Уште еден викенд пред нас и уште една можност за втурнување во нови наслови. Како за овој викенд, решивме да направиме нешто поразлично и наместо стандардниот предлог од три игри, внимателно одбравме по само една игра, едно DLC и едно демо, надевајќи се дека барем едно од тие три би можеле да проверите!
DREDGE – The Pale Reach е кратко DLC со нова област и интересни новитети!
Играта Dredge беше едно од најпријатните гејмерски задоволства кои искусивме летово и таквото нешто никако не го криевме во нашата рецензија. Доколку уште не се заситивте од мрачното истражување на водените површини и барате проширување на лавкравската авантура, тогаш од неодамна излезе првото DLC за играта.
DREDGE – The Pale Reach воведува целосно нова област која е со ледена тема. Новата област можете да ја проверите во кој било момент од вашето преигрување, а целта е да пробате да го пронајдете тимот што дошол во областа пред вас. Приказната која се отвора пред вас може да се заврши за 3-4 часа, но се работи за длабоко вознемирувачки наратив поврзан со шокантно предавство кое долго ќе го паметите откако ќе поминете низ додатокот.

Независно од тоа каде се наоѓате, односно дали во старите или новата област, The Pale Reach ќе ви дозволи да откриете четири нови парчиња за опрема која ќе ви помогне да фатите 11 нови и подеднакво одвратни риби и ракчиња. За поефикасно истражување на ледените површини, ќе можете да го надградите вашиот брод како би можеле да го кршите ледот кој е пред вас. Покрај ова, конечно ќе ја добиете можност и да го продолжите рокот на вашите фатени риби така што ќе можете да купувате ледени блокови.

DREDGE – The Pale Reach не воведува ништо револуционерно, но, со оглед на ниската цена, сепак успева да го прошири угнетувачкиот свет на кој авторите макотрпно работеле. Благодарение на тоа, Dredge е подлабока и поинтересна игра.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Black Salt Games
- Издава: Team17
- Жанр: Авантура, хорор, интерактивна фикција
- Платформа: PlayStation 5, Xbox Series X and Series S, Microsoft Windows, Switch
- Излезено на: 16 ноември 2023
Nearly Dead – Live and Let Die е ретро-инспирирана ко-оп игра каде акцијата доаѓа на прво место
Nearly Dead – Live and Let Die излезе од раниот пристап на Steam пред само неколку дена и моментно може да се пофали со претежно позитивни рецензии на Steam, што поради едноставните, но забавни механики, а што поради релативно ниската цена од 300 денари.
Развојното студио Mono Software има развиено интересна 2D акциона игра во која вие и тројца други лица потребно е да преживеете напади на бројни зомби чудовишта. Преку познатиот систем ден-ноќ, вие и уште едно лице истражувате области и собирате најразлични предмети преку ден, а преку ноќ се соочувате со неуморните зомби суштества. За интересни и забавни сесии, девелоперите се имаат погрижено да воведат бројни вештини и способности како и 300 предмети од офанзивен и дефанзивен карактер.

Секој ден е различен и никогаш не знаете какви се изненадувања ве очекуваат во поглед на понатамошно надградување на вашиот лик, дали преку оружје, дали преку одредена способност. За да можете да успеете во ова, потребно е да собирате ресурси од непријатели или пак да растурате непотребни работи. Со собраните ресурси можете да создавате нови оружја.

Наспроти она што би можеле првично да помислите, Nearly Dead – Live and Let Die е солидна игра со задоволителен систем на пукање, уништување на непријателите и избегнување удари. Но, ова е и игра која најдобро се игра во кратки дози, затоа што, порано или подоцна, ќе ви здосади дено-ноќното изведување на едни исти активности, и покрај рандомно-генерираните елементи.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Mono Software, Inc.
- Издава: Mono Software, Inc.
- Жанр: hack and slash, ретро
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезено на: 21 ноември 2023
Songs Of Silence е стратешка игра со акцент на впечатлива приказна
Songs Of Silence сеуште не е излезена, но демото од играта спремно ве чека доколку сакате да проверите уникатна стратегија, со комбинација на елементи од игри како Battle For Wesnoth, Songs Of Conquest, па дури и Clash Of Clans.
Во играта на студиото Chimera Entertainment ќе истражувате два невообичаени светови, ќе управувате со вашето кралство преку донесување одлуки со запазување редови (turn-based), ќе ги надградувате вашите херои, но и ќе навлегувате во битки во реално време, управувајќи со бројни борбени единици. Имено, на располагање имате над 100 единици, секоја од нив со уникатни способности.

За време на битките, ќе можете и да искористите моќни карти со кои ќе извлечете одредена предност на теренот, како засилување на вашата војска или деморализирање на непријателската. За поголема вредност на преигрување, мапите се рандомно генерирани и кријат бројни можности за поставување заседи.

За крај, би сакале да упатиме и пофални зборови кој феноменалната музичка подлога, зад која стои одамна докажаниот композитор – Хитоши Сакимото – човекот најдобро познат за неговата работа на Final Fantasy Tactics, Final Fantasy 12 и, нашата омилена, Valkyria Chronicles.

Демото кое го имате на располагање е кратко, но е сосема доволно за запознавање со клучните механики и донесување одлука за тоа дали е ова игра за вас, или не. Времето кое ние го поминавме во демото беше паметно искористено, но мора да признаеме дека за некои работи беше потребно многу повеќе внимание, како и учење преку експериментирање и грешки.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Chimera Entertainment
- Издава: Chimera Entertainment
- Жанр: стратегија
- Платформа: Microsoft Windows
- Ќе излезе на: непознато







