Ран преглед на македонската игра Solbane

Бројот на ретро шутери кои потсетуваат на преубавите аркадни искуства од 80-тите и 90-тите години ги има за извоз и скоро секоја од игрите се труди на еден или на друг начин подобро да ги копира најдобрите елементи од овој жанр. Но, македонската игра Solbane на битолското студио Odime не се задоволува само со копирање, туку го надградува жанрот и го еволуира со комплексни RPG механики кои тектонски го поместуваат искуството и му даваат свежа и уникатна димензија.

Solbane нема да ве импресионира со скромната приказна која генерично се раскажува преку кратки текстуални дијалози, но графиката, звукот и гејмплеј механиките допринесуваат до висок фактор за забава и вредност на преигрување.

Solbane е игра во која си ги одмерувате силите против најразлични босови (читај: значително посупериорни противници). Секој од босовите има уникатни движења, способности и моќи, а како му го одземате здравјето така го принудувате босот да си ги преиспитува тактиките и да имплементира попредизвикувачки офанзивни методи. Но, ни вие не сте за потценување и вашата класа знае да биде несопирлив извор за деструктивна моќ!

Играјќи со една од три внимателно осмислени класи, пресметките против босовите знаат значително да се разликуваат. Имено, во Solbane основното пукање е автоматско и проектилите кои ги исфрлате се насочуваат во правецот на вашата стрелка. Но, секоја од трите класи се одликува со уникатни активни и пасивни способности кои ви даваат огромни предности на бојното поле.

Па така, играјќи со класата Aggressor издвојувате победа така што активирате способности како разорен чекан кој се врти околу вас или се упатува кон непријателот, деструктивно поле, експлозивни проектили и ред други работи кои најдобро функционираат кога сте во непосредна близина на непријателот.

Интересен е балансот кој се воспоставува, односно за активирање на способностите трошите дел од вашето здравје, но истото го обновувате со успешни погодоци со основните проектили. На овој начин, внимателно го темпирате вашето приближување и го бирате моментот за активирање на моќите. Како напредувате низ играта така отклучувате најразлични способности.

Од 10 такви способности, на бојното поле можете да понесете до четири, но на располагање имате 1 од 8 пасивни способности кои го зголемуваат вашето здравје или пак вашите офанзивни или дефанзивни способности. Згора на ова, преку одделот Upgrades дополнително собирате и трошите поени кои ја прават вашата класа посилна, поопасна и поефикасна.

Solbane мајсторски го има изведено целиот систем со надградби и константно ве охрабрува да играте, се со цел да станете подобри и на поразличен начин да им ставите крај на непријателите. Паралелно со ова, ниедни два боса немаат исти тактики и потребно е да бидете ок со одново и одново умирање, барем додека не си ги подобрите рефлексите, не им ги научите тактиките и не ги усовршите способностите.

Како скокате од една на друга планета, реално е чувството на напредување и класата станува блиску до несопирлива сила, но сепак доволно ранлива за да се одржува предизвикот. Во моментот кога тоа ќе ви здосади, не заборавајте дека на располагање имате уште две класи кои се целосно различни од класата со која сте играле и се одликуваат со друг подеднакво импресивен арсенал од способности и моќи.

За имерзивноста во Solbane дефинитивно помага и симпатичната, но минималистичка ретро-инспирирана графика, како и одличната музичка подлога која суптилно се провлекува низ целото ваше искуство и помага да се чувствувате како навистина да сте во уникатен sci-fi универзум. За жал, максималната резолуција е 1920 x 1080 и од визуелна гледна точка, играта страда доколку ја играте на поголем монитор кој поддржува повисоки резолуции.

Нема никакво сомневање во квалитетот на Solbane. Македонскиот тим Odime Games се имаат потрудено да создадат квалитетен и забавен продукт во кој е инвестирано многу време и знаење. Но, не можеме, а да не помислиме дека играта би била значително подобра кога би имало и легија од непријатели помеѓу босовите. Разбираме дека Solbane е осмисленa да биде игра со босови и јасно ни е дека доколку би имало и бројни непријатели помеѓу нив тогаш тимот би бил соочен со проблематични компромиси, особено во прераспределба на ресурсите. Или пак, едноставно тоа не е нивната визија.

Независно од причината, Solbane има комплексни гејмплеј механики и паметно дизајнирани босови, но она што нема е лепилото што ги врзува овие две работи. Иако сме сигурни дека има публика која ќе го цени скокањето од бос на бос, нашиот впечаток е дека нешто фали, а тоа се моментите пред босовите и користење на нашиот деструктивен арсенал против бранови од непријатели кои хаотично го поплочуваат патот до судбоносната битка со титаните.

Доколку уживате во шутери од ваков калибар, тогаш Solbane дефинитивно треба да биде на вашиот радар. Играта излегува на 31 март, после две години работа на неа. Во случај да ве интересира повеќе за играта и за тимот кој стои зад неа, останете со it.mk затоа што веќе работиме на интервју со претставник од тимот!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments