Пет затворени слушалки за аудиофили од секаков ранг

(Oва е гостински пост од Андреј Шевченко, маркетинг експерт во софтверска компанија во Варшава, кој е во потрага по совршените слушалки)
_________________________________________________________________________________________________________

Претходно пишував за петте најинтересни слушалки за вашиот паметен телефон кои според мене се добра зделка во однос на квалитетот и цената. Пред да започнам со новата листа, би сакал да ја посочам разликата помеѓу отворените и целосно затворените слушалки.

Отворени слушалки за природен простран звук

Отворените слушалки целосно ги покриваат вашите уши и не се затворени од страните, со што би ве заштитиле од надворешните звуци. Ова се генерално најудобните слушалки кои презентираат простран звук, со перцепција на дистанца од изворот на музика. Нивната типична употреба е во домашни услови или канцеларии каде има малку бучава.

Овие слушалки не го изолираат звукот како затворените, па затоа не се препорачуваат доколку сакате дискретно да слушате музика со други луѓе присутни во просторијата. Класичен пример за квалитетни отворени слушалки се Sennheiser HD 600 кои беа лансирани пред 17 години во 1997 година. Овие слушалки се можеби најважните кои компанијата ги направила досега. Тие сè уште се произведуваат, бидејќи добриот звук не познава временски граници.

Мој фаворит на хартија од неодамна се и новите Philips Fidelio X2, кои едвај чекам да ги тестирам заедно со Fiio Alpen 2-E17K.

Затворени слушалки за изолација од средината

Овие слушалки го покриваат целото уво и се затворени како би ги изолирале надворешните звуци. Добри се за луѓе кои сакаат да слушаат музика во бучни средини кога е потребна изолација или за долготрајни музички сесии. Обично ја блокираат амбиенталната бучава, но немаат толку простран звук како отворените слушалки, поради што перцепцијата на слушателот е дека звукот доаѓа „од внатре”. Поради тоа што се затворени, овие слушалки можат да произведат посилни ниски фреквенции од отворените слушалки.

Подолу може да ја погледнете мојата листа на затворени слушалки со одличен звук. Се обидов да креирам листа за различни буџети, како секој би можел да си најде соодветен модел.

Audio Technica ATH-M50x (~11.000 ден.)

Наследник на легендарните ATH-M50, новиот култен фаворит ATH-M50x од јапонската компанија Audio-Technica полека станува една од најбараните целосно затворени слушалки меѓу паметните слушатели. M50x се достапни во три бои, но тоа воопшто не го прави дизајнот подобар. Ова не е слушалка која би ја купиле за да ви го подобри стилот.

M50x имаат конектор на левата страна и доаѓаат со 3 кабли: 3-метарски навиткан кабел, 3-метарски рамен кабел и тенок рамен кабел од 1,2 метри без далечинско и микрофон. Слушалките се ротираат 180 степени за транспорт и мобилност, па можете да ги држите рамно на гради или да ја подигнете едната страна и да слушате на едно уво – нешто со што и диџеите би биле задоволни. Ова е удобна и ергономска слушалка со 45mm драјвери, која ќе ја изолира околината и ќе ви даде балансиран звук низ целиот спектар.

Генерално, изработката е солидна и би требало да ви траат со години доколку ги користите правилно. Звучниот баланс е одличен, басот е затегнат, средните тонови малку повлечени, а високите звуци живописни. Без разлика дали слушате рок или електронска музика, ова се одлични слушалки во однос на цената. Тие се најчест избор за ентузијасти кои работат со аудио апликации или снимање на звук. ATH-M50x звучат добро на компјутер и без појачало, како и на сите понови паметни телефони. Ако M50x не се во вашиот буџет, тогаш погледете ги M40x кои за многумина звучат доволно добро.

Sony MDR7506 (~6.000 ден.)

