17 коментари 9 мин. читање

Прв поглед на 5-инчниот Dual SIM паметен телефон QUART QT550

(Доколку сакате да дискутирaте за рецензијата, да прашате или споделите искуство, слободно приклучите се на форумот на IT.com.mk)

Како што ветивме, на тест го земавме паметниот телефон QUART QT550. Станува збор за Dual SIM, 5-инчен мобилен телефон, брендиран со името QUART. Како што знаеме QUART е заштитното име на производите кои ги продава AMC на мaкедонскиот пазар. Зошто го тестиравме овој модел? Првично затоа што е атрактивен со 5 инчниот дисплеј, актуелен за повеќето мобилни телефони од повисока класа, затоа што работи со 2 сим картички, затоа што користи Аndroid оперативен систем и затоа што има примамлива цена. Па еве да видиме дали навистина овој производ може да ја оправда цената по која се продава од 9.990 денари.

Пакување

Телефонот е спакуван во фино изработена и квалитетна кутија. Во кутијата се наоѓа телефончот, кабел, полнач, гарантен лист и кратко упатство за користење. За цената за која се продава и не се очекува нешто повеќе. За жал нема дополнителна мемориска картичка или слушалки.

Техничките карактеристики

  • Екран: 5 инчен Capacitive LED LCD co максимална резолуција од 800х480
  • Мрежа: 3G Dual SIM, Dual Stand By
  • Процесор: Dual Core ARMv7 процесор (VFPv3, NEON) 1GHz
  • Графика: Power VR SGX 531
  • RAM: 512 Mb
  • Меморија: 4Gb вградена + картичка за микро SD (32 Gb)
  • Останато: BT, GPS, Wi-Fi b,g,n, micro USB, акселометар, FM Radio – RDS, 3,5 мм џек за слушалки
  • Камера: Задна 8 MPix +LED Flash, предна 2 MPix
  • Батерија: Li ION 3200 mAh/3,7V
  • Оперативен систем: Android – Ice Cream Sandwich 4.0.

Дизајн

Првичната импресија по одпакувањето на телефонот и не е така лоша. Воедно ставени се две сим картички, една на One, една на Т-Мobile, тест SD картичка на која подоцна ке биде инсталиран и GPS програм и уште неколку други апликации. Ставена e батерија, претходно наполнета се разбира.

Телефонот е релативно голем, тежок и делува робусно во рака. Навикнат на телефон со помал дисплеј, делува малку чудно и гломазно. На почетокот за користење ми се потребни две раце. Мала споредба на 5” со 4,3” дисплеј, и споредба на Samsung Galaxy Ѕ4 со QUART, чисто да се види големината на телефонот.

Рамките на телефонот се изработени од метал, темно графитна боја. Задното капаче е изработено од рапава пластика, на која е изгравирано логото QUART. Како и секој ефтин телефон, после неколку отварања и затварања може да се примети дека капачето добива одредена минимална луфта, па доколку не ви е добро наместено може да крцка. Тоа едноставно се решава со повторно повнимателно презатварање. На задната страна се наоѓа камерата и блицот, а во долниот дел се наоѓа и отворот за звучникот.

Под капачето се наоѓаат слотовите за SIM картичките и слотот за SD картичка. Под нив, во просторот под батеријата се наоѓаат податоците за телефонот, односно сериски и IMEI броевите, доказ дека не станува збор за било каков кинески телефон без никакво потекло. И нормално батеријата која што е декларирана со 3,7V и 3200mAh.

Користење

Првото вклучување стартува иницијализацијата и пријавувањете на двете SIM картички. По неколку едноставни поставувања за Android ОС, и телефонот е подготвен за користење.

Во средина се наоѓа Home копчето, лево и десно функциски копчиња на допир. На левата страна се наоѓа копчето за вклучување/исклучување. На десната страна се копчињата за појачување и намалување на гласот. На горната страна се наоѓа 3,5мм џек за слушалки, а на долниот дел се наоѓа micro USB приклучокот за полнење и поврзување со компјутер.

