По сè изгледа хакерските активности се во мода. Медиумите во последните неколку месеци постојано известуваат за случувањата околу активистите Anonymous и Lulzsec. Очигледно слични вакви хакерски групи се активни низ целиот свет, бидејќи корејската Регулаторна комисија за комуникации изјави дека Јужна Кореја повторно е нападната од хакери.
Станува збор за хакерски напад на популарните друштвени медиуми Nate и Cyworld, од каде се украдени телефонски броеви, матични броеви, имејл адреси, имиња и разни кодирани податоци од 35 милиони корисници. Се верува дека ова би можело да биде најголемиот хакерски напад направен врз корејски сајт. Овој напад е само дел од серија напади кои ја имаат погодено Јужна Кореја во изминатиов период.
Според IP адресите се верува дека нападите доаѓаат од Кина. Кинеските хакери се обвинети за многу напади во изминативе неколку месеци, вклучувајќи го нападот врз мрежата на Lockheed Martin, како и обидот да се влезе во Gmail акаунтите на американските државни службеници.
Јужна Кореја, која има 50 милиони жители, е една од државите со најголем процент на интернет корисници. Повеќе од 90 отсто од жителите се приклучени на интернет.