Sony MDR7506 звучат одлично со сите музички жанрови и се удобни при долги музички сесии. Уште од 1991 година во времето кога Sony беше на врвот во аудио светот, овој модел е фаворит на многу звучни инженери и професионалци. Тоа што се во производната линија повеќе од 20 години е потврда за нивната долготрајност и квалитет. Секако, после неколку години употреба некои делови може да го изгубат својот сјај, но убавата работа е што можете да ги замените. Секој посериозен произведувач има поддршка и резервни делови за своите најпродавани слушалки.

Јачината со која притискаат на вашата глава од двете страни е многу мала, па затоа се удобни и после неколкучасовно носење. За разлика од ATH-M50x, поради дизајнот MDR7506 за нијанса подобро го изолираат звукот. Фино е што обележаните „L” and „R” се во боја, па лесно е да се видат страните и при слаба осветленост. Споредени со ATH-M50x, ова не се подобри слушалки но затоа чинат скоро двојно помалку. MDR7506 е одлично балансирана слушалка со 40mm драјвери. Ако Sony е вашиот бренд на слушалки, тогаш погледнете ги и Sony MDR-V6 кои имаат поинтензивен бас, но не се толку артикулативни и живописни во горните делови како MDR7506.

Creative Aurvana Live! (~3.700 ден.)

Creative и не е некој сериозен аудио бренд, па можеби си помисливте дека ова се слушалки кои не припаѓаат на листава. Но, ова се всушност квалитетните Denon AH-D1001 слушалки со нов изглед. Изледа дека по заминувањето на AH-D1001, Creative најде начин да ги врати во поевтино и уште поквалитетно пакување. За звукот што Creative Aurvana Live! го нуди, до пред неколку години би платите 4 до 5 пати повеќе.

Со сјаен финиш и класичен добар изглед, нудат звук кој е тешко да се надмине при оваа цена. Имав можност да ги слушнам во работна атмосфера и можам да кажам дека звукот навистина изненадува. Изолацијата може да е подобра, па затоа не би ги препорачал за користење во тивки работни простории или за патување. Имаат добра распространетост на басот, природни средни и контролирани високи тонови кои ретко може да станат прејаки во зависност од јачината. На глава делуваат лесно (тежат 200 грама) и се удобни при долготрајно слушање музика. Имаат Y кабел од 1,5 метри и 40mm драјвери.

Creative годинава лансираше и втора верзија на овој модел именувана како Creative Aurvana Live! 2, со малку повисока цена и микрофон со далечинско. Додека новите CAL 2 треба допрва да се докажат, Creative Aurvana Live е модел кој нема толку лесно да замине од полиците како Denon AH-D1001.

Monoprice 8323 (~2.700 ден.)

Monoprice е американска компанија која на пазарот донесе квалитетен звук по цена за која сите мислеа дека е невозможна. Со Monoprice 8323 доаѓаат 2 кабли кои се отстрануваат – едниот со огромна должина од 3,5 метри и другиот од 1,27 метри за слушање во движење. Материјалите не се баш најквалитетни, па може да бидат неудобни при подолги сесии.

Ова е одлична слушалка со 50mm драјвери за секој што сака добар звук без да потроши многу пари. Monoprice 8323 ќе го издржат малтретирањето по ранци, автомобили и секојдневното нормално користење.

Sony MDRZX110 ZX (~1.200 ден.)

Уште еден модел од Sony на листата, полузатворените MDRZX110 се одлични евтини слушалки за во движење или кога сакате да останете свесни за околината. Имаат 30mm драјвери, 1,2 метри Y кабел и се доволно големи да го покријат увото, но не и за да ги изолираат надворешните звуци. MDRZX110 се достапни во 4 бои, релативно лесни, удобни и класа погоре од лошите евтини слушалки во кои преовладува бас. За поудобна позиција при слушање, може да ги придвижите хоризонтално или вертикално.

Цената од 1.200 денари можеби е многу ниска за аудиофилски квалитет, но е добро место од каде може да започнете со квалитетен звук.

Кои се вашите омилени слушалки?

Тоа беа моите 5 фаворити. Какви слушалки користите или би сакале да купите? Полето за коментари е отворено.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
1 Коментар
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
Leonid Mavroski
10 years ago

Sennheiser HD650..