Пред нас ни се заканува нов празничен викенд. Во случај да сакате да одморите од вашите стандардни, секојдневни лектири, одбравме три, релативно нови и помалку познати игри кои би можеле да ги проверите.
S.O.L Search of Light се одликува со уникатна идеја, но сомнителна реализизација
Од развојното студио Trigger the Monster, ни доаѓа наративна авантура во која истражувате стимпанк свет со проширени мрачни примеси од фантазискиот жанр.
Заробени во мрачното подземје, вашата задача ќе биде да ги истражувате црните дупки, да решавате загатки и да се спротиставувате на непријателите.
Паралелно со ова, ќе барате помош од послушни роботи и ќе го зајакнувате вашето село со градби од офанзивен и дефанзивен карактер.
Теорија против пракса
На хартија, S.O.L Search of Light делува како интересна идеја. Но, начинот на кој е реализирана таа идеја остава многу работи да се посакуваат.
Движењето е трапаво, а битките, кои се сведуваат на еднолично удирање, крајно неинспиративни. Често ќе наидувате на загатки, но голем дел од нив се сведуваат на манипулирање одредени пречки за да се создадат можности за премин од една до друга точка.
Има предизвик во ваквите загатки, но би сакале дополнително да се проширени со уште механики.
Од друга страна, има имплементиран систем за собирање вредни ресурси со кои можете да ангажирате помош од роботи, како и да (над)градувате одредени структури низ селото, но целиот концепт ни остави впечаток како да е во почетна фаза и недоволно добро разработен.
И покрај ова, S.O.L Search of Light остава впечаток на мала, симпатична и невообичаена игра. Доколку одамна не сте пробале нешто поразлично, би можеле да видите дали ќе биде забавна потрагата по светлината во S.O.L.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Trigger the Monster
- Издава: Firenut Games
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 25 април 2024
Astroswarm е уникатен roguelike со забавни TD механики
Доколку сте фанови на вртоглава ретро-инспирирана акција во прво лице, би сакале да ви ја препорачаме најновата игра на развојното студио ClumsyQuark.
Забавен шутер со а-ла-Minecraft графика
Како roguelike игра, Astroswarm ви дозволите да посетите најразлични планети и да се соочите со орда од зомбифицирани астронаути. Притоа, користите најразлични оружја и способности од привремен или траен карактер.
Како што е карактеристично за игри од овој калибар, привремените способности ги отклучувате за време на секој ран, а трајните ги отклучувате помеѓу рабови и со валутата која ја собирате додека сте на планетите.
Со оглед на тоа дека Astroswarм има и Tower Defense механики, ќе можете да градите и кули кои, теоретски, би требало да ви помогнат за време на хаосот.
Кога ќе се земат сите механики во предвид, добивате забавен шутер кон константно ве вовлекува во адреналински битки и со налудничава потреба ем да градите кули ем да уништувате чудовишта.
Повеќе детали за играта
- Произведува: ClumsyQuark
- Издава: ClumsyQuark
- Жанр: FPS
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 29 април 2024
Booze Masters: Freezing Moonshine
Наспроти што би можеле да помислите од невообичаениот наслов, Booze Masters: Freezing Moonshine е солидна авантура со уредно спакувани механики во откачена приказна. Развојното студио Asmodev се има потрудено да понуди забавен наслов каде бројни загатки се поврзани со огледување и процесирање најразлични билки, се со цел да се, па, направи, одличен алкохолен пијалак.
Живели!
Комбинирајќи економски со истражувачки елементи, Booze Masters: Freezing Moonshine ќе ви дозволи да создавате најразлични алкохолни пијалаци.
Играта ниту е премногу долга ниту е премногу тешка. Освен одредени платформски секвенци, се остава на вас да се препуштите на хумористичната приказна и да навлезете во релаксирачка мини игра од садење, односно огледување различни култури кои, подоцна, ги користите за правање различни видови ракија.
Имајте во предвид дека Booze Masters: Freezing Moonshine не е симулатор и не е замислен да ви ги покаже сите комплексни слоеви кои водат до производство на одредени алкохолни пијалаци.
Booze Masters: Freezing Moonshine мајсторски ја користи оваа тема за да ви раскаже кратна, но впечатлива приказна со харизматични ликови.
Од тој аспект, апсолутно ќе уживате во истражување на околините, вршење одредени надградби, откривање соодветни рецепти, како и незаборавно дружење со ексцентричните ликови.
Единствено што би сакале е анимациите и изразите на лицата да се пореалистично изведени, но, претпоставуваме дека пиење многу ракија води до такви несакани моменти.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Asmodev
- Издава: Gaming Factory
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 13 декември 2023