Телефонот има инсталиран оперативен систем Аndroid 4.0.4 кој одлично функционира. Првичната позитивна импресија беше одзивот и работата на допирот. Екранот на допир можам да кажам дека е перфекен и прецизно реагира дури и на најнежен допир. Големината на самиот екран и резолуцијата од 800х480 ги прави сите икони прегледни и видливи, а текстот јасно читлив. Единствена забелешка за екранот е тоа што за 5 инчи сметам дека резолуцијата би требала да биде малку повисока, бидејќи ако се загледате внимателно може да ги видите пикселите. Како и кај секој високосјаен дисплеј, може да се наиде на потешкотии при користење на јака светлина, односно директна изложеност на сонце.

Основниот пакет на оперативниот систем многу лесно можете да го збогатите со инсталација на нови апликации преку Google Play Store. Сите апликации и игри кои беа инсталирани работеа беспрекорно и не направија во ниеден момент проблем. Движењето низ менито на телефонот оди мазно, не сецка, не заглавува. Пребарувачот во зависност од интернет врската, одлично ги отвара страните. YouTube видеата се гледаат одлично на големиот 5 инчен екран. Тоа можеме да го видиме на следното видео.

[youtube]wMxoW9VAuMM[/youtube]

Tелефонот не може да се поистоветува со ниедна кинеска или дубајска копија која се нуди на пазарот кај нас по цена иста како и QUART QT550. Значи доаѓаме до заклучок дека сепак станува збор за драстично различен и поквалитетен производ во секој поглед. За целото време на тестирањето, телефонот не пројави никакво заглавување, прегревање, блокирање и рестартирање. И покрај тоа што беше користен неколку часа за гледање видеа на Youtube, како со Wi-Fi, така и со Data Transfer немаше апсолутно никаква аномалија.

Телефонирањето оди исто така многу едноставно. Зошто го спомнуваме ова? Затоа што се користат две сим картички во исто време. При изборот на телефонски број секојпат ке бидеме прашани преку која картичка сакаме да го воспоставиме повикот. Истото се случува доколку сакаме да испратиме SMS, MMS или пак сакаме да користиме 3G интернет. Подесувањата за користењето на 3G интернет треба да си го направите самите, односно да се подесат параметрите кои лесно ке ги најдете на страната на операторот. Во однос на комуникацијата, не се забележани аномалии од типот на лош пренос на глас, односно соговорникот да не ве слуша. Кога вие го слушате соговорникот при телефонските разговори, неговиот глас делува малку „метално”, но тоа не се одразува негативно на разбирливоста и јачината на звукот.

Wi-Fi-то морам малку да го искритикувам. Приемот на сигналот беше послаб во однос на други телефони на иста оддалеченост од рутерот. Инаку дури и со само една рецка на прием на сигналот, трансферот се одвива беспрекорно и брзо. Меѓу другите функции телефонот беше пробан да работи и како access point, и притоа да шерува интернет преку 3G мрежа. Во поглед на преносот на податоци, 3G, исто така немаше проблеми. Приемот и брзината зависи од самата мрежа на операторот.

Јачината на звукот при слушање на музика е просечна, како во квалитет, така и во поглед на јачина. Телефонот е опремен со еден звучник од задната страна.

Камера

На ред доаѓа и камерата. Кога генерално би направиле еден осврт на сите работи, може да се заклучи дека најголема негативност ќе и биде припишана токму на неа. Имено, и покрај тоа што станува збор за 8 мегапикселна камера, сликите не се со висок квалитет. Во услови на добра светлина, односно дење, сликите се прифатливи. Во макро мод, сликите се добри. Но во услови на лоша светлина, и покрај вградениот блиц, сликите се лоши, исполнети со многу шум, матни и нејасни. Со помош на разноразни апликации, квалитетот може да се подобри, но делумно. Доколку сте љубител на висококвалитетни фотографии со мобилен телефон, овој уред нема да ви го овозможи тоа. За секојдневна употреба ке биде доволен. Квалитетот можете да го видите од приложените фотографии.

Еве пример на фотографии сликани во макро мод:

Фотографии сликани во ноќни услови:

Видеото во услови на дневна светлина во највисока резолуција може да го погледнете тука:

[youtube]iGr9rdrirXE[/youtube]

Се префрламе на следниот интересен дел од телефонот, односно GPS-от. Вградениот GPS изненади со неговата брзина на пронаоѓање и поврзување на сателити. За детално тестирање беше инсталирана најпопуларната апликација iGO со мапи од Македонија. По вклучувањето на GPS опцијата, за две до три минути апликацијата беше подготвена за користење. Големиот екран и одлично осетливиот допир, овозможуваат одлична манипулација и прегледност на мапите низ целокупниот софтвер за навигација. Тука треба да напоменеме дека користењето на GPS апликации дополнително и забрзано ја троши батеријата, па така да за времетраење од 1 час и 30 минути, капацитетот беше намален за 30~40%.

Со помош на програм кој доаѓа со фабричкиот оперативен систем, можеме да ја провериме јачината на GPS сигналот:

Хардверот кој се користи во самиот телефон е актуелен и се вградува во различни марки на паметни телефони и таблети. Оваа рецензија нема да ја оптоваруваме со бенчмаркови и стрест тестови, сепак станува збор за просечен телефон. Мислам дека доволно ке бидат да се прикажат резултати од најпопуларниот бенчмарк тест AnTuTu и резултатот кој го добивме:

Батерија

Батеријата која е задолжена да го опслужува телефонoт е со 3200mAh, што со еден збор би значело дека во целост би требало да го покрива користењето за 24 часа без никаков проблем. Што всушност се случува? Полнењето трае од 3 до 4 часа, кога телефонот е во мирување, односно доколку не се користи. Празнењето најчесто зависи од начинот на користење. Јас телефонот го користев во различни режими. Така да ќе се потрудам да го пренесам држењето на батеријата во вистинско светло.

Кога телефонот се користи исклучиво за телефонски разговори и SMS пораки, без вклучен Wi-Fi или пак мобилен интернет, батеријата може да трае два дена. Просек на траење на разговорите во тие два дена е одприлика 1 час и 30 минути. Доколку телефонот се користи со постојано вклучено Wi-Fi или пак мобилен интернет, траењето на батеријата се намалува двојно, односно 24 часа. Во услови на максимално искористување, односно разговори, интернет комбинирано Wi-Fi, мобилен интернет, камера, апликации, пред да си легнете би било добро да го ставите на полнач. Преостанатите 20~30% нема да бидат доволни да го користите телефонот и следниот ден.

Не заборавајте дека телефонот е опремен со голем 5 инчен екран, процесор со две јадра, а притоа како најголем потрошувач може да се спомене 3G модемот и Wi-Fi картичката, сепак е со задоволително време на траење. Доколку го уклучите GPS-от, а немате полнач со вас, бидете сигурни дека за неколку часови ке останете без телефон. Со постојано користење, верувам дека батеријата ке издржи максимум до 5 часа.

Заклучок

Земено во глобала, сите оние корисници кои не можат да си дозволат скап паметен телефон, но сакаат да користат телефон кој ќе има можност за 2 SIM картички, голем екран прецизен и осетлив на допир, телефон преку кој ке се сурфа и нема да ги чини многу пари, дефинитивно QUART QT550 би бил вистинскиот избор. Доколку имате било какви прашања, забелешки или потреба од повеќе информации за овој производ, слободно може да се обратите тука на форумот, или пак да појдете во било кој од салоните на АМЦ и директно да се уверите во веродостојноста на податоците.

Позитивно:

  • Голем прегледен екран, прецизен и осетлив на допир.
  • Брз GPS приемник.
  • Можност за користење на 2 SIM картички.
  • Солидно траење на батерија.
  • Изработка во однос на цената.
  • Одлична цена.

Негативно:

  • Лоша камера.
  • Послаб Wi-Fi прием од очекуваното.
  • Метален звук при слушање на соговорникот.
  • Гломазен и тежок.

Голема благодарност до AMC компјутери што ни го одстапија уредот на тест.

Напишано од

Сашо Димитријевиќ, подобро познат како SaleSk, е модератор на форумот на IT.com.mk, со реноме на страствен хардверџија.

Коментари

17 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top