RailGods of Hysterra е кооперативна игра за преживување, развиена од Troglobytes Games и објавена од Digital Vortex Entertainment. Во случај да сте фанови на мрачни, постапокалиптични светови кои се инспириран од делата на Х.П. Лавкрафт, тогаш оваа игра дефинитивно не треба да ја заобиколите, особено доколку сакате да навлезете во неа онлајн со до 5 играчи.

Ужас од најдлабоките понори на умот
Светот на Хистера е уништен по доаѓањето на големите древни космички суштества со незамислива моќ. За време на овој хаос, вие ја преземате улогата на сонувач. Откако ќе се разбудите од сонливите земји, нераскинливо ќе се поврзете со вашиот RailGod – жив, монструозен воз. Целта е да се преживее во една реалност која е изобличена од лудило. Ова го правите патувајќи помеѓу последните упоришта, истражувајќи притоа мрачни, мистериозни предели населени со злобни култисти и кошмарни суштества од Лавкрафтовиот наративен универзум. Приказната навестува дека самиот Х.П. Лавкрафт и одбрана група сонувачи ја предвиделе апокалипсата и го создале RailGod како последна надеж за човештвото. Целата приказна е крајно откачена, а сепак доволно силна за да остави траен впечаток, нешто што се долќи и на одличната визуелна презентација и квалитетната музичка подлога.

Централен елемент на играта е, како што напоменавме, возот, односно RailGod. Роден од забранети ритуали и проколната магија, ова не е обична машина, туку свесна локомотива што пулсира со таинствен живот. Овој воз, опишан како ужасна фузија на ѕвер и машина, налик на октопод со големо жолто око споено со локомотива од 1920-тите, служи како подвижна база и тврдина за играчите. Она што е живо, мора да е и гладно. Така и вашиот локомотивски господ бара жртви, задоволувајќи се целосно со месото на поразените непријатели. Задоволување на гладтта е имање гориво за понатамошно патување. Фатени во танцот, принудени сте да ја негувате симбиотската врска со ова застрашувачко суштество, чистејќи го сопствениот ум од сеопфатното лудило во неговата внатрешност. Со вршење вакви мрачни дела и жртвување непријатели, добиваат моќ и еволуирате заедно со вашиот RailGod.

RailGods of Hysterra комбинира елементи на преживување, градење база и акција. Можете да играте соло или да ги здружите силите со најмногу четворица пријатели во онлајн кооперативен режим. Заедно, работите на собирање ресурси, изработување алатки и оружје, како и градење и надградување на вашиот RailGod дел по дел, додавајќи специјализирани вагони со работни маси, печки и други стратешки предности. Клучен дел од преживувањето е управувањето со здравјето, гладот и менталната состојба, односно разумот. Губењето на разумот може да има директни последици врз гејмплејот, како на пример неможноста да се препознаат предмети во инвентарот.

Борбата во играта комбинира блиска борба, оружја за далечина и моќни магии, како и уникатни мрачни дарови доделени од RailGod. При соочување со застрашувачки чудовишта и култисти, тимската работа игра клучна улога. Со зголемување на симбиозата со RailGod, и вие отклучувате моќни вештини за управување, истражување и заробување. Заробувањето и жртвувањето на бесмртните непријатели дава мрачни дарови, со што се добива предност против суштествата што го попречуваат патот кон божественост. Светот се истражува патувајќи по бесконечните пруги. Притоа, секоја станица што ќе се одбере да се истражи е уникатна, бидејќи времето и просторот се искривени од големите древни суштества. Ова носи нови области, скриени зандани и разновидни предизвици, што бара внимателно планирање на патувањата.

Играта нуди опции за прилагодување и на ликот и на возот. Играчите можат да ги дизајнираат вагоните и опремата според својот стил на игра, отклучувајќи надградби за да добијат предност во борбата против титанските непријатели. Бидејќи играта е во ран пристап, програмерите планираат да ја развиваат понатаму врз основа на повратните информации од играчите. Целта е да се создаде подлабок систем на прогресија и да се додаде повеќе содржина преку најмалку две големи ажурирања за време на периодот на раниот пристап. На располагње имате и демо верзија која нуди неколку часа игра и увид во основните механики.

RailGods of Hysterra ветува мрачно и атмосферско кооперативно искуство за преживување со иновативен концепт – жив, еволуирачки воз како централна механика. Комбинацијата од Лавкрафтовски хорор, градење база на шини, елементи на преживување и акционен RPG гејмплеј ја прави интригантен наслов за љубителите на жанрот.
Издавач: Digital Vortex Entertainment
Развивач: Troglobytes Games
Платформа: PC (Early Access), планиран за PlayStation 5
Датум на ран пристап: 7 мај 2025 година







