Иако беше најавено дека УЈП ќе воведе е-фактура од 1 октомври 2026, системот ќе започне да функционира порано. Фокус-групи ќе започнат да го користат системот за е-фактури од почетокот на 2026 година. Ова ќе биде пробен, или тест период во кој ќе се надгради верзијата која ќе продолжи да функционира и ќе биде задолжителна во предвидениот период.
Системот за е-фактура е почеток на „ново поглавје во дигиталната трансформација на даночниот систем“, велат од УЈП. Е-фактурата е дел од системот за пријавување на безготовинското плаќање. УЈП ќе го користи за полесна контрола и за борба против сивата економија. Идеални учесници во пилот-проектот се големи даночни обврзници со сопствени системи и компании кои соработуваат со државните институции. Сепак постои простор за доброволна примена на сите заинтересирани.
„Тоа е една главна алатка која што многу ќе го промени начинот на работење во УЈП и во поглед на собирање на даночните приходи, но секако во борбата со сивата економија и воопшто активностите и мерките на УЈП за мобилизација на даночните приходи, ќе влезат и многу други мерки.“, рече директорката на УЈП Елена Петрова кога го најави почетокот на работата на е-фактурата.
Интересно, Македонија е последна држава во регионот која воведува е-фактура. Најголем дел од државите најпрво вовеле доброволно употребување на е-фактури, за подоцна да се префрлат на задолжителни е-фактури за сите ДДВ обврзници.
Што е е-фактура
За среќа е-фактура не е дигитален документ како doc или PDF кои корисниците го пополнуваат и го праќаат до УЈП. Наместо ова фактурата е структуриран сет на податоци кои преку соодветна форма се испраќаат до Управата за јавни приходи. Управата ќе треба да ја верификува оваа форма, а целата комуникација е целосно електронска.
Користењето на е-фактурата нема да биде формалност, туку и единствена валидна документација. Печатените (хартиени) фактури нема да бидат валидни. Системот ќе претставува единствена централизирана платформа за прием и потврда на фактури.
Испраќањето на фактури може да се прави преку специјално изработен софтвер кој ќе го користат компаниите, или преку апликацијата на УЈП. Корисникот ја доставува фактурата до УЈП, а таму автоматски ќе се достави до издавачот на фактурата и до примачот. Во процесот на верификација ќе се креира единствен уникатен код кој е целосна замена за хартијата. За жал за целосно исфрлање на хартијата од системот за фактури ќе треба да почекаме до негова целосна имплементација.
Штедењето на хартија секако не е безначајно и проценката е дека за изработка на фактури се сечат барем 12 000 дрва годишно. Сепак, најголема придобивка од е-фактурата ќе биде сузбивањето на сивата економија. Електронската фактура ќе овозможи полесно откривање на лажни трансакции, даночни измами и непријавени трансакции. Дополнително значителна предност за корисниците на системот е побрзата достава на документи.
За сопствениците на фирми, освен времето потребно да се привикнат на новите е-фактури нема да има потреба од поголеми трошоци. Потребен е единствено дигитален сертификат кој ќе го користат. Исклучок се компаниите кои имаат специјализиран софтвер кој го користат. Тие ќе треба да го прилагодат за да функционира со новите е-фактури. Сите останати ќе може да ја користат апликацијата на УЈП.

„Покрај ова што спомнавме дека за првпат ќе зборуваме за дигитална форма на фактура, покрај модернизацијата и дигитализацијата генерално на општеството, на субјектите, на даночните обврзници, ќе значи и ажурна контрола во реално време на издадените фактури, на прометот, на трансакциите во стопанството од страна на УЈП. Значи, нема да се чека откако ќе се направи фактурата да се прокнижи, па ако се пријави во ДДВ-пријавите (некогаш се случува и да не се пријави), тоа веќе нема да биде можно бидејќи кога веќе еднаш е испратена фактурата во УЈП не може понатаму да се случи сметководството да не ја книжи затоа што фактурата едноставно постои во системот. На понапредно ниво ќе дојде ситуација и да не се прават тие ДДВ-пријави што сега ги прават сметководителите“, вели Маријана Андриќ од „Маранд консултанти“во интервју за Bloomberg Adria.
Предност на е-фактурата
Најголема предност на новиот систем веројатно ќе биде едноставноста на системот. Со оглед на тоа дека сѐ е електронски, фактурите лесно може да се следат да се испраќаат и да се пуштаат налози за извршување. Замената на хартијата ќе го забрза овој процес и ќе ја спречи можноста за „губење“ на фактурата.
Претпријатијата нема да имаат законска обврска да поседуваат хартиени фактури, па новиот систем ќе ги намали I трошоците за логистика и архивирање.
Воведувањето на е-фактурата ќе донесе значителни предности за државата, почнувајќи од автоматизирани проверки во реално време. Со ова, Управата за јавни приходи (УЈП) ќе може ефикасно да ги споредува податоците од фактурите со информации од банки, царина и други финансиски извештаи. Оваа интеграција ќе овозможи проактивна проценка на даночните обврски на секоја компанија, што пак ќе го олесни откривањето на фиктивни трансакции и даночни измами, придонесувајќи за поефикасна борба против сивата економија.
Нова алатка или стари проблеми
УЈП смета дека клучни во дигитализацијата ќе бидат стандардот за е-фактура и објавување на техничките спецификации. За жал најголем дел од даночните обврзници во Македонија, имаат понекоја анегдота со УЈП. Системот понекогаш е недостапен, па граѓаните често се жалат на проблеми со пријавување.
Развивањето на стабилен и доверлив ИТ-систем кој ќе овозможи доверба кај корисниците треба да биде приоритет број еден на Управата. Од даночната управа велат дека се свесни за ова, и ќе обезбедат соодветна инфраструктура. Дали ова ќе биде случај ќе дознаеме за некоја година.







