Critter Cove e релаксирачка авантура во која истражувате шаренолик свет, создавате значајни пријателства и градите рај на земја. Без стрес и со многу елан, играта ве охрабрува да се опуштите во отворениот свет преку разубавување на напуштено градче, пловење, гнурење и барање корисни реликти. Во ситуации кога ова не е доволно, ќе можете и да се занимавате со садење најразлични култури, ловење риби и крафтање најразлични работи. Нема што нема во Critter Cove! А, играта само што излезе како дел од раниот пристап на Steam!
По создавање на вашиот лик (кој никако не мора да биде човек, туку и некое извитоперено животно (со или без опашка и рогови)), ќе навлезете во градчето Critter Cove.
Дружба без граници
Луѓето од Critter Cove го препознаваат вашиот талент, ве сакаат тука и инстантно ви нудат нов дом преку една од неколку понудени куќи. За да можете да живеете во куќата, потребно е да собере соодветни ресурси, како дрво и камен. Традиционално за игри од овој калибар, поситните ресурси можете да ги соберете со рака, но сѐ што е покрупно бара интимна дружба со алатки како секира, лопата, клуч, и слично.
По кратка прошетка на плажата, го собравме потребното и ги дониравме ресурсите за нашето ново живеалиште. Од тука натаму, мисиите се движат во предвидлив правец, барајќи од вас да разговарате со одредени лица, да создавате алатки за полесно собирање ресурси и да создавате предмети со кои ги уредувате бројните простории.
Како и останатите cozy игри, така и Critter Cove во ниеден момент не ве брза, туку ве остава да ја играте играта онака како што вие сакате. Можете да си го уредувате и надградувате не само вашиот дом, туку целиот град. Една од главните цели е да привлечете што е можно туристи. За да успеете во таквото нешто, вашето градче треба да изгледа убаво, но и да нуди корисни услуги. Секој тура од туристи, ги зајакнува вашите финансиски резерви и ви отвора можности за дополнителни инвестиции, како отворање нови продавници и туристички атракции.
Не сакате да привлекувате туристи? Нема проблем, можете да користите бродче за истражување на околината, храбро справување со елементите и собирање вредни богатства од рушевини и бродови. Овие артефакти подоцна можете да ги изложувате во градот, привлекувајќи љубоморни или љубопирни погледи од посетителите.
Надвор од ова, можете да се занимавате и со земјоделие. Користејќи ја помошта на населението, можете да садите, одгледувате и собирате најразлично овошје и зеленчук кое подоцна го користите во најразлични рецепти. Овие култури се крајно невообичаени, исто како и бројните риби кои ќе успеете да ги фатите со стап за риболов.
Населението не го користите само за земјоделие. На бројните жители можете да им доделувате различни кариери, но мора да имате во предвид дека нема на сите да им се допадне тоа што вие ќе го одредите. Имено, доколку тие лично не уживаат во секојдневните задачи, самата работа ќе страда, и обратно.
Иако Critter Cove е во раниот пристап на Steam, играта се наоѓа во одлична игрива состојба. Клучните механики се целосно разработени и овозможени, нудејќи бројни можности за различна забава. Енџинот е оптимизиран, дозволувајќи и на играта да се игра стабилно и на послаби компјутерски конфигурации. Дополнително, музичката подлога, иако суптилна, е апсолутно преубава и целосно се вклопува во универзумот.
Авторите планираат да работат на играта се додека не ги имплементираат сите работи кои се замислени за играта, почнувајќи со зголемување на бројните активности, нудење значително поголем свет и соодветно раскажување на впечатлива приказна. Доколку не сте сигурни дали да се финансиски посветите на играта веднаш, ви препорачуваме да го проверите бесплатното демо за играта! Како огромни фанови на cozy жанрот, ние не можевме да одолееме на шармот на Critter Cove, особено на уникатните механики кои дозволуваат уредување цел град и привлекување туристи.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Gentleman Rat Studios
- Издава: Gentleman Rat Studios
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 10 септември 2024