Еtsy.com, светски позната онлајн продавница за оригинални ракотворби, ќе организира локални средби со заедницата ширум светот, а една таква средба ќе се случи и во Скопје. Настанот е закажан за 4-ти февруари, а мотивот зад настанот е секој вработен во Etsy.com да организира средба со заедницата на место каде што ќе ги помине празниците.
„Целта е да им понудиме на локалните продавачи (и сите заинтересирани) шанса да се сретнат со вработените во Etsy и да споделат идеи и искуства, но и да прашаат прашања.“, вели организаторката на настанот Марта Паковска, која работи за Etsy.com во Холандија, но е родена во Скопје и тука ќе ги помине празниците.
За тие што не се запознаени со сајтот, Etsy.com е онлајн продавница стартувана во 2005 година, која е налик на eBay, но се разликува по тоа што има верна заедница од над 12 милиони корисници кои купуваат и продаваат над 11 милиони оригинални рачно изработени предмети, антиквитети и уште купишта разни продукти, од накит и фотографии, до облека, чанти и додатоци. Etsy.com во 2011-та забележа трансакции од вкупно 487 милиони долари.
„Средбата е начин да се запознаат локалните продавачи меѓу себе. За мене лично ќе биде одлично искуство да видам што прават луѓето во мојот роден град. Се надевам дека луѓето ќе донесат примери за работите кои ги изработуваат на собирот“.
Настанот е закажан на 4-ти февруари во 19:00 часот. Сè уште нема локација, но г-ѓа. Паковска вели дека очекува првин да види колку луѓе ќе се пријават на настанот, па потоа ќе одбере каде ќе се одржи средбата. Доколку сте заинтересирани, слободно и пишете на Марта Паковска.
Во Македонија има доста оригинални ракотворби, па доколку имате свои оригнални продукти, средбата може да ви даде добар увид за како да го освоите светскиот пазар.

Коментари
4 коментари
Коментарите се затворени.