За време на викендот Rockstar никако не сакаа да си седат мирни и ги задеваа фановите со нешто што би можело да произлезе во најава за Red Dead игра.
Во моментот, ништо не е официјално и само се шушка дека наредната недела би можело да има трејлер за Red Dead. Ова, само по себе, и не е голема работа затоа што за нова игра се зборува подолго време, но издавачите Rockstar решија додатно да си поиграат со емоциите на фановите и викендов го сменија сајтот, како и Twitter и Facebook аватарите и банерите во нешто што никако не би можело да се игнорира.
Црвено-црната тема може да значи една од две работи: Или подлегнавме на притисокот од исчекувањето и сега немаме попаметна работа па бараме игла во сено или (а ова е големо или), Rockstar конечно решија да го обелоденат нивниот најнов RDR проект. Да кажеме, барем за момент, дека е ова второто, за каков проект тогаш би можело да се работи?
Се шепотеше за продолжеток на хитот од 2010-та година кој, всушност, би се одвивал пред приказната во првата игра. Rockstar дури и признаа дека макотрпно работат на возбудливи, идни проекти за кои ќе дознаеме нешто набргу. Но, ваквото подбуцнување би можело да алудира и на ре-издавање на играта за најновата технолошка генерација; вториот чекот по неодамнешната компатибилност на RDR со Xbox One. Дека таквото нешто е еднакво профитабилно за издавачите зборува и фактот дека овозможување на компатибилноста ја зголеми продажбата на RDR за 6000%!
Што вие мислите? Иако не радува помислата за нова Red Dead Redemption, ние првин би сакале една од најдобрите игри да излезе и за PC, a потоа да се премине на двојката. Од друга страна, си земаме за слобода и потајно да се надеваме дека Rockstar би можел да не израдува со модел кој би бил сличен на тој за најновата Modern Warfare и да ни понудат ремастер верзија на првата игра со купување на двојката. Како и да е, сигурно ќе се сложите дека без мечтаење, светот би бил исклучително здодевно место. :)
п.с. За тие што го читаат текстот и не им е јасно зошто една обична најава за игра би кренала толкава врева, ѕирнете го видеото: