Како за почетокот на работната недела и во зависност од вашите интереси, би можеле да пробате да се релаксирате со една од следниве три игри:
Age of Defense или Age of Defense: Prehistory?
Age of Defense: Prehistory е пролог за играта Age of Defense. Како целосно бесплатна игра, Age of Defense: Prehistory одлично ве вовлекува во Tower Defense жанрот и, поставувајќи ве во шаренолика верзија на каменото доба, ви дозволува да градите најразлични кули и да уништувате бранови и бранови од непријателски животни и суштества. Age of Defense: Prehistory е одлична игра за краткотрајна, но висока забава. И, најважното од сѐ, ви покажува дали оваа игра е за вас и дали да пружите шанса на платежната верзија.

Age of Defense, од друга страна, е значително подлабока верзија на бесплатниот пролог и, доколку бевте задоволни од Prehistory, ќе ви се отвори значително поогромен свет, со повеќе мапи, суштества, надградливи кули и пречки и бројни моќи. Ја препорачуваме играта доколку уживавте во едноставноста на првите TD игри и:
- шарена графика и хумористичен дизајн
- над 100 непријатели со различна издржливост и брзина на движење
- 24 кули со уникатни изгледи и способности
- предизвикувачки босови
- над 100 вештини за отклучување

Повеќе детали за играта
- Произведува: Battlecruiser Games
- Издава: Valkyrie Initiative
- Жанр: TD
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 29 јули 2024
M.O.O.D.S. излезе во раниот пристап на Steam
Како игра која штотуку излезе во раниот пристап на Steam, M.O.O.D.S. се залага да понуди малку поразлично искуство во roguelite жанрот со пукачки игри. Во играта управувате со таканаречени емоционални роботи, односно роботи чии способности и вештини се водени од одредена емоција. Па така, роботот Pride има штит кој одбива какви било проектили, Love ги прави непријателите да ви се пријатели, Sorrow се потпира на сопатник во форма на механичко куче, Joy бара среќа во помош од пријател, а Anger, па, како што самото име кажува, не сакате да го налутите Anger затоа што тогаш зазема значително подеструктивна форма.

Покрај уникатните способности кои произлегуваат од секој робот, ќе наидете на одредена разноликост и во поглед на оружјата кои ги користите. Имено, оружјата може да се модифицираат за да се подобрат или сметат нападите преку имплементирање дополнителни или целосно нови ефекти (како проектили кои оставаат отровна киселина, проектили кои се одбиваат од сите површини, проектили кои ги замрзнуваат непријателите, и слично). Како дополнителни работи кои ја красат играта се истакнуваат и:
- можност да се уредува и проширува базата од операции
- да се стави крај на бројни босови
- да се истражуваат процедурално генерирани мапи сами или со уште тројца пријатели
- дополнително проширување со нови оружја, опрема, непријатели, надградби, како и модификации за базата

Повеќе детали за играта
- Произведува: StickyStoneStudio
- Издава: StickyStoneStudio, Erabit
- Жанр: roguelite
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 29 јули 2018
Sylvio: Black Waters е експериментална игра со истражување и загатки
Sylvio: Black Waters е чудна игра. За да понуди впечатливо искуство, играта експериментира со неколку жанрови, како истражување, загатки и пукање. Но, набргу би можеле да се здобиете со впечаток дека сѐ е до некаде почнато, но не доволно разработено. Како резултат, добивате невообичаена игра која ќе биде ценета од гејмери кои не се плашат да навлезат во експериментални води.

Sylvio: Black Waters е мрачна игра, буквално! Справување со мрак во лавиринт од ходници е една од главните, постојани „загатки“ со кои е потребно да излезете на крај. Ова, секако, е креативна одлука која е донесена за да подобро се раскаже приказната. Во Sylvio: Black Waters, ќе откриете мистериозна направа која ви дозволува да ги слушате духовите. За да се извлечете од угнетувачкото место, ќе биде потребно да следите траги, да истражувате бројни места и да се справувате со проблематичните духови користејќи невообичаени алатки и оружја. Играта не е долга и е замислена да ви пружи шест часовна мрачна авантура. Топла препорака доколку сакате:
- игри со уникатен дизајн и приказна
- да користите невообичаени алатки решавање загатки и напредување низ приказната
- да се справувате со непријатели користејќи несекојдневни оружја
- убава графика која е одлично оптимизирана и за послаби компјутери
- солидна глума

Повеќе детали за играта
- Произведува: Stroboskop
- Издава: DreadXP
- Жанр: авантура со загатки и истражување
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 22 јули 2024