Mитко Цабевски беше претставен како „стартап гуру“ на четвртиот Startup Grind Skopje. Ова признание не му е доделено бидејќи знае куп совети за стартапи, туку бидејќи го има поминато тој пат од идеја до продавање на продукт на инвеститори. Митко започнува во Vip каде од работа во Контакт центарот станува менаџер за иновации. Потоа го напушта операторот за да се фокусира на стартапите и успева да креира два одлични продукти – локацискиот магазин Ambio.me, и од неодамна хардверскиот стартап U:plug, за кој има добиено 25.000 евра од акселераторот Eleven. Неговата презентација на Startup Grind беше за како да дизајнирате успешен продукт, и ова се неговите совети:
- Што е иновативност? За да бидете иновативни треба да ја демистифицирате иновативноста. Не треба да мислите дека не сте креативни, дека не сте иноватори. Треба да разберете што треба да се направи. Facebook, Google, Apple и други едноставно ги поврзаа работите, го искористија тоа што веќе постоеше за да креираат нешто ново и интересно.
- Зад секоја успешна приказна има неуспешни обиди. Во медиумите читаме само за успешни приказни и затоа постои страв дека нема да се успее, дека ќе бидете отрфлени. Но, ова е типичен македонски менталитет – најди сигурна работа да си добиваш пари секој месец. Тоа треба да се отфрли и да се прифати ризикот. Мора да бидете решителни и да сте убедени дека вашиот продукт е добар, и дека ќе успеете. Секако дека нема да појде од рака од прв пат, и ќе имате неколку неуспешни обиди, но од тоа ќе научите многу. „Многу грешки. Не се ни сеќавам веќе колку грешки направивме“, вели Митко.
Сериозен настап на @mitcome на #startupgrindskopje. Зборуваше дека треба самодоверба во презентац… те. стартапот :) pic.twitter.com/1jQXcb1WnN
— IT.com.mk (@IT_info) December 17, 2014
- Продуктот мора да биде „убав и емотивен“. Потрудете се да имате дизајнерски момент кој ќе го направи вашиот стартап да изгледа убаво и професионално. Apple и iOS апликациите го поставија стандардот да се има убава апликација, и ќе мора да се потрудите да ги исполните очекувањата. Но, дизајнот е само еден дел. Ќе мора емотивно да ги поврзете корисниците, да им дадете чувство дека тие постигнуваат нешто со вашиот продукт.
- Бирајте ги вашите инвеститори. Стартап сцената е интересна и привлекува „wannabe“ инвеститори кои сакаат да се вклучат во нешто ново. Но, барајте инвеститор кој ќе придонесе, кој ќе даде вредност на вашиот продукт со нешто што не може да го направи вашиот тим. Барајте „smart money“. Но, барајте инвеститори како да не ви требаат пари. Паметен инвеститор ќе забележи ако сте очајни за пари.
- Креирајте тим со пасија. Ако членовите од тимот не се возбудени за продуктот, тогаш залудно ќе трошите ценето време да ги мотивирате. Митко не е техничко лице, тој е правник, но успева да работи со стартапи бидејќи ги бира луѓето кои ги надополнуваат неговите вештини. Не секогаш успева да креира совршен тим, но ги бара луѓето кои имаат желба да работат на идејата.
- Таргетирајте САД или Европа. Двете сцени се многу различни според интересите на инвеститорите. Во Европа се бара традиционален бизнис план, од каде ќе дојдат парите. Во САД пак прво се гледа на бројот на корисници. Затоа и стартуваат сервиси како Instagram и другите кои градат база на милиони корисници, а потоа воведуваат класичен бизнис со реклами.
- Не пичувајте со традиционална презентација. Покажување неколку слајда и класичен бизнис план веќе не е доволно. Сега се бараат приказни да покажете нешто повеќе. Кажете зошто го работите стартапот, внесете анегдота од каде ви дојде идејата, и објаснете како ќе му помогнете на корисникот.
- Имајте самодоверба. Ако вие не верувате во вашиот стартап, тогаш никој нема да верува. Инвеститорите ќе забележат дека имате сомнежи за вашиот продукт. Затоа бидете сигурни дека вашиот стартап може да биде најдобар во светот. Колку вие всушност верувате во вашиот стартап?
bravo