Македонија открива дека MySQL полека го губи бројот на корисници при примарен избор на датабаза. Споредбено со резултатите од мапирањето во 2019-та, во 2022-та MySQL, иако сѐ уште на првото место, бележи пад од 1.09% процентни поени. Можеби процентот не делува голем, но ако се земе предвид порастот на PostgreSQL од 6.67% процентни поени, тогаш лесно може да се заклучи дека PostgreSQL е на добар пат да доминира во вертикалата.
PostgreSQL има најголем пораст во користење кај македонските програмери во однос на 2019
Според резултатите, топ 5 датабази кои се користат за најголем број проекти се Orаcle на петто место, MongoDB на четврто, PostgreSQL на трето, SQL Server на второ и MySQL на прво. Сепак, од сите, само MongoDB и PostgreSQL бележат пораст во однос на резултатите од 2019.

На што се должи овој пораст и дали можеби ова е само навестување на позначајни промени, разговаравме со доц. д-р Ристе Стојанов, Продекан за настава на ФИНКИ.

На што сметаш дека се должи зголемувањето на популарноста на PostgreSQL?
Ристе: “Мое лично мислење е дека PostgreSQL е во подем затоа што е стабилна база на податоци, која е соодветна за широк спектар на апликации, од мали до големи. Сметам дека во претходните години PostgreSQL има земено дел од колачот од платените бази на податоци, како Oracle и Microsoft SQL Server, но и значителен дел од пазарот на бесплатниот MySQL.
Причината за избор на PostgreSQL пред платените бази на податоци е пред сѐ цената. PostgreSQL е бесплатен, а на ниво на функционалности е споредлив со Oracle и SQL Server. Покрај цената, PostgreSQL има огромна заедница зад себе, со што се овозможува поддршка и релативно лесно адаптирање за секоја употреба. Од друга страна, превземањето на MySQL од страна на Oracle резултираше со доста промени на техничко ниво и промена на конекторите и библиотеките за поврзување во поновите верзии. Овие промени, како и чувствата на заедницата која го користеше MySQL кон Oracle придонесе голем дел од развивачите на апликации да се одлучат за идеолошки поблиската конкурентска варијанта на MySQL, односно PostgreSQL.
Последната причина што јас ја гледам е лесна инсталација и компатибилност наназад. Тоа беше причината зошто јас лично во рамки на предметот Веб Програмирање преминав од MySQL на PostgreSQL. PostgreSQL се покажа како поедноставна варијанта за образовни предмети. А можеби и големиот број на студенти што поминале низ предметот, ја направиле разликата :)”

Дали се очекуваат поголеми поместувања во сегментот на датабази и зошто да/не?
Ристе: “Ако зборуваме за релационите бази на податоци, не очекувам некои преголеми промени. Пред сѐ затоа што во оваа област имаме стабилни продукти кои се пороверени и веќе долги години во продукција. Единствено можеби поголемо парче од пазарот би освоиле нерелационите бази, како MongoDB, поради специфичните предности кои ги имаат во одредени сегменти над релационите бази.”
Дали сметаш дека резултатите од анкетата се релевантни и блиски до праксата?
Ристе: “Резултатите на анкетата се реални и очекувани. Големиот број на учесници во анкетата всушност дава реална слика за македонскиот IT сектор.”
Кое е твоето мислење за мапирањето во целина?
Ристе: “Ова е супер иницијатива и ваквите истражувања треба да продолжат во иднина. Резултатите од овие анкети ни овозможуваат да дознаеме каква е вистинската слика во IT секторот и соодветно да се позиционираме. Конкретно, овие истражувања на нас како професори ни помагаат да можеме и соодветно да ги прилагодиме наставните содржини на потребите на индустријата.”

Сакаш да дознаеш повеќе за ИТ индустријата во Македонија?
Провери го најновото Мапирање на ИТ индустријата во .мк – издание 2022
Loading new replies...







