Сервисот за групно купување Grouper.mk за својот прв роденден открива дека за една година успеа да направи обрт на над 10 милиони денари од над 30.000 продадени купони на oколу 20.000 корисници.
Сервисите за групни попусти во Македонија се појавија овој период лани, кога за кратко време од еден месец стартуваа неколку групни сервиси, а подоцна и нивни агрегатори. Нивниот модел со нудење на попусти само доколку има доволен број заинтересирани купувачи беше всушност копија на сервисите кои во претходните две години го окупираа западниот сајбер простор. Сега, некои од тие компании, како Groupon.com стартуван пред три години , вредат неколку милијарди долари.
Што се однесува до македонскиот пазар, тој не е доволно моќен за да издржи неколку слични сервиси. Од отприлика шест-седум сервиси за групни попусти кои се појавија лани во тој краток период меѓу јануари и март, само Grouper.mk кој стартуваш прв, Колектива и Facebook апликацијата Купуваме.mk останаа конкурентни.
Сите три .мк сервиси за групни попусти сè уште имаат што да освојат на македонскиот пазар. Само Колектива нуди листа на попусти во повеќе градови, но тие попусти всушност не се од бизниси кои се од тој град. Ова значи дека предизвикот на сервисите е да ги убедат локалните бизниси дека моделот е исплатлив и дека интернет трговијата е нешто реално во Македонија. Вториот предизвик е да ги мотивираат потрошувачите. Иако одредени зделки на сервисите лесно привлечуваат над 100 потрошувачи, сепак поголемиот дел попусти во просек се купувани од по 30 до 40 луѓе.
*Побаравме од Колектива и Купуваме.мк статистика за колку тие имаат продадено попусти во изминатава година. Доколку добиеме одговор ќе го надополниме текстот.