Омилените друштвени игри на македонските фанови (прв дел)

Им благодарам на Гоблин Друштвени Игри, Адриан, Иво, Виктор, Мето, Емил, Јован, Ивана, Дино, Филип, Владе. Благодарение на вас овој текст е подобар.

Новогодишните и Божиќните празници се период во кој семејството е дома и поминува повеќе време заедно. Друштвените игри се одлична активност за сите, и најважно период кога семејството и пријателите може да ги остават телефоните, конзолите и компјутерите настрана и да уживаат во „аналогна“ забава.

Еве неколку совети како да се подготвите за играње друштвени игри

На YouTube има куп канали на кои може да пронајдете упатства за сите друштвени игри. Секако сите игри имаат и книгички со упатства, но некако, барем мене, полесно ми е да изгледам видео.

Тргнете ги телефоните на страна. Понекогаш телефон може да помогне да се појаснат некои правила, ама постојано гледање во телефонот не е ок и непотребно ја продолжува партијата. Луѓето не се фокусирани на играта, го пропуштаат или се неподготвени за својот ред што на крај е лошо искуство за сите. Одредете време помеѓу кога телефоните ќе бидат достапни.

Спремете си грицки! Спремете грицки од порано, но имајте предвид дека масни прсти ќе ги извалкаат картите. Салфетките се супер корисни!

Photo by Robert Coelho on Unsplash

Одберете игра соодветна за сите. За жал иако сите игри изгледаат супер забавно, не сите се соодветни за секоја возраст. Кога ќе одбирате игра за играње пронајдете некоја која е соодветна за сите. Ако играте со помали деца, не се плашете да промените дел од правилата за играта да биде полесна и позабавна!

Подгответе го местото за играње. Големината на некои од игрите ќе ве изненади. Проверете дали ги собира на масата и дали сите ќе може да видат сѐ. Второво често е поголем проблем отколку собирањето на цела игра на маса.

Ако соработката ви е поинтересна од „Crushing your enemies. See them driven before you. And hear the lamentation of their women…“ има куп кооперативни игри кои можеби се и поинтересни од компетитивните.

Е сега со најинтересниот дел! Совети за друштвени игри! Листата е креирана со помош на Goblin Games, и заедниците на љубители на друштвени игри Board Games MKD на Facebook и Board Games MKD на Discord.

(Напомена: Ова е првиот дел од листата, наскоро ќе ги објавиме и останатите игри.)

Листа најпопуларни игри во Goblin Games

Catan

Благодарение на неколку турнири и организирањето на неделни игри Catan или Settlers of Catan е една од најпопуларните игри кај нас. Catan e стратешка игра во која предизвикот е да се собираат и разменуваат ресурси за најдобро да ги развиете вашите делови од островот. Играта најмногу зависи од добро планирање, иако и среќата игра улога. Наменета за 1 до 4 играчи, иако има верзии за до 6 играчи. Благодарение на тоа што мапата се генерира по случаен избор, правилата се едноставни и откако ќе ја научите може да се заврши за еден час, Catan иако е издадена во 1995 година е една од најпопуларните игри и денес.

Основната верзија на Catan не е баш најсоодветна за најмладите, но Catan Junior и Catan Family Edition се прилагодени и за помладите.

Ticket to Ride Europe

Ticket to Ride е една од игрите која ги замени Monopoly и Risk како влезни игри. Наменета е за 2 до 5 играчи постари од 8 години, иако може да ја играат и помлади. Ticket to Ride има повеќе верзии, но главна цел е со помош на пластични вагони да се креираат рути и да се спојат различни градови, а има и бонус поени за спојување на некои градови. Во верзијата за Европа се игра на мапа на Европа. Играта има правила на македонски јазик, а за нејзино играње не е потребно никакво дополнително познавање на јазик ниту креирање на премногу комплексни тактики за победа.

Ticket to Ride: First Journey (Europe) е пократка и поедноставна верзија на играта наменета за 2 до 4 играчи постари од 6 години.

Kingdomino

Уште една друштвена игра наменета за целото семејство, и поважно уште една игра која има упатство на македонски. Во играта 2 до 4 играчи имаат улога на владетел кој го проширува своето кралство. Играчите по случен избор влечат полиња кои потоа се поврзуваат како домино. За време на играта играчите истражуваат разни типови на терени: плодни полиња, езера, планини, села, шуми и градини за да создадат најразвиена територија, и поубаво кралство од другите. Играта е супер-брза и партиите завршуваат за 15 до 20 минути. Наменета е за 2 до 4 играчи, постари од 8 години.

Codenames Pictures

Ова е првата вистинска „party game“ во листата. Наменета е за повеќе играчи, а колку повеќе играат толку е поинтересна. Играчите се поделени во две шпионски групи, а нивната цел е да ги пронајдат своите агенти. Ова секако е многу поинтересно отколку што звучи. Еден од играчите е во улога на водич и тој ја знае положбата на агентите на мапата. Тој праќа кодирани пораки на кои локации играчите треба да се сретнат со оперативци. Ако играчите ја препознаат содржината на пораката, може да се сретнат со случајни минувачи, сопернички оперативци, па дури и со атентаторот.

Condenames Pictures е наменета за 2 до 8 играчи постари од 10 години. Ова е уште една од игрите кои доаѓаат со македонско упатство.

7 Wonders

7 Wonders е една од игрите кои беа прилично застапени на деновите за друштвени игри. Играчите се во улога на лидери на антички цивилизации кои ги развиваат низ 3 ери. Преку вешт и стратешки избор на карти, но и со трговија со соседните играчи секој играч ја гради својата цивилизација. Секој играч во текот на играњето гради и светско чудо кое носи дополнителни поени.

7 Wonders е наменета за 3 до 7 играчи постари од 10 години. Упатство за играта на македонски јазик, како и куп експанзии се достапни во Goblin.

7 Wonders Duel

Речиси сѐ што кажавме за претходната игра важи и за оваа. Она што може да го заклучите од името е дека сепак бројот на играчи овде е 2. Секако направени се некои прилагодувања, но во суштина е истата игра.

Terraforming Mars

Terraforming Mars е комплексна друштвена игра во која играчите земаат улога на корпорации кои се задолжени да го направат Марс пригоден за живот. Иако играта не е кооперативна, играчите заедно учествуваат во тераформирањето на Марс. Играта е завршена кога температурата, кислородот и океаните ќе ги достигнат потребните параметри. Играчите ги бројат поените, и гледаат кој е победникот. Веројатно најголемиот недостаток на играта ако планирате да ја играте за празниците е што не е најсоодветна за почетници, а партиите се прилично долги.

Terraforming Mars е наменета за 1 до 5 играчи постари од 12 години. Има и соло варијанта.

Gloomhaven: Jaws of the Lion

Gloomhaven: Jaws of the Lion е поедноставена верзија на популарната Gloomheaven. Овој пат имаме кооперативна игра во која 1 до 4 играчи заедно се справуваат со предизвиците во градот Gloomheaven. Ова е една од најдобрите игри на листава за играчите кои „доаѓаат“ од видеоигри. Има многу тепање, различни моќи и предизвици. Секој од карактерите е уникатен.

Сценаријата траат од 30 до 120 минути, но нема да забележите кога ќе поминат.

Heat: Pedal to the Metal

Вистински десерт за љубителите на авто трки, иако не мора да сте фанатик за да уживате во Heat. Како и во секоја трка треба да бидете најбрзи за да победите, но мора и да бидете внимателни за да не ви прегрее моторот. За време на Heat играчите го подобруваат својот шпил на карти, а играта има одлична механика и никој не е надвор од трката до последниот круг. Најдобриот дел е можноста играчите да си креираат сопствен дек и да додадат временски услови.

Heat е наменета за 1 до 6 играчи, повозрасни од 10 години. Партиите траат од 30 до 60 минути.       

Lost Ruins of Arnak

Група истражувачи (вие) откри остров преполн со различни артефакти од античка цивилизација. Сакате да ги соберете артефактите, да ги откриете тајните локации на островот и храмот, ама островот е населен со различни чудовишта. Ова накратко е приказната во Lost Ruins of Arnak, во која играчите го градат својот шпил на карти, регрутираат помошници, откриваат артефакти, се борат и победуваат чувари на богатство и ги откриваат новите локалитети.

Играта има и соло варијанта, и наменета е за 1 до 4 играчи постари од 12 години. Партиите траат 30 минути по учесник, иако ова никако нема да биде точно за првите неколку играња.

Ark Nova

Ark Nova покрива интересен сегмент во друштвените игри, изградба на зоолошки градини. Иако изгледа на супер интересна тема, поради некоја причина, до Ark Nova немаше преголем број на игри кои ја покриваа оваа тематика.

Во играта секој играч си гради сопствена зоолошка градина, но најголем број од ресурсите се заеднички. Играчите секој круг мора да одлучат што сакаат да направат, дали ќе „купуваат“ животни, ќе влегуваат во партнерства со спонзори и универзитети, ќе завршуваат проекти за зачувување на животински видови и слично. Играта е одлична и без експанзијата Marine Worlds, но со неа добива уште поголема асиметричност, па иако во основа акциите се слични секој има некоја акција која ја прави подобро. Експанзијата многу помага и за побрзо „вртење“ на шпилот, нешто што беше замерка на оригиналот.

Ark Nova е наменета за 1 до 4 играчи, постари од 14 години. Играта е прилично комплексна за почетници, но ова се однесува на креирање стратегии за победа. За среќа доволно е интересна да се забавувате и кога не победувате.

Избор на македонските фанови на друштвени игри

Иако баш не следевме која игра каде е на листата првите 11 игри се најпопуларните игри во Goblin. Во вториот дел од текстот ќе ги разгледаме првите игри кои ги предложија гејмерите. (Додуша некои од овие игри беа и во изборот на Гоблин, или обратно).

Dune: Imperium Uprising (+експанзии)

Најголем дел од заедницата ја имаше Dune Imperium на својата листа на најиграни за 2023 година. Како што лесно се заклучува од насловот играта е базирана на универзумот креиран од Френк Херберт. Во оваа игра играчите поделени во тимови се борат за превласт на планетата Аракис. Фановите на оригиналот веќе ја прогласија играта за подобра верзија. Ако сте фан на Dune без сомневање ова е играта за вас.

Играта е наменета за 2 тима од по 3 играчи или 1 до 4 играчи постари од 13 години. За една партија е потребно од 60 до 120 минути, ама ако првпат седнувате да ја играте подгответе се и на двапати подолга партија.

Feed the Kraken или хитот на OsogovoCon 2023

Ако имавте среќа да бидете дел од OsogovoCon или ако ги гледавте видеата или сликите веројатно ја забележавте и Feed the Kraken. Оваа игра беше апсолутен хит на настанот. Во играта учествуваат од 5 до 11 играчи кои се поделени во 3 асиметрични фракции: морнари, пирати и луди култисти. Секоја фракција има различна идеја за бродот со кој пловат. Едните планираат да го однесат назад на безбедно, другите да се скријат во Бермудскиот триаголник, а култистите, култистите само сакаат да го повикаат Кракен. Овие друштвени дедукциски игри се значително позабавни кога ги играте, отколку кога слушате за нив или ги гледате.
Играта е наменета за играчи постари од 12 години.

Expeditions

Ова е една од игрите кои излегоа оваа година, а беше веројатно на врвот на листата на најочекувани игри. Со оглед на тоа дека доаѓа од креаторите на Scythe ова не е изненадување. Играчите сега се на нова авантура и треба да ја „исчистат“ областа околу Tunguska River. Тие со помош на своите карти, карактери и работници треба да ја користат огромната машина да ја исчистат зоната.
Играта е наменета за 1 до 5 играчи постари од 14 години. Партиите траат од 60 до 90 минути.

Underwater Cities

Во Underwater Cities играчите се во улога на инженери чија задача е да го решат проблемот со преголемата популација. Решението кое се наметнува се подводни градови. Сите се натпреваруваат во креирањето на најдобрите и најдобро оптимизирани градови за на крајот да освојат најмногу поени и да победат.

Underwater Cities е наменета за 1 до 4 играчи постари од 12 години.

Nucleum

Во Nucleum играчите имаат улога на индустријалци за време на технолошка и економска револуција. Играта е сместена во алтернативен свет во кој во 19 век е откриен Nucleum (нуклеарен реактор). За да победат играчите треба да ги развијат своите мрежи, да изградат нови згради, да креираат нови договори… Играта е асиметрична, а играчите имаат различни технологии кои им даваат различни моќи кога ќе ги откријат.

Nucleum е наменет за 1 до 4 играчи постари од 14 години. Една партија трае од 60 до 150 минути.

Through the Ages

Through the Ages е игра која треба да им се допадне на љубителите на видеоиграта Civilization. Играчите ја водат својата цивилизација, откриваат нови технологии, градат светски чуда, и истовремено балансираат со сите ресурси. За разлика од видеоиграта овде нема мапа, но тоа не значи дека нема воена моќ. Играчите со поголема војска можат да крадат ресурси од послабите, но на крајот победник е играчот чија цивилизација има најмногу култура.

Играта е наменета за 2 до 4 играчи постари од 12 години. Партиите траат над 120 минути што можеби е и премногу за дел од играчите.

Pandemic

Веројатно една од позабавните кооперативни друштвени игри. Иако сега има повеќе кооперативни игри кои се и подобри од Pandemic, нема многу игри за кој може да кажам дека повеќе се забавувам кога ќе загубам во нив, отколку да победам во друга игра. Како и во останатите кооперативни игри и тука играчите победуваат или губат заедно. Во Pandemic играчите треба да се справат со повеќе пандемии на вируси. Комуникацијата е неопходна, а потребна е и малку среќа.

Pandemic е наменета за 2 до 4 играчи постари од 8 години.

Septima

Во септима играчите ја имаат улогата на водач на група на вештерки. Водачите се натпреваруваат кој ќе биде следниот лидер на вештерките, односно Septima. Играчите се здобиваат со моќ преку креирање на пијалоци, лечење на пациенти и секако преку ритуали. Сите скришум и истовремено одбираат што ќе прават. Има неколку акции кои играчите може да ги одберат и ако повеќе играчи одберат иста, акцијата е помоќна. Секако ова не е без ризик, ако „мештаните“ се посомневаат може да повикаат ловци на вештерки.

Играта е наменета за 1 до 4 играчи постари од 12 години.

Star Wars Carcassonne

Универзумот на Star Wars е уште едно место во кој Carcassonne го пронајде своето место. Правилата се прилагодени на Star Wars и овој пат ги имаме Империјата, Бунтовниците и Ловците на глави како фракции. Патиштата се заменети со трговски рути, градовите со планети, но играта во суштина е иста иако овој пат постои варијанта за играње во тимови.

Играта е наменета за 2 до 5 играчи постари од 7 години, што ја прави одлична забава за семејство обожаватели на Star Wars.

Splendor Duel

Играчите се во улога на трговци со скапоцени камења за време на ренесансата. Инвестираат во рудници, ги праќаат своите бродови кон новиот свет и регрутираат највештите занаетчии. Сѐ со цел да се привлечат најбогатите купувачи. Splendor Duel е базиран на оригиналната Splendor игра, иако е малку покомплексен, поинтерактивен и подинамичен.

Наменет е за 2 играчи постари од 10 години. Партиите се кратки и траат околу 30 минути.

Concordia

Concordia е игра во која играчите наместо на среќа мора да се фокусираат на своите стратешки способности. Сместена е во стариот Рим, а играчите имаат улога на водачи на римски династии. Сите играчи започнуваат со ист мал шпил на карти, но во текот на играњето може да купуваат нови карти и да ја прошируваат својата империја и влијание.

Играта е наменета за 2 до 5 играчи, постари од 13 години.

A Feast for Odin

Во Feast of Odin играчите имаат улога на викинзи и ги преигруваат нивните истражувања, пљачкосувања, трговски експедиции, културни достигнувања, и сѐ по што се познати денес. Ова е веројатно една од „потешките“ игри на листата има куп работи, куп различни полиња, надградби и што сѐ не. Она што е сигурно А Feast for Odin е повеќе игра за оние кои веќе сакаат друштвени игри, и не е препорачлива како прва игра.

Наменета е за 1 до 4 играчи, над 12 години.

Endless Winter

Засега единствената игра на листата илустрирана од Тхе Мичо. Играчите имаат улога на праисториски Американци кои се обидуваат да преживеат и по неколку генерации да излезат како победници. Во играта има куп различни акции од лов и собирање на плодови, до унапредување на културата, регрутирање на нови работници и креирање на подобар шпил за следната рунда.

Endless Winter: Paleoamericans е игра за 1 до 4 играчи постари од 12 години.

Nidavellir

Лошиот змеј Фафнир го напаѓа кралството на џуџињата, а играчите треба да регрутираат војска за да го одбранат кралството. Одат од локација до локација и користат парички за да ги регрутираат најмоќните херои. За време на играњето не само што треба да внимаваат да направат подобра војска, туку треба и да ги надградат своите парички за да регрутираат подобри херои во иднина. На крај победник е играчот со највредна армија.

Nidavellir е игра наменета за 2 до 5 играчи постари од 10 години.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Ivo
Ivo
2 years ago

Top lista na drustveni igri. Koja od koja podobra!