Додека ги извршувате работните обврски може да се случи да налетате на исклучително интересен вебсајт или видео кое едноставно, мора да го погледнете; во спротивно би можеле да не го најдете дома, а кој ќе се мачи со копирање и препраќање на линкот од еден на друг имејл.
Ризикот од следење на линкот кој делува интересен за време на работна обврска значи гледање безброј видеа со мачиња. Па видеа со кучиња. И така натаму се додека не се освестите дека денот поминал, а вие сте сѐ уште на почеток на вашата листа со обврски. Во такви ситуации, можете да пробате да се фокусирате на важните работи со StayFocused, или, доколку барате помалку радикално решение искористете ги можностите на Pocket!
Pocket, е апликација која се интегрира со вашиот прелистувач и секојпат кога ќе наидете на нешто интересно кликнувате на соодветното копче и саканиот сајт, видео, содржина автоматски се префрлува во дигиталниот џеб на Pocket. Интеграцијата со вашите паметни направи е крајно едноставна и автоматизирана и при креирање сметка со вашиот Gmail акаунт, можете да дадете дозвола апликацијата да се инсталира и на паметните направи кои се врзани со сметката. Ова е исклучително корисно затоа што сите сајтови кои ќе ви се допаднат и ќе ги префрлите во Pocket од вашиот компјутер подоцна ќе можете да ги читате од вашиот телефон. За полесно читање апликацијата врши додатно форматирање на содржината, со опција да ја погледнете и оригиналната страна.
Секоја од вака сочуваните содржини можете да ги поставите како омилени или да ги споделите со пријателите или на друштвените мрежи директно од апликацијата. Кликнување на копчето Recommended ве води до листа со интересни содржини за кои Pocket смета дека би можеле да ви се интересни. Pocket несомнено е интересен начин за пополнување на слободното време и задоволување на вашата желба за впивање информации, но само кога не работите! :)