Веќе традиционално, на секои две години правиме истражување преку кое ја мапираме македонската ИТ индустрија. Почнавме во 2019-та, повторивме во 2022-ра, и сега го отпочнуваме третото издание за 2024-та.
Истражувањето насловено “Мапирање на ИТ индустријата во Македонија” преку метод на анонимна анкета дава корисен фидбек за индустријата во земјава. Резултатите се споделуваат јавно – пример за истражувањето од 2022-ра во кое учествуваа повеќе од 2.000 ИТ професионалци, резултатите се споделени и достапни на овој линк.
Истражувањето дава добар пресек на движењата и трендовите во локалната ИТ индустрија, која иако се согласуваме дека не е далеку од глобалната ИТ сцена, сепак сметаме дека има свои специфики. За да го направиме истражувањето што е можно подобро, ни треба твојата помош преку пополнување на анонимна анкета која ќе ти одземе 5-10 минути!

Анкетата ќе ни помогне да дефинираме кои трендови, технологии, алатки, навики, работни позиции, квалификации, желби, проблеми и соодветно на тоа примања според сите тие класификации се присутни на пазарот. Истата е поделена на повеќе сектори и соодветно на избор на секторот во првиот чекор, ќе добиете листа на прашања од тој сектор.
ПРИКЛУЧИ СЕ ВО ИСТРАЖУВАЊЕТО
(анкетата ќе ти одземе 5-10 минути)
Процесот на прибирање на податоци за истражувањето го планираме да трае иницијално 4-5 недели, зависно од заинтересираноста и тоа колку луѓе ќе одговорат, а ако побрзо дојдеме до таргет бројката (~2.000+ испитаници) побрзо и ќе го комплетираме прибирањето и ќе се префрлиме во следната фаза – обработка (3-4 недели) и после тоа резултатите ќе ги презентираме јавно – бесплатно!
Истражувањето ќе има три клучни процеси:
- Прибирање на податоци
преку https://it.mk/mapiranje (преку промоција и покана до компании, групи и сл.) - Обработка на податоци
во соработка со Data Masters - Објавување на податоци
бесплатно на IT.mk
Податоците ќе бидат достапни и во RAW формат – бесплатно за академскиот сектор и индивидуалци кои ќе ветат дека нема да ги користат за комерцијални цели. А за комерцијално користење ќе има можност да се закупи комерцијална лиценца која ќе дава права за користење во такви цели без ограничувања. Исто како што правевме и изминатите години.
Она што е многу важно е дека истражувањето е АНОНИМНО бидејќи прашуваме и бројка за нето примања. Како алатка за прибирање на податоците ќе ја користиме Google Forms, а од сите вас бараме да играте фер-плеј и заедно да придонесеме кон податоци кои утре сите ќе може да ги користиме.
Како и изминатата година, партнери во истражувањето ни се Data Masters, консултантска компанија основана во 2018 година во Скопје специјализирана во областа на Data Science.







