Сервисот кој нуди бесплатно менаџирање со електронска пошта, Unroll.me се повлекува од Европа. Причината за ова е воведувањето на GDPR со кој на компаниите ќе им се наметнат сериозни барања за заштита на податоците.
Unroll.me е првата компанија која признава дека исполнувањето на условите на новиот закон нема да е едноставно, ниту лесно. Најверојатно усогласувањето со новиот закон ќе биде проблем за куп помали компании кои немаат технички капацитет да ги направат сите потребни промени.
Компанијата неодамна започна да ги известува своите корисници дека ова е последен месец како оперираат во Европа.
„За жал, ќе мора да ја прекинеме поддршката за Европската Унија од 23 мај“, пишува на страницата на компанијата, забележа TechCrunch.
Ова најверојатно нема да биде единствената компанија која по стапувањето на GDPR ќе се повлече од Европа.
Секако Европа не ги донесе овие решенија за да ги избрка компаниите од свое тло. Европскиот парламент смета дека за креирање на единствениот дигитален пазар, и за користење на платформата за трговија, довербата ќе биде од поголемо значење. Овозможување граѓаните сами да решаваат како ќе се користат нивните податоци секако ќе го овозможи ова.
Поголемата заштита на податоците е од исклучителна важност за корисниците. Сепак за дел од корисниците кои ќе загубат дел од омилените сервиси, ова нема да биде голема утеха.
Законот и сетот мерки кои се предвидени стапуваат на сила на 25 мај. Клучните промени со новиот закон може да се поделат во три дела:
Барање на дозвола
Компаниите кои сакаат да соберат податоци од корисниците, нема да можат да се кријат зад правни замки. Прибирањето податоци мора да биде проследено со претходно презентирање на јасна форма со податоците и разбирлив текст со кој се известуваат корисниците.
Објавување на пробивањето на заштитата
Со новиот закон компаниите ќе мора да пријават кога се хакирани во било која од државите членки. Пријавувањето мора да биде објавено најдоцна 72 часа по настанот. Сите вакви настани кои се опасни за правото на приватност на поединците мора да бидат пријавени до корисниците и до контролорите.
Право да се биде заборавен
Еден од најголемите проблеми кои ги имаше Google во Европа беше со правото да се биде заборавен. Новиот закон нема да го промени ова и компаниите ќе мора да обезбедат бришење на податоците, без никаква можност истите да бидат понатаму користени или распространети. Ова важи за податоци кои престанале да бидат релевантни и за податоци за кои е повлечена согласноста за користење.