Релаксирачко патување и интригатни загатки се пропратните елементи во шармантната игра Scarf

Размазени од релаксирачкиот гејмплеј и шармантна графика во The Journey, долго и широко баравме слична игра, но ретко некој наслов можеше да го долови истиот шарм. Scarf е многу поразлична игра од The Journey, но сепак не можевме, а да не чувствуваме дека се слични во духот. Овој авантуристичен платформер се одликува со две добитни комбинации – симпатична графика и бројни загатки кои се доволно сложени за да ги предизвикаат сивите ќелии, но не се до тој степен комплицирани за да ве натераат да си ја искубете косата.

Магично патување

Започнувајќи емоционално патување низ три уникатни планети ќе пробате да ја откриете вашата вистинска судбина со магичното суштество Scarf, кое зазема форма на шал или змеј. Scarf е мил сопатник кој со задоволство ќе ве придружува на вашето патување и ќе ви помогне во истражување на световите.

Полека, но сигурно, приказната се дознава од заканувачки монохроматски топки кои се расфрлани низ световите, но само доколку сакате. Приказната никогаш не го презема искуството за истражување и преминување пречки, но знае да биде ценета од гејмери кои сакаат поинтимно да се запознаат со универзумот во кој се наоѓаат.

Скокање, лебдење и лулање од загатка на загатка

Scarf е хибрид помеѓу puzzles и platforming – одлична фузија за сите љубители кои сакаат да скокаат од една до друга загатка. Во играта единствените битки што ги водите се битките со вашиот интелект и слатко мачење за надвладување на инвентивните пречки.

На почетокот, ограничени сте во поглед на движењето и можете само да скокате и да кревате одредени објекти. Вашиот змеј нема само декоративна функција и, низ играта, ќе може да ви помага и за двојно скокање, лулање, лебдење и бројни други способности кои ќе ви помогнат за задоволително platforming сесии.

Во неколку прилики ја нагласивме инвентивноста на загатките, но нивното решавање секогаш има логичка позадина и, по одредено експериментирање, ќе можете да предвидите решението. Пријатно бевме изненадени од дизајнот и избалансираноста. Во ниеден момент не чувствувавме дека загатките се нефер или дека мора да се направи спогодба со ѓаволот за да се извлече можна солуција. Решението не доаѓа лесно и инстантно, но секогаш кога дојде успева да не исполни со чувство на еуфорија и задоволително напредување.

Освежителен коктел од загатки и флуидност во движење

На PC, Scarf излезе во 2021 година, но на конзолите дебутираше овој месец. Тоа конечно ни пружи прилика да ја провериме на PS5 и да бидеме апсолутно импресионирани, не само од одличната фузија на загатки и платформирање туку и од преубавите светови – фасцинантниот микс на бои и живолики анимации.

По неколку часа, едноставно не сакавме да престанеме со играње и предвреме се радувавме и ја планиравме секоја идна сесија. Она што сакаме да кажеме е дека има нешто магично во Scarf – игра без трошка снисходливост и полна со позитивни вибрации. Scarf е игра која во процесот на заинтригирање ќе знае и како да ве релаксира и да ви ги наполни батериите.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Uprising Studios
  • Издава: HandyGames
  • Жанр: платформер, авантура, загатки
  • Платформа: PlayStation 4/5, Xbox One/S/X, Microsoft Windows,

Оценка

  • Вкупна оценка: 8.25
  • Приказна: 7
  • Гејмплеј: 8
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 9

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments