„Не ги прават авантурите онака како што некогаш ги правеа.“ Ова е мислење кое го делат бројни ветерани, особено оние кои гејмаа во златните деведесети години на минатиот век.
Играта Riven излезе на 25 јуни 2024 година и за исклучително брзо време успеа да ги освои и критичарите и гејмерите. Се работи за целосен, чистокрвен римејк на истоимениот хит од 1997 година.
Инди студиото Cyan Worlds Inc, истото студио кое стои зад култниот серијал Myst, има направено вистинско ремек дело, запрепастувачки добра реинкарнација која можете да ја искусите во или без VR.
Riven е за авантурите она што е Dark Souls за, па, souls-like жанрот
Како верен римејк на оригиналната игра, Riven (2024) никако не ве држи со рака. Втурнати во преубав, но крајно мистериозен свет, имате за задача да истражувате криптични места, да решавате загатки, да ги најдете одговорите на сите ваши прашања и, со „малку среќа“, да се вратите назад во вашиот свет. Под малку среќа мислиме многу тапкање, многу експериментирање и челични нерви. Riven е олицетворение на мистериозност. Често нема да знаете каде да одите, што да правите, како да ги толкувате бројните симболи и како да управувате со збунувачките механизми.
Како и со оригиналот, така и оваа игра не потсетува на копање карпест тунел со пластична лажица. Често пати вашите напори се чинат безначајни, но, тука-и-таму ќе успеете да оставите траг и да направите мал чекор напред. Кога тоа ќе се случи, чувството е бесценето и целосно се полните со неспоредлива еуфорија за достигнување. Бројните загатки се осмислени со одредена логика, но за да ги откриете правилата на таквата логика и за да ги правилно примените потребно е многу експериментирање. Токму поради тоа, ќе се чувстувате прекрасно кога конечно ќе го откриете решението кое ве има заглавено со часови во едно место.
Благослов и клетва
Тежината е и клучната причина поради која вакви авантури се вистинска реткост денес. Модерниот гејмер нема доволно нерви и желба да „губи“ време во анализирање и решавање предизвикувачки загатки. Но, доколку сакате да се впуштите во преубав свет полн со паметно осмислени загатки кои се испреплетени во впечатлив наратив, тогаш Riven е игра која би требало да ја проверите, двојно повеќе доколку имате и VR направа. Играта се одликува со едни од најубавите локации, суптилна, но впечатлива музичка подлога и одлично оптимизиран графички енџин.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Cyan Worlds Inc
- Издава: Cyan Worlds Inc
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 25 јуни 2024