Facebook ќе им дозволи на корисниците помлади од 18 години да објавуваат јавни постови. До сега тинејџерите можеа да споделуваат статуси и фотографии само со пријателите на пријатели, а од сега ќе може да ги споделат со сите на Веб. За да нема несакани и погрешни објавувања, за корисниците помеѓу 13 и 17 години споделувањето со пријатели ќе биде по зададено, односно default. Ова значи дека ако тинејџерите сакаат да објават јавен пост, ќе треба да ја вклучат самите опцијата која се сетира на секој пост.
Facebook вели дека новата функционалност е додадена по барање на тинејџерите кои „сакаат да бидат чуени“. Со ова Facebook ќе се изедначи со Twitter кој им дозволува на тинејџерите да споделуваат јавно твитови. Но, за разлика од Twitter кој е јавна мрежа и се користи како медиум за објавување лични или општо вести во реално време, Facebook се претставуваше како приватно место каде може да го споделиме личниот живот со пријателите. Желбата за раст, пари и моќ го промени тој концепт на мрежата, но и по долгите години корисниците сè уште се навикнати да го третираат Facebook како место каде безбедно ќе закачат приватни фотографии.
Facebook вели дека тинејџерите ја разбираат технологијата и „се експерти во контролирање на кој може да им види што прават и што кажуваат на Facebook“, но проблемот со тинејџерите е што се малолетни, и немаат моќ да одлучуваат сами за себе, барем не легално. Јавни објавувањa на фотографии и постови кои можат да им наштетат на помладите не звучи баш како добра идеја.