Обвинители од 41-на сојузна држава и Областа Колумбија отворија судски спорови против Meta. Судските спорови се кулминација на истрагата отворена во 2021 година со која под истрага беа ставени разни функционалности на Facebook и Instagram кои се штетни за децата и придонесуваат да се створи зависност.
Сѐ започна со отворање на истрагата во Масачусетс, откако свиркачот Френсис Хауген откри дека во Meta (Тогаш сѐ уште Facebook) знаат дека Instagram e токсичен за тинејџерките. Друштвената мрежа во овој период тврдеше дека нема докази кои го покажуваат ова. Сепак истрагата покажала дека праксата и функционалностите на Instagram придонесувале за депресија, анксиозност и несоница кај децата. Тужбите се натпартиски и имаат поддршка од двете најголеми партии во САД.
Во тужбата Meta е обвинета дека креирала Facebook и Instagram функционалности за да ги задржи помладите корисници подолго и да продолжат да се враќаат назад на платформата. Покрај тоа што компанијата знаела за штетното влијание врз децата, продолжиле со додавање опасни опции и функции за да ги задржат на своите платформи.
Тужбите ќе бидат поделени во неколку реони. Обвинители од 33 држави ги поднесоа своите тужби во Северниот окружен суд на Калифорнија. Девет обвинители ги поднесоа тужбите во своите држави. Вашингтон, Висконсин, Јужна Каролина, Калифорнија, Колорадо, Луизијана, Небраска и Њујорк ги поднесоа тужбите во своите судови.
Ова е најголем напор досега да се принудат друштвените мрежи навремено да ги проценат и отстранат опасностите за децата.
„Ова не е акција што ја преземаме лесно. Ова не е случај за кој знаеме дека ќе се реши многу брзо, но е од најголема важност. Затоа одделивме ресурси на ниво на државните агенции собрани овде за решавање на прашања кои се на врвот на нашата национална агенда.“, вели обвинителот Андреа Џој Кембел.
Тужбата ја обвини Meta дека компанијата е недобронамерна кога дизајнира алгоритми, нотификации, infinite scroll функционалности. Тие вклучуваат и функционалности како што се „лајкови“ или филтри за фотографии за кои обвинителите тврдат дека имаат докази дека негативно влијаат на менталното здравје на тинејџерите преку социјална споредба или промовирање на телесна дисморфија.
Дополнително во обвинувањата се вели и дека Meta собирала податоци за деца на возраст под 13 години. Со тоа ги прекршила законските обврски од Законот за заштита на приватноста на децата на Интернет.
Од Мета велат дека се разочарани од ваквиот потег на обвинителите. Претставник на компанијата за Reuters објави дека обвинителите можеа да разговараат со различни компании за креирање на јасни стандарди за апликациите кои ги користат тинејџерите. Наместо ова, обвинителите се одлучиле на тужