Разговор со Џо Кимес, ArenaNet Team Lead за најновата епизода во Guild Wars 2

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

Не е никаква тајна дека сме огромни фанови на Guild Wars 2. Оваа ММО игра храбро го издржува тестот на времето и се одликува со 21 причина поради која би требало да се провери во 2021 година. А, додека се поплочува патот кон третата експанзија, ја имавме честа на кратко да поразговараме со Џо Кимес, лидер на тимот кој е одговорен за четирите поглавја кои ја сочинуваат петтата епизода.

Доколку подолго време ја играте Guild Wars 2 тогаш запознаени сте со Living World концептот каде просторот помеѓу експанзии се пополнува со епизоди. Секоја епизода се одликува со продолжување на приказната на нова мапа, нови оружја, опрема и механики. Така беше ситуацијата и со третата и четвртата сезона, но The Icebrood Saga реши да заземе малку поразличен пристап и да почне да експериментира на оваа поле. Иако првите епизоди почнаа во сличен дух со претходните сезони, работите почнаа значително да се менуваат, а експериментирањата да стануваат сè по очигледни. Како резултат на едно такво експериментирање беше воведување на WvW механики во PvE мапата Bjora Marches. Со официјалната најава на третата експанзија, End of Dragons, стандардната формула уште по драстично се размрда. По првпат, ArenaNet реши една епизода да ја подели на четири дела, односно поглавја. Ова беше прифатено со измешани реакции, особено откако излезе првото поглавје и гејмерите забележаа дека нема нова мапа, а приказната е значително пократка.

  • Овие мисли ги пренесовме и на Џо Кимес, објаснувајќи дека од она што го имаме видено до сега, новиот формат делува посиромашен во поглед на нови содржини. Го прашавме дали се сложува со констатацијата и, доколку се сложува, дали е тоа поради пандемијата, фокусот на новата експанзија, или по малку од двете.

Кога сè ќе се комплетира, петтата епизода би требало да е со сличен новитет од содржини како и претходните епизоди од The Icebrood Saga, но несомнено е дека индивидуалните поглавја се помали и, со немање нова мапа, чувството е значително поразлично. Една работа која ваквото нешто нѝ дозволи е да се навратиме на постари мапи и да ги прикажеме на целосно нов начин, како што, на пример, ќе видите во Lake Doric со најновото издание (поглавје 2).

Развивањето на епизодата започна во истиот оној момент кога студиото се префрли со работа од дома, така да тоа (пандемијата) дефинитивно играше улога во развивањето – меѓутоа и пред пандемијата се разговараше за епизоди кои ќе нѝ дозволат што поголем фокус на (новата) експанзија, така да, и двете ваши забелешки се на место.

Втората и третата сезона имаа спартански утврден урнек и се засноваа на ригорозно исфрлање квалитетни епизоди кои длабоко го прошируваа и светот и приказната. Згора на тоа, секоја епизода носеше бројни изгледи на оружја, опрема, па дури и нови механики и животни за јавање, како Roller Beetle или Skyscale. Ситуацијата со петтата епизода и поглавјата беше различна и нудеше сосема различен концепт кој целосно се заснова на таканаречените Dragon Response Missions каде вие со или без тим од други играчи, штитите одредена област од предизвикувачки слуги на древниот змеј Примордус.

  • Решивме да го прашаме Џо дали е безбедно да се претпостави дека и преостанатите поглавја ќе бидат во ист дух или планираат да ги прошират со нова мапа, фрактал или механика?

Третото поглавје ќе биде во ист формат како и првите две, со нови Dragon Response мисии и нова мисија во приказната. Финалето ќе стапи на сила со четвртото поглавје и ќе биде малку поразлично, со нов групен настан и мисии кои ќе дадат значително поголем увид и кулминација во The Icebrood сагата.

Иако нѝ се допаѓа концептот со Dragon Response мисиите сепак копнееме по она што беше воведено со претходните сезони, а горниот одговор на Џо некако не нè задоволи. Решивме да го притиснеме уште еднаш.

  • Дали Living World форматот кој беше воведен со сезоните 3 и 4 ќе се врати некогаш?

Со секоја сезона од Living World, ние имаме научено многу и, како сметка на тоа, го имаме исполирано нашиот пристап. The Icebrood Saga намерно пробува и експериментира со многу нови работи за да се размрда формулата, нешто што е очигледно со страјк мисиите и Bjora Marches мапата која се прошири како преминавме во последователното издание. Се надеваме дека за сите идни сезони, ќе се ориентираме кон приказната која сакаме да ја раскажеме и ќе ги одбереме најдобрите пристапи.

Ова нѝ кажува дека од ArenaNet се чувствуват доволно самоуверени за да не се плашат од предизвици кои се наметнати како резултат на храбро експериментирање. Можеби токму во ова се крие успехот зад популарноста зад Guild Wars 2.

  • Се навративме кон второто поглавје и го замоливме Џо да го сподели најпредизвикувачкиот аспект при осмислување на петтата епизода.

Делење и правилно организирање на епизодата во четири поглавја донесе неколку предизвици; сакавме да го минимизираме бројот на спојлери како и ненадејно и премногу рано откривање на одредени елементи од приказната. Во исто време, никако не сакавме премногу да ја расчлениме епизодата. Едни делови од епизодата се правени паралено со други, додека за трети моравме внимателно да следиме кога се појавуваат во поглавјето и да се прилагодиме со временско-чувствителните аспекти од развојот, како распоредот за снимање со актерите.

Второто поглавје се одликува со четири нови Dragon Response мисии, а овојпат ќе можете и да регрутирате нова, одамна посакуваната фракција – Dwarves.

  • Кога го замолуваме Џо да сподели неколку интересни факти поврзани со второто поглавје, пријатно сме изненадени што сме на иста бранова должина .

Нешто што беше предизвикувачно, но значително позабавно е напорот да ги вратиме Deldrimor Dwarves. Бидејќи GW2 нема многу живи џуџиња, со исклучок на долгогодишниот сојузник Огден Стоунхилер, вметнување нова фракција од оваа раса и нивно „програмирање“ да ви помагаат директно во битките не помина без тешкотии! За среќа, веќе ги поставивме темелите со не-толку-пријателските Stone Summit dwarves во Steel and Fire изданието и ги ангажиравме нашите уметници да создадат нов и целосно прилагодлив скин во форма на камен. Со ова, можевме да создадеме додатни џуџиња, а потоа и да ги конвертираме во скаменета форма.

Акцентот на сојузници управувани од вештачката интелигенција не принуди да поставиме надоврзувачко прашање, но за време на една демо сесија со девелоперите. Дали се планира систем од помошници како во оригиналната игра, кои ќе го следат играчот насекаде и ќе му помагаат со различни вештини? Одговорот кој го добивме беше дека такво нешто не е планирано во The Icebrood сагата. Нешто во начинот на кој беше кажано тоа, особено смеењето кое настапи, нѝ остави простор да се надеваме дека ваквата механика никако не е исклучено со или по третата експанзија. А кога сме кај End of Dragons, сеуште се држат многу работи во тајност. Иако го претпоставувавме одговорот, сепак решивме да го поставиме прашањето.

  • По четвртото поглавје, дали ќе можеме конечно да се вратиме во Канта? Слушнавме дека почетокот на есен е одлично време за лансирање експанзија и би ценеле доколку би можеле да споделите со нашите читатели нешто за End of Dragons!

Не можам да ве задевам многу за тоа! Но, мислам дека како се приближува крајот на The Icebrood сагата ќе слушнете многу повеќе за тоа што да очекувате во иднината и кога би можеле да ја искусите End of Dragons.

Огромна благодарност до Џо Кимес за трпеливоста и времето кое го вложи да нѝ одговори на прашањата!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments