Во изминатиов период, потребата од лесно пренослив лаптоп со моќни перформанси е поголема од било кога. Токму поради ова, се повеќе производители нудат вакви уреди, а една од најинтересните опции кои ви се на располагање во моментов е новиот Huawei MateBook D 15. Истиот е дел од неколкуте нови лаптопи на Huawei кои од неодамна се достапни кај нас, и имавме прилика да го користиме неколку дена.
Како компанија, Huawei е основана во 1987 година, а седиштето и е во Женшен, Кина. Иако првичниот фокус бил само на делови за телефони, во моментов Huawei е најголемиот производител на телекомуникациска опрема и електроника. Покрај ова, од неодамна Huawei се на тронот за најмногу продадени паметни телефони. Во периодот од 1997 до 2010 година, Huawei се шири низ целиот свет преку соработки со најразлични компании, како Vodafone, Symantec Corporation, Optus, и други, за да стигнат до кај што се денес. Но, да се навратиме на темата – ова се нашите импресии од MateBook D 15.

Што има во кутијата?
Самото unboxing искуство е релативно едноставно. Добивате кутија со логото на Huawei напред, и спецификациите на лаптопот од левата страна. Во кутијата се наоѓа самиот лаптоп, кој е заштитен за безбеден транспорт. Ќе поразговараме подоцна за дизајнот, но вреди да се спомне дека MateBook D 15 веднаш дава впечаток на солидно изработен уред. Под лаптопот ќе го најдете упатството за употреба, а од страната има уште една кутија, во која се наоѓа USB-C кабелот и адаптерот за полнење.
Дизајнот и изработката се одлични
Една работа која често ја приметуваме кај лаптопи со поскромна цена (под 40,000 денари) е дека производителите се фокусираат на хардверот и перформансите, и не толку на дизајнот. Ова само по себе и не е толку лошо, но поради тоа, често изработката на самиот лаптоп се става во втор план. Ова не е случај со MateBook D 15, кој е изработен од алуминиум наместо пластика, и оддава чувство на премиум уред од самиот момент кога ќе почнете да го користите. Алуминиумот исто така помага и со тежината – уредот тежи килограм и половина, што е значително полесно од конкуренцијата на пазарот.
Дизајнот е релативно минималистички. На горната страна ќе го најдете само Huawei логото, и ништо друго. Кога ќе го отворите, внатре се тастатурата (без нумерички дел), touchpad-от, и копчето за вклучување во кое има вграден читач за отпечатоци. Исто интересен дел се тенките рамки околу дисплејот, кои естетски го прават лаптопот значително попривлечен. Поради нив лаптопот, иако со 15.6 инчен дисплеј, е прилично компактен.

Иако ова е прилично тенок лаптоп (дебелината е нешто под 17 милиметри), Huawei не изоставиле ниту еден важен порт. Од левата страна се наоѓа USB-C портот, кој покрај за пренос на податоци, се користи и за полнење. До него ќе најдете еден USB-A порт, како и HDMI порт со целосна големина. Од десната страна има уште два USB-A портови, како и 3.5mm аудио порт за слушалки и микрофон. Недостасува читач на мемориски картички, но и без него изборот на портови го прави MateBook D 15 прилично флексибилен.
Една некарактеристична работа кај лаптопот е позицијата на камерата. Истата се наоѓа под копче сместено помеѓу F6 и F7 на тастатурата, и е целосно скриена кога не се користи. Ако сакате да ја користите, треба да го притиснете копчето и камерата излегува нагоре. Иако ова е креативен детал кој помага и со приватноста, самиот агол на камерата не е баш најдобар, и би преферирале традиционална поставеност над екранот, па дури и по цена горната рамка да е малку подебела.

Корисниците на Huawei мобилни телефони ќе можат и да ја искористат Huawei Share функционалноста. Лепенката која се наоѓа под тастатурата всушност ви овозможува да го приближите вашиот смартфон, и да го поврзете со лаптопот. Со ова, ќе може да споделувате фајлови помеѓу уредите, и да одговарате на пораки и нотификации преку самиот лаптоп, без користење на кабел.
За крај, звучниците на лаптопот се поставени на долната страна, и имате еден на левиот раб и еден на десниот, со моќност од 2W. Ваквата поставеност може да е малку проблематична доколку го користите лаптопот на мека површина – звучниците ќе се значително потивки. Но, доколку е ставен на маса или на друга тврда површина, истите звучат сосем задоволително, а по потреба може да станат и прилично гласни.
Хардверот е сосем солиден
Кога рековме дека Huawei одат со поинаков пристап, и се фокусираат на изработката, во никој случај не мислевме дека хардверот во MateBook D 15 е лош. Моделот кој го тестиравме доаѓа со AMD Ryzen 5 3500U процесор со четири јадра и осум нитки, и максимална фреквенција од 3.7GHz. Покрај ова, доаѓа и со интегрирана Radeon Vega 8 графичка картичка. MateBook D 15 има и 8 гигабајти RAM меморија, како и SSD со големина од 256 гигабајти. Она што е достапно кај нас е всушност малку појака конфигурација, која доаѓа со Ryzen 7 3700U процесор, интегрирана Radeon Vega 10 графичка картичка, и 512 гигабајти SSD. Останатиот хардвер, како и изработката, се идентични со уредот кој го тестиравме.

Ентузијастите ќе забележат дека ова не е најнов хардвер, а со четиријадрен процесор на уредот што го тестиравме и “само” 8 гигабајти RAM, не е ни најмоќен. Но, MateBook D 15 не е лаптоп наменет за гејминг, ниту за сценарија кои бараат јак хардвер. Наменет е за корисници кои бараат лаптоп за секојдневна употреба, и за тоа D 15 е одличен. Не приметивме никакви проблеми при користење, а лаптопот остана и прилично ладен во текот на употребата.
Тастатурата и touchpad-от се позитивно изненадување
Уште една работа кај која обично има компромис во овој ценовен ранг, кај овој лаптоп тастатурата и touchpad-от се одлични. Самата тастатура е со целосна големина, наместо “збиените” варијанти кои ги добиваме кај други лаптопи, и е одлична за користење. Копчињата имаат доволно од, и целокупното искуство е супер. На десната страна го нема нумеричкиот дел, што за некои е недостаток, а на други воопшто нема да им смета.

Кај тастатурата имаме само две замерки. Првата е недостатокот на позадинско осветлување. Иако за некои ова можеби нема да направи голема разлика, доколку го користите лаптопот во услови со намалена осветленост, позадинското осветлување на тастатурата е скоро задолжително. Втората работа се стрелките за навигација. Иако левата и десната стрелка се со копчиња со целосна големина, стрелките за горе и долу се преполовени во големина, поради што некогаш е тешко да го погодите вистинското копче без гледање.
Touchpad-от е исто така одличен. Површината е мазна, и нема физички одделени копчиња – левиот и десниот клик се наоѓаат во долниот лев и десен агол. Се работи за Windows Precision Touchpad, што значи дека ако користите Windows 10, имате драјвери за истиот, со поддршка за гестови со два или повеќе прсти. Истите може да ги конфигурирате по желба, и работат одлично.
MateBook D 15 доаѓа со IPS екран
Како што веќе спомнавме (и како што кажува името), екранот на Huawei MateBook D 15 е со дијагонала од 15.6 инчи. Соодносот на страните е 16:9, а резолуцијата е 1920×1080, што е стандардно за лаптоп од оваа категорија. Она што е интересно е што панелот е IPS (in-plane switching). Ова значи дека имате прекрасни бои кои се блиску до реалните, како и одлични агли на гледање. Без оглед на тоа од која страна и под кој агол го гледате лаптопот, екранот нуди прекрасно искуство.

Батеријата е задоволителна, но далеку од импресивна
Една од најголемите разлики помеѓу третата и четвртата генерација на AMD Ryzen процесори се подобрувањата во потрошувачката на батерија. Токму поради ова и очекувањата за батеријата на MateBook D 15 не беа премногу високи. Батеријата која ќе ја најдете во лаптопот е со капацитет од 42Wh.
Истата ја тестиравме, при што пуштивме 1080p видео со екранот на 100% осветленост, и звучниците на 70%. Звукот беше и повеќе од доволен, а на лаптопот не правевме ништо друго додека вртеше видеото. Батеријата траеше околу четири часа додека го добивме првото предупредување дека батеријата е ниска, а по вкупно четири часа и четириесет минути, лаптопот се исклучи.
Иако за многу премиум лаптопи ова не е баш импресивно, сепак треба да се земе во обзир дека ова е лаптоп наменет за корисници кои го ограничуваат својот буџет на не повеќе од 40,000 денари. Ако на ова се додаде фактот дека со малку поконзервативна употреба од лаптопот може да се извади барем уште еден час употреба, батеријата е сосем задоволителна.

Заклучок – дали Huawei MateBook D 15 треба да биде вашиот следен лаптоп?
Одговорот на ова прашање може да биде и да, и не, и истиот зависи од индивидуалните потреби на корисникот. Не смееме да заборавиме дека пазарот во оваа ценовна категорија е прилично заситен, и е многу потешко за еден конкретен модел да се истакне. Huawei одат со поинаков пристап, фокусирајќи се на изработката и квалитетот на самиот лаптоп, наместо да го стават најмоќниот хардвер за цената во пластично тело кое не трае многу. Секако, не треба да заборавиме и дека MateBook D 15 доаѓа со лиценциран Windows 10 Home оперативен систем.
Токму поради ова, доколку барате лаптоп за секојдневна употреба на кој нема да правите ништо што бара екстремно моќен хардвер, Huawei MateBook D 15 без потешкотии ќе ги задоволи тие потреби. Исто така, доколку барате лаптоп кој е лесен, одлично изработен и користи квалитетни материјали, Huawei MateBook D 15 е вистинскиот избор за вас.
Напомена: Рецензијата е направена во соработка со Елемент ПР, ПР агенција на Huawei.
Џабе се фура, лаптопот го нема никаде
Поправено, благодарам на забелешката.
Ryzen 5 3500U не е трета генерација Zen процесори туку втора (или дури прва ипол, пошто е со Zen+ јадра).
https://en.wikichip.org/wiki/amd/ryzen_5/3500u