НБРМ: „Рано е за технологијата на дистрибуирани записи, но кога ќе треба соодветно ќе се прилагодиме“

Најверојатно и самите ги забележувате новите функционалности кои се појавуваат во услугите кои ви ги нудат банките. Дали користење на телефон како замена за картичка или онлајн исплата, секторот доаѓа со куп новитети. Развојот на иновациите, како што се: инстант плаќањата, услугите за иницирање плаќања, мобилните плаќања од лице на лице и бесконтактните плаќања, го надополнија процесот на дигитализација со иновативни решенија.

Најверојатно една од банките во регионот која може да се искористи како пример за иновации е српската Addiko банка. Банката има куп различни функционалности за своите корисници: од интеграција со Viber за чет банкарство, па се до креирање на сметкии преку мобилен.

Благодарение на паметните телефони кои се мини компјутери во џеб и на технологијата, банкарскиот сектор доживува иновациски бум. Можеби ова ќе биде изненадување, но банкарскиот сектор и во Македонија е еден од најагилните кога иновациите и технологијата се во прашање.

За да дознаеме какво е искуството во банкарскиот сектор во Македонија, контактиравме дел од најголемите банки и ги прашавме за нивните искуства.  Одговорите ќе ги пренесеме во серија текстови, а почнуваме со Народна банка на Република Македонија.

Во последно време се забележува интересен тренд на нудење на поиновативни решенија кај македонските банки… воведување нови начини на плаќање, вадење на кеш од банкомат без картичка, промоција на роботи во банкарството и слично… на што се должи овој тренд и оваа потреба за иновација?

Новите начини на плаќање сè резултат на развојот на технологијата, олеснетиот пристап на населението до високата технологија и до глобалните комуникациски мрежи, едноставноста на користењето и заштедата на време и средства. Оттука, иновативните решенија на македонските банки во делот на платежните услуги се дел од технолошкиот развој во овој домен, којшто е тренд во земјите на Европската Унија, но и глобален тренд. Но, во исто време, потребата од прифаќање на нови иновативни решенија за изведување на трансакции е поттикната и од зголемувањето на конкурентноста на домашните банки и усогласувањето со стандардите на ЕУ.

Банките во Република Македонија не само што не се исклучени од овие трендови, туку имаат активен пристап преку следење и учества на домашни и меѓународни настани – конференции, семинари, обуки на стручен кадар и сл. Ваквиот активен пристап резултира со имплементацијата на овие нови иновативни производи. Во прилог на развојот на иновативни банкарски решенија се и современите трендови на се поголема пристапност на населението до интернет и растечката употреба на паметни телефони со влијание врз навиките на населението и потрошувачката култура.

Се разбира дека претстојното усогласување на домашната регулатива за платежните услуги со правото на ЕУ во овој домен, дејствува позитивно на овој тренд, со оглед дека пазарот на платежни услуги во иднина ќе се отвори и за небанкарски даватели на платежни услуги, како што се платежните институции, издавачите на електронски пари, финтек компании како даватели на услуги за иницирање на плаќања и на услуги за давање информации за платежните сметки и сл.

Овие трендови имаат влијание во постепената, но сигурна промена во културата на плаќањата кај македонските компании и кај населението, во насока на користење на придобивките од новите техолошки решенија при извршување на електронските плаќања, а со тоа и засилување на степенот на дигитализација во банкарското работење.

Кога зборуваме на тема иновација, особено во финансискиот сектор, несомнено треба да се спомене и blockchain. Размислувате ли во оваа насока, имате ли некое решение со имплементација на blockchain технологија?

Финансиските институции настојуваат да применуваат современи финансиски технологии во своето работење, со цел да се прилагодат на развојот и да понудат нови и модерни услуги, со што ќе ги задржат постоечките и ќе привлечат нови клиенти. Појавата на технологијата на дистрибуирани записи (DLT – Distributed Ledger Technology), и особено еден таков тип технологија, криптографски синџир од блокови (Blockchain), го заинтригира финансискиот свет со прашањето за нивната примена и усовршување на работните процеси.

Во тие рамки задржувајќи се на Вашето прашање од аспект на централните банки и другите релевантни власти, финансиската инфраструктура, како што се платните системи, системите за порамнување на хартии од вредност, клириншките системи и централните договорни страни, опфаќа динамички институции што се во постојан процес на еволуција и тој процес ќе продолжи во иднина. Комплексноста на финансиската инфраструктура, преку којашто се процесираат плаќањата и финансиските инструменти, не се должи само на големиот број и вредност на трансакции, туку и на богатството на финансиски иновации кои пред сè се движени од процесот на дигитализација и појавувањето на новите технологии. Во таа смисла, клучен предизвик за централните банки и за другите релевантни власти е развојот на современа, стабилна и ефикасна финансиска инфраструктура која ќе биде во функција на националната и пошироко, глобалната економија. Појавата на новите технологии наметнува дополнителна потреба и мотив за централните банки и другите релевантни власти да се мобилизираат и да ги засилат своите истражувачки капацитети за активно да се вклучат во овој процес.

