Нов петти Solveo натпревар во кој учесниците ќе треба да ја изработат најпрецизната датабаза на македонски стартапи. Партнери на Solveo и на учесниците во овој потфат овојпат се SEEU Tech Park и Startup Macedonia.
Најважно за оваа датабаза е да биде точна и прецизна. Базата на податоци треба да им помогне на македонските стартапи да се поврзат со инвеститори. Студентите учесници во овој проект ќе имаат можност да се запознаат со локалните стартапи, претприемачи и инвеститори. Натпреварот е отворен за сите студенти, а во секој од тимовите ќе има минимум еден ИТ експерт. Локацијата е NextGen Coworking Space, а краен рок за пријавување е 18 април.
„Како дел од стартапите во Македонија свесни сме за потешкотиите кои никнуваат на долгите испреплетени патеки до првичниот успех. Но, со помош на студентите како една од најкреативната маса на луѓе во нашето општество сметаме дека добар дел од тие непознати патеки ќе им бидат разоткриени на компаниите кои штотуку започнуваат реализација на своите идеи. Секако, со наше менторство и пренасочување на тие генијални студентски идеи кои едвај чекаат да бидат слушнати, сметаме дека сме од голема помош во решавање на проблемите. “ – истакнуваат Драгана и Иван од Солвео.
Досега Solveo организираше 4 натпревари на кои учествуваа 70 студенти, 20 од овие учесници веќе имаат понуда за пракса или работа. Од Solveo без сомневање се надеваат дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина.
Повеќе за натпреварот и пријавување на страницата на Solveo.