9 коментари 4 мин. читање

Прв поглед на iOS 7: Доброто, лошото и грдото

iOS 7 е повеќе од храбар обид да се престави свеж и редизајниран оперативен систем на корисници кои го сакаат iPhone поради неговата едноставност. Toj e идниот OС за сите следни уреди на Apple, од телефони и таблет компјутери до паметни часовници. Но, iOS 7 доаѓа во време кога Apple мораше да престави нешто поново од тоа што го гледавме во последните седум години, бидејќи денес конкуренцијата, главно Android и Samsung, е далеку појака и веќе го доминира пазарот.

Тоа што е добро во iOS 7…

На прв поглед iOS 7 изгледа комплетно рамен, премногу бел, премногу чист, но по првото користење знаете дека минималистичкиот редизајн е всушност истиот едноставен и практичен оперативен систем кој сега има дополнителни движење-две кои треба да ги научите. Пример, пребарувањето е сега со повлекување надолу наместо скролање лево на нов екран. Control Center е нова опција која се извлекува и ја поедноставува контролата врз уредот како вклучување на Wi-Fi, Bluetooth, светлост на екран, јачина на звук, дигитрон, тајмер и копче за активирање на камерата. Ако имате iPhone 5+ тука ќе го најдете и AirDrop со кој може да споделувате фајлови помеѓу два iPhone-и. За жал, опцијата е недостапна за iPhone 4 и 4S. iOS 7 сега користи Helvetica фонт, има поинтересни икони, и потрансперентни менија кои заедно со различните позадини креираат различен изглед на домашниот екран.

Поголемиот дел од апликациите веќе го прифатија новиот дизајн. Пример, Safari сега е прекрасен и чист, а Facebook попрактичен. Ставено се на куп, редизајнот се чини дека е успех, а на повеќето корисници им се допаѓа промената бидејќи имаат нешто ново. iOS 7 доаѓа и со неколку нови функционалности, меѓу кои и опција за креирање на свои вибрации во Sound > Vibration менито, како и опција за Bold Text во Accessibility со која може да го болдирате текстот за полесно да ги читате апликациите. Прелистајте ги убаво Settings менито за да најдете други корисни опции.

Тоа што е лошо…

Различните икони се лоши. Скоро секоја икона која ја имам на екранот е со различен дизајн, во различни бои, а најразлични од нив се иконите на апликациите на Apple како Photos и Game Center. Друг проблем ми е што Control Centar-от иако е одлична функционалност, сепак ми е непотребна. Во него се содржени опциите Airplane Mode, Bluetooth и Do Not Disturb, кои не ми се баш потребни како што ми е потребнa опцијата за вклучување и исклучување на Cellular Data, односно за активирање на 3G мобилниот интернет, која сега во iOS 7 е ставена на почеток на Settings менито. 3G-то е проблематично на iPhone бидејќи ја троши батеријата. Бидејќи имам push нотификации од апликации и имејл, 3G-то може да ми ја исцеди батеријата на неколку непотребни Facebook нотификации, па полесното менаџирање е да се вклучува и исклучува опцијата.

Иако интерфејсот за мултитаскинг во iOS 7 изгледа далеку подобро, тоа што е глупаво во iOS 7 е неинтуитивното движење за да изгасите апликации, кое наместо кликање на X-чињата на апликациите, е брзо скролање нагоре на секоја апликација. Добро е што може со три прста да изгасите три апликации одеднаш.

Најлошото сепак е скокањето во и од апликациите. iOS 7 се движи постојано, се движи кога ќе скролнете нагоре за Control Centar, надоле за нотификации, десно за нов екран со апликации… но тоа што ме нервира најмногу се скокачките диагонални анимации кога отварате и затварате апликации. Ако отворате неколку различни апликации, за брзо време добивате чувство како да сте на брод кој се ниша лево-десно од брановите. Неподносливоста станува поголема ако го имате вклучено parallax effect кој ја движи позадината зад апликациите зависно од движењето на телефонот. Решение за Parallax Effect е Settings > General > Accessibility > Reduce Motion.

Но, за многу корисници овие движења се забавни, а за тие како мене, можеби Apple ќе понуди некое решение со следната надоградба. Што се однесува на иконите, дизајнерите со тек на време ќе се усогласат како што направија со апликациите. Се друго е навика.

Грдото во iOS 7…

Користите фолдери на вашиот iPhone? Тогаш сочуствувам со вас. Сфаќам дека дизајнот на фолдерите е принуден бидејќи наместо само девет, сега може да ставите безброј апликации во еден фолдер. Но, наместо интуитивни две тапкања за да отвориш апликација, фолдерите во iOS 7 се скокачки ноќни мори кои ми отвараат нов екран со нови листи и нови скролања лево и десно се додека не ја најдам апликацијата која ме интересира. Уште полошо е што iOS 7 има грешка која дозволува креирање на „nested folders“, oдносно креирање на фолдери во фолдер во уште еден фолдер… Фолдерите се лоши, непрактични и треба да се избегнуваат.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

9 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top