Во таа насока, Народната банка на Република Македонија го следи развојот на примената на технологијата на дистрибуирани записи и го анализира нејзиното потенцијално влијание врз промената на начинот на извршување на плаќањата, клирингот и порамнувањето. Притоа, првичните истражувања и експерименти на централните банки на развиените земји, сугерираат дека сè уште не може да се обезбеди значителна севкупна нето корист од новите решенија засновани на технологијата на дистрибуирани записи, во споредба со постојните централизирани системи за меѓубанкарски плаќања. Оттука, Народната банка сè уште нема имплементирано решенија во сферата на плаќањата кои се засноваат на технологијата на дистрибуирани записи, но ќе продолжи да го следи развојот на примената на оваа технолгија и соодветно да се прилагодува на глобалните трендови.

За да ја зголемат конкурентноста, голем дел од банките инвестираат во развој на Fintech стартапи и технологија, каква е ситуацијата кај нас на ова поле?

Банките и до сега инвестираа во развој на постојни или креирање на нови финтек компании кои ќе придонесат за автоматизација и модернизација на технолошките процеси и решенија во самата банка. Иако овој процес, во претходниот период се одвиваше бавно, веќе е забележително дека нашите банки инвестираат поголеми финансиски средства за избор и развој на нови финансиски идеи и иновации, како и дека се спонзори на конференции за развој на софтвер и нови технологии.

Развој на ваков тип компании, дополнително се очекува во наредниот период, преку натамошна либерализација на платежните трансакции и преку натамошен тренд на отворање на информативните системи на банките кон ваков тип на компании.

Кое е вашето предвидување за следните 5 години, каде може да ја очекуваме најголемата иновација во банкарството?

Во банкарството, реално е да се очекува либерализација во делот на платните системи, воведување на нови, иновативни начини на плаќања, намалување на користењето на готовите пари во оптек и понуда на сè поголем број банкарски услуги преку Интернет. Дополнително, реално е да се очекува и зголемување на делот на плаќањата извршени преку електронско, односно мобилно банкарство и преку новите иновативни начини, што ќе доведе до промена на фокусот на активности на експозитурите на банките.

Кое е вашето искуство со мобилните апликации, колку реално ги употребуваат вашите корисници? (може и бројки во проценти) Споредбено година со година, дали трендот на користење мобилни апликации расте, стагнира или опаѓа?

Користењето на мобилните апликации во делот на банкарските услуги е во постојан пораст, иако е во многу помал обем отколку користењето на web базираните услуги. Речиси сите банки, поради постигнување и одржување на конкурентската предност, почнаа да нудат ваков тип на услуги, пред сè за физичките лица.

Конкретно, податоците говорат дека населението и компаниите сè повеќе ги користат дигиталните канали за извршување на плаќањата. Учеството на бројот на електронски иницирани кредитни трансфери изнесува 42% во вкупниот број на кредитни трансфери иницирани од населението и компаниите во 2017 година. 98% од вкупниот број на електронски иницирани кредитни трансфери се иницирани со користење на персонален сметач.

Од друга страна, учеството на бројот на кредитни трансфери иницирани со користење на мобилен телефон изнесува 1,8% во вкупниот број на електронски иницирани кредитни трансфери во 2017 година. Сепак, населението и компаниите сè повеќе се потпираат на користењето на мобилните апликации за иницирање плаќања, имајќи предвид дека годишниот раст на бројот на иницирани кредитни трансфери со користење на мобилен телефон изнесува 93% во 2017 година во споредба со 2016 година.

Со иновациите се олеснува и злоупотреба преку сајбер криминални активности… Што е со безбедноста на корисниците? Дали се зема во предвид при имплементација на секоја од овие иновации, дали постои план за превенција и реакција при некои сајбер криминални активности? Што прави вашата банка за да ги заштити сметките и парите на своите корисници?

Почнувајќи од 2014 година, голем број на регулатори ширум светот издадоа препораки, сметајќи ги нападите од дигиталниот простор (cyberspace) како релевантна закана со висока веројатност на случување. Издадените препораки се заради постигнување повисок степен на отпорност од ваквиот тип на напади на примарниот и резервниот компјутерски центар (рано откривање на нападите и мерки за отпорност на системите).

Народната банка како регулатор е задолжена и за дефинирање на рамката за информативната сигурност во нашиот финансиски систем. Задачата на нашите банки е да имплементираат конкретни заштитни мерки на техничко, административно и физичко ниво, базирани на извршена анализа на ризици од воведување и користење на нови сервиси, во која се вклучени и ризиците од напади од дигиталниот простор. Народната банка, уште во 2016 година спроведе тематска контрола, преку изработка на алатка со која банките направија сопствени оценки на инхерентниот ризик и соодветно ги утврдија активностите коишто треба да ги исполнат за поодделно ниво на подготвеност од напади од дигиталниот простор (основно, средно и напредно ниво на подготвеност).

Со рамката се предвидува измена и во делот на тестирање на сигурноста, со која се бара и: тестирање на сигурноста од нападите од дигиталниот простор, воведување системи за следење на далечинските платежните трансакции од потенцијални измами од дигиталниот простор, следење на аномалии во поведението на клиентот на системите за современи канали и сл.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk