Prelude Dark Pain е игра која е сместена во мрачен фантазиски свет. Неодамна имавме можност да го провериме алфа демото и, од она што видовме, играта ветува длабоко стратешко искуство и е забавен дебитантски проект на шпанското инди-студио QUICKFIRE GAMES.

Уште пред своето официјално излегување, играта постигна значителен успех на Kickstarter и ги доби посакуваните средства во првите 12 часа
Prelude Dark Pain се одликува со механики на потезна тактичка борба. Водејќи група до пет од дваесет понудени херои, ќе навлезете во различни предизвици, користејќи над 25 различни вештини. Овие херои припаѓаат на една од осумте класи како што се DPS, поддршка и атентатори, нудејќи широк спектар на стратешки комбинации. Прилагодувањето на вештините ќе биде клучно за создавање моќни синергии во битките. Покрај тоа, успехот нема да зависи само од борбените тактики; ќе мора внимателно да управувате и со ресурсите и со својот тим, како на бојното поле, така и надвор од него. Еден интересен аспект е можноста за управување со сопствена населба, каде што ќе може да се изработуваат оружја и опрема, како и да се испраќаат херои на различни мисии за собирање ресурси или ослободување територии. Позиционирањето на единиците и искористувањето на предностите како што е напаѓањето од страна или од зад грб за дополнителна штета, ќе бидат клучни за победа.

Prelude Dark Pain нуди нелинеарен, отворен свет со рачно изработени ликови и бојни полиња. Вашите одлуки директно ќе влијаат на развојот на приказната, која вклучува преку 20 различни нации и култури, како и повеќе од 70 видови непријатели, вклучувајќи и моќни босови. Приказната, како и уникатниот, мрачен визуелен стил, истражуваат зрели теми, а покрај главната приказна, ќе има и споредни мисии кои се замислени да го продлабочат светот на играта и да бидат клучни за регрутирање нови херои.
Зад Prelude Dark Pain стои студиото QUICKFIRE GAMES од Севиља, Шпанија. Нивната цел е да создаваат игри какви што и самите би сакале да ги играат, истражувајќи креативни механики и нудејќи нови искуства. Играта доживеа огромен успех на платформата Kickstarter, каде што ја постигна својата цел за финансирање од 40.000 евра за само 12 часа, а кампањата ја заврши со собрани над 70.000 долари (над 60.000 евра) од повеќе од 1.300 поддржувачи. Според тимот, тие се одлучиле за групно финансирање по неуспешни преговори со издавачи, со цел да ја задржат креативната контрола. Визуелниот стил често се споредува со комбинација од Darkest Dungeon и Final Fantasy Tactics, додека музиката е дело на реномираната Куми Таниока (позната по работата на Final Fantasy Crystal Chronicles“ и Minecraft) и Исак Монтес.

Планирано е Prelude Dark Pain да излезе во ран пристап (Steam, GOG, Epic Games Store) во пролетта 2026 година. Целосната верзија се очекува во летото 2027 година, со планови за издавање и на конзоли. Демо верзија кое и ние ја проверивме (и од која и ние бевме одушевени) беше во алфа фаза и понуди Story Mode и две дополнителни Skirmish мапи, кои ни одземаа околу два часа за нивно комплетирање. Она што ние го искусивме ќе можете и вие за еден од следните Steam Next Fest настани.
Со силна поддршка од заедницата, интригантна приказна и длабоки тактички механики, Prelude Dark Pain дефинитивно е наслов што љубителите на RPG жанрот треба внимателно да го следат. Комбинацијата од мрачна фантазија, стратешка борба и наратив обликуван од изборите на играчот ветува уникатно искуство.







