ПроЦени: Нова апликација за споредба на цени во македонските супермаркети

во ИТ.МК

Ако сте еден од оние корисници кои постојано ги бараат најниските цени и најдобрите зделки, тогаш ова е текст за вас. Во време во кое кога секој денар е важен, апликацијата ПроЦени се појавува како одличен новитет на македонскиот дигитален пазар. Со цел да им помогне на корисниците да ги следат цените на производите во различни супермаркети и да заштедат пари, Филип Михајлов ја создаде оваа иновативна платформа. Разговаравме со него за деталите околу развојот, технологијата и идните планови за апликацијата, која има потенцијал да го трансформира начинот на кој пазариме.

Засега, ПроЦени е достапен на Google Play, а Филип најави веб и iOS верзија на апликацијата.

Филип Михајлов

Во неколку реченици кажи ни накратко за себе… кој е Филип?

Софтверски инженер со професионално искуство и моментален фокус на мобилните платформи, особено Android. Имам длабок интерес за создавање на практични и едноставни дигитални решенија кои директно ги решаваат секојдневните предизвици на луѓето. Моја главна цел како инженер е преку технологијата да го олеснам животот на корисниците, правејќи ги нивните секојдневни активности поефикасни и попријатни. Апликацијата ПроЦени е конкретен пример за тоа како сакам да го користам моето знаење и способности во решавање на реални проблеми.

Што те инспирираше да ја изработиш ПроЦени?

Идејата за ПроЦени произлезе првенствено од мојата лична потреба за полесен и појасен начин на следење на цените на производите низ различни македонски маркети. Забележав дека многу луѓе, вклучувајќи ме и мене, имаат тешкотии да бидат постојано информирани за тоа каде и кога можат да најдат најдобра понуда. Решив да создадам платформа која ќе им помогне на сите корисници поефективно да управуваат со својот буџет, намалувајќи ги трошоците, времето и напорот кои ги вложуваат во купувањето. Дополнително, сакав да придонесам кон зголемена транспарентност и конкуренција на локалниот пазар, помагајќи им на корисниците полесно да препознаваат дали одреден попуст навистина нуди најдобра вредност. Во Македонија досега немаше платформа која ги покрива цените во повеќе супермаркети, а инспирација зедов од успешните примери во соседните земји.

Кои технологии ги користеше за развој на апликацијата? Кој е tech stack-от?

За развој на ПроЦени главно користам Kotlin и Jetpack Compose за Android frontend, што ми овозможува брзо и модерно развивање на интуитивен интерфејс за корисниците. Backend делот од апликацијата се базира на PostgreSQL структурирана база на податоци, што овозможува ефикасно и организирано чување и обработка на големи количини на податоци.

Решението кое ќе ја вклучува iOS платформата ќе се состои од KMP односно Kotlin Multi Platform. Ова е еден понов начин на создавање апликации за двете поголеми мобилни платформи од еден изворен код.  Овој избор на технологии овозможува сигурност, брзина и висока скалабилност при ажурирање и прикажување на информациите.

ПроЦени ќе биде корисна колку што ќе бидат актуелни цените на производите кои се споделуваат. Како го обезбедуваш ова?

Актуелноста на податоците се обезбедува преку редовни, дневни ажурирања кои ги добивам од јавните извори достапни преку google пребарувања и директно од веб-страниците на супермаркетите. 
Освен ова, активно вклучување на самите корисници е важен дел од процесот на обезбедување точност и навременост на податоците. Корисниците можат лесно и брзо да пријават било какви промени или грешки во цените преку самата апликација, што дополнително ја подобрува релевантноста на податоците. Во иднина планирам и дополнителни функции кои ќе им овозможат на корисниците уште поголема контрола и директно влијание врз точноста на податоците.

Едно од прашањата кои ги доби на LinkedIn е објавата за iOS верзија. Во план ли е iOS верзија?

Апсолутно, развој на iOS верзија е веќе во тек. Сметам дека ПроЦени треба да биде достапна на двете поголеми мобилни платформи. На овој начин ќе стигнам до максимален број на корисници кои ќе можат да бидат свесни за моменталните цени на производите во маркетите. За iOS платформата веќе добив голем интерес и позитивни реакции од заедницата. Поддршката и прифатеноста од заедницата се голем мотиватор за континуирана работа и новости. Во иднина предвидувам и веб-верзија, која дополнително ќе ја зголеми достапноста на ПроЦени.

Кои ти се плановите за монетизација на ПроЦени?

Мојата визија за ПроЦени е апликацијата да остане потполно бесплатна и без реклами за крајните корисници. Јас го почнав овој проект како начин да сам бидам во можност да следам колку навистина чинат продуктите од мојата кошничка за пазарење. Верувам дека пристапот до ваква корисна алатка не треба да биде ограничен со финансиски или рекламни пречки. 
Монетизација од специфичен формат сеуште не ми е на ум, но постојат повеќе начини како тоа може да се изведе. Монетизацијата може да биде низ призма или пропратена со напредна аналитика, детални извештаи за пазарните трендови и дополнителни алатки кои би ги користеле маркетите и компаниите за подобрување на својата конкурентност и маркетинг стратегии. Сепак моментален фокус е развојот на апликациите. Монетизацијата ќе ја оставиме за подоцна.

Какви се другите планови за иднина, работиш ли на некои нови функционалности или други продукти?

Во иднина планирам значително да ги проширувам функционалностите на ПроЦени, додавајќи опции како персонализирани препораки базирани на преференциите на корисниците, известувања за промени во цените на омилените продукти, интегрирана листа за пазарење, како и напредни можности за споредба на производите според повеќе критериуми. Целта ми е да создадам искуство кое значително ќе го подобри секојдневното пазарење на корисниците. Секогаш сум отворен за дијалог и сакам дополнително да слушнам се што им треба на корисниците. Еден од начините на кои ПроЦени го прикажува ова е интегрираната фидбек форма во апликацијата преку моја може да се испрати маил.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
NecrotoX
NecrotoX
1 year ago

Одамна чекав ваква апликација, браво :)