Од 1 јуни започна со работа дигиталниот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи. Сите извозни декларации сега се поднесуваат во Систем за обработка на декларации и акцизни документи (СОЦДАД).
„За економските оператори, тоа значи намалување на времето на поднесување на декларации, поедноставување на процесите, и најважно – значително намалување на трошоците. Сите процеси се автоматизираат со што се намалува можноста за човечки грешки, како и ризикот од недозволени дејствија и корупција“, велат од Царинската управа.
Со новиот систем значително ќе се поедностави работа на учесниците во царинската постапка и постапка за извоз. Процесите се автоматизираат, а со ова се намалува опасноста од недозволени дејства и корупција.
Економските оператори до овој систем можат да пристапат преку сопствен систем или со користење на Порталот за трговци на Царинската управа. За непречено поднесување на царински декларации треба да бидат исполнети следните услови:
- електронски потпис (сертификат);
- одобрен пристап до СОЦДАД
- Ако поднесуваат декларации како застапници, потребно е во СОЦДАД да побарале и добиле Одобрение за застапување. Предуслов за ова е претходно најмалку еден вработен да побарал и добил лиценца за застапување во СОЦДАД;
- Сите одобренија поврзани со царински постапки мора претходно да бидат обезбедени во СОЦДАД.
За сите проблеми во функционирањето на СОЦДАТ, Царинската управа креираше страница со контакти на кои корисниците можат да ги пријават своите проблеми.