Неполни три недели не делат од најновата Fallout игра која и не е баш Fallout. Со примарен фокус на мрежно и заедничко играње со други гејмери, Fallout 76 тежнее да ја раздрма добро-познатата формула, а и да ги разлути ветераните и долго-годишните љубители на овој серијал за еден играч.
Fallout 76 излегува на 14.ноември и, во пресрет на таквото нешто, а и на бетата, Bethesda ја откри минималната и препорачаната побарувачка.
Па така, за графички осиромашено искуство, потребен ви е компјутер со Intel Core i5-6600k процесор и барем NVIDIA GTX 780 3GB графичка карта. Покрај тоа што ќе мора да ослободите најмалку 60GB простор, се препорачува и да имате 8GB RAM.
Од друга страна, графичко совршенство се постигнува со Intel Core i7-4790 3.6 GHz и Nvidia GTX 970 4GB. Што се однесува до рамот, од Bethesda објаснуваат дека и во овој случај 8GB ќе завршат работа.
Споредено со побарувачката за Fallout 4, се забележува мало зголемување во делот за препорачаната конфигурација. Под услов играта да е добро оптимизирана, повеќето модерни конфигурации не би требало премногу да се мачат со насловот. Како и да е, во таквото нешто ќе можете и самите да се уверите веќе од наредната недела, за кога се планира бетата за сите PC гејмери кои претходно ја имаат купено играта.
Fallout 76, по првпат во овој серијал, нема да се испорачува преку Steam, туку преку интерниот клиент на Bethesda. За играта се вети долго-годишна посвета и микротрансакции кои ќе бидат само од козметичка природа. Оние кои ја имаат претходно нарачано играта, веќе можат да ја преземат Fallout 76, но за да ја проверат, ќе мора да се стрпат до 30.октомври.