Кој го сопира маршот на роботите

Индустријата за производство на роботи и погоните кои ги користат се наоѓаат во трансформативно време. Секој сектор, од „автоматизирани раце“ во фабричките погони, до многу очекуваното пристигнување на хуманоидни роботи, е пред некаква иновација. Овие напредни машини доаѓаат со големи ветувања за револуција во производството, логистиката, здравството, па дури и како помошници во нашите домови. Неочекувано, скокот во роботиката е пред непредвиден предизвик. Проблемот се зголемените царини на кои ниту роботите нема да им „избегаат“. Овие економски мерки фрлаат сенка врз целиот технолошки сектор. Царините имаат потенцијал да ja забават употребата на оваа, но и сите други футуристички технологии.

Од материјали до електроника

Производството на роботи, без оглед на нивната специфична примена, е дел од сложена мрежа од компоненти и суровини од целиот свет. Од софистицираните сензори кои им овозможуваат на роботите да ја перципираат нивната околина, до моќните актуатори кои овозможуваат движење и манипулација и специјализираните чипови кои се своевидни мозоци на роботите.

Роботите се сложени машини кои во еден дел постојат благодарение и на  глобалната иновација. Воведувањето царини на било кој дел се претвора во зголемување на трошоците за производство на роботи. На пример, американските царини на клучните роботски компоненти како сензори и актуатори ќе ги зголемат трошоците за производство за 10 до 15 проценти, пишува Robotics Tomorrow. Слично, производителите на роботи управувани од вештачка интелигенција во САД ќе имаат зголемени трошоци за производство поради царините на увезените компоненти и на целосно склопените роботи.

Дел од „Царините на Трамп“ се и клучни компоненти важни за хуманоидните роботи. Дел од нив се напредни сензори, актуатори и специјализирани чипови. Најголем дел од нив се произведуваат во Кина. Проблемот, дополнително го усложнуваат царините од април 2025 година во висина од 10 проценти.  Со оваа царина се  погодени добавувачи на компоненти од Кина, но и Тајван и Јужна Кореја.

Дури и роботските производи и компоненти кои се означени како „Произведено во САД“ речиси по правило зависат од делови и материјали набавени од Кина. Тоа значи дека царините на овие основни елементи делуваат како данок на сите материјали. Поради ова, се зголемуваат вкупните трошоци за производство.

Царината на електроника не е единствената причина поради која поскапуваат роботите. Покрај електрониката, со царините се зафатени и суровини како челик и алуминиум. Овие материјали се користат за изработка на „рамките“, рацете, арматурата и останатите делови  на роботите. Со оглед на глобалната поврзаност на синџирот на снабдување на роботската индустрија, царините воведуваат зголемени трошоци во повеќе фази од производството. Ова на крајот ги прави роботите поскапи за бизнисите кои сакаат да инвестираат во автоматизација. Висината на дополнителните давачки во овој случај може да достигне и до 25 проценти.

Царините ги нарушуваат постоечките синџири на снабдување

Непреченото функционирање на роботската индустрија се заснова на меѓународни синџири на снабдување. Овие логистички операции се поставени за да го олеснат навременото и економично доставување на широк спектар на специјализирани компоненти. Меѓу нив, најважни се актуаторите, елементи кои ја претвораат електричната енергија во механичко движење, и прецизните лежишта, кои обезбедуваат лесно и прецизно движење во роботските зглобови. Производството на хуманоидни роботи,  се потпира на сложена меѓународна мрежа која вклучува значителен придонес од земји како Кина, Јапонија и Јужна Кореја. Секоја од овие држави е специјализирана за различни делови на роботското производство.

Кина е  најголем снабдувач на материјали и компоненти кои се користат во актуаторите. Цената на актуаторите може да достигне половина од вкупните трошоци за материјали во производството на роботи, вели Bank of America. Воведувањето царини ја нарушува испораката на овие компоненти и материјали преку меѓународните граници, принудувајќи ги роботските компании итно да бараат и ако можат да воспостават соработка со алтернативни добавувачи. Друго решение е да ги преселат своите производствени операции во нови држави. Сепак, тоа е бавен, скап и тежок потфат за многу компании.

Проблемите предизвикани поради новите царини се манифестираат како доцнење во набавката на потребните делови, продолжени рокови за испорака на компоненти и како последица, зголемување на вкупните трошоци за производство на роботи. Несигурната економска ситуација поради новите и можните идни промени во царините создава големи проблеми за компаниите што работат со роботи. Увозните делови стануваат поскапи, па компаниите се двоумат дали да инвестираат. Ова може да резултира со промени во производството или привремено запирање на работата.

Системот на производство „точно навреме“, кој многу индустрии што користат роботи го применуваат (на пример, автомобилската), е чувствителен на сите проблеми со испораката. Конечно, царините може да доведат до застој во производството и доцнење на проектите. Трошоци ќе бидат дополнително повисоки поради потребата да се чуваат поголеми залихи.

Индустриските роботи долго време се клучни за поттикнување на автоматизацијата, особено во сектори како автомобилската индустрија. Сепак, сегашната ситуација донесе неизвесност во овој претходно стабилен пазар. Производителите на автомобили, се најголеми купувачи на индустриски роботи. Сега се во центарот на царинскиот спор и промени во трговската политика.

Неизвесноста што произлегува од тарифните политики на Вашингтон создава несигурност и низ фабричките погони. Малку компании се подготвени на значителни проширувања или надградби на нивната постоечка опрема кога изгледите за идните продажби на возила остануваат нејасни или потенцијално негативни. Овој претпазлив пристап е забележлив и во секторот за автоматизација на магацини. Потенцијалните клиенти се сè повеќе загрижени за последиците од царините. Поради ова ги одложуваат големите проекти за автоматизација. Ова придонесува за подолги продажни циклуси, пишува Supply Chain Drive.

Еден од најинтересните модели за разгледување кога се во прашање влијанието на повисоките царини е автомобилската. Чувствителноста на автомобилската индустрија на економските промени и нејзината зависност од меѓународните ланци на снабдување за возила и компоненти ја прават специфичен показател за влијанието што царините ќе го имаат врз брзината на усвојување на индустриски роботи, и целокупниот интерес за автоматизација во производството. S&P Global Mobility ја намали прогнозата за продажба на нови возила во САД за периодот од 2025 до 2027 година. Нивно предвидување е дека „високите царини ќе станат доминантна карактеристика на иднината на индустријата“.

Жртви на царините се и хуманоидните роботи

Последните неколку години највозбудлива и најинтересна област во секторот се хуманоидните роботи. Причината за ова е веројатно бидејќи доаѓа со ветување за роботи способни да извршуваат задачи слични како луѓето. За жал, и тие се соочуваат со потенцијални предизвици од новата царинска реалност. Компании како Tesla, со својот амбициозен проект Optimus се соочуваат со потешкотии. Но и  кинескиот производител на хуманоидни роботи UBTECH, не е поштеден. Директорот на Tesla, Илон Маск, призна дека има проблеми во обезбедувањето на клучни компоненти. Дел од компонентите кои ги потенцира се перманентни магнети од Кина, за хуманоидните роботи Optimus. Повисоките трошоци на овие специјализирани компоненти, или неможноста да се обезбеди нивно снабдување поради трговските ограничувања, може значително да го попречи напредокот и амбициите на американските компании кои развиваат хуманоидни роботи.

Кинескиот конкурент на Tesla и еден од најголемите производители на хуманоидни роботи UBTECH направи корекција на предвидувањата. Тие ги намалија своите прогнози за испорака на индустриски хуманоидни роботи. Прогнозите се загрижувачки за краткорочните изгледи за раст на хуманоидните роботи во клучните области на примена како што се фабриките, болниците, па дури и домовите. Ова секако ќе влијае и на оптимистичките очекувања на Маск и другите ентузијасти во оваа област. Долгорочниот потенцијал на хуманоидните роботи да ги трансформираат индустриите и секојдневниот живот останува непроменет. Сепак, воведувањето царини на специјализирани компоненти, напредни материјали и критични технологии е значителна пречка на краток до среден рок. Трговската војна ќе ги забави иновациите и ќе ги зголеми трошоците за развој. Ова на крај ќе го помести рокот за поширока примена.

Влијанието на царините врз роботската индустрија не се чувствуваат еднакво насекаде. Различни земји и региони со значително учество на пазарот на роботика доживуваат различни степени на влијание и усвојуваат различни стратегии како одговор. Кина е најголем единствен пазар за роботи во светот. Над половина од сите роботи на глобално ниво се инсталирани во Кина. Тие имаат водечка позиција во производството на индустриски роботи и заедно со САД го делат првото место во развојот на хуманоидни роботи.

Регионот на Азија-Пацифик, кој ги опфаќа Кина, Јапонија и Јужна Кореја, е директно погоден од царините воведени од САД. Царините ќе доведат до зголемени трошоци за производителите и нарушувања во воспоставените синџири на снабдување. Северна Америка, со САД ќе го почувствува влијанието на царините. Регионот би можел да се соочи со забавување на прифаќањето на роботиката поради повисоките оперативни трошоци кои произлегуваат од зголемените цени на увезените компоненти. Во Европа, Германија е водач во индустриската автоматизација. И тие ќе мораат да пронајдат соодветно решение за новата трговска реалност и импликациите на царините.

САД и западните економии се борат со предизвиците што ги поставуваат царините за нивните амбиции во областа на роботиката. Истовремено доминантната позиција на Кина како најголем пазар и главен производствен центар за роботи, заедно со силната владина поддршка за секторот, има малку поголема слобода, и може да обезбеди одреден степен на отпорност.

Закана или поттик

Во индустријата преовладува чувството дека царините претставуваат значителна закана за широката и навремена примена на оваа трансформативна технологија на глобално ниво. На долг рок трговските бариери би можеле да придонесат компаниите да инвестираат во развој на домашни погони. Дополнително, ќе бидат поттикнат иновации и развој во нивните држави, велат аналитичарите од Markets and Markets.

Истовремено потенцијалното забавување на користењето на роботите предизвикано од царините би можело, на краток рок, да доведе до зачувување на повеќе работни места. Компаниите може да се двоумат да инвестираат во автоматизација ако трошоците се зголемени од увозните давачки. Како одговор на предизвиците што ги претставуваат царините, производителите работат на нови решенија насочени кон ублажување на негативните влијанија. Дел од нив вклучуваат барање нови, алтернативни извори за компоненти, истражување на финансиската оправданост за враќање на производствените операции во домашните пазари и зголемување на нивните инвестиции во истражување и развој за да се најдат економични алтернативи и иновативни решенија.

Можеби изненадувачки е тврдењето на дел од експертите кои сугерираат дека долгорочниот ефект на царините може да биде забрзување на усвојувањето на технологиите за автоматизација. Размислувањето е во насока дека царините ги зголемуваат трошоците и на увезените стоки и на работната сила. Компаниите ќе бидат сè повеќе мотивирани да инвестираат во роботи и системи управувани од вештачка интелигенција како средство за компензирање на овие повисоки оперативни трошоци и одржување на нивната конкурентност.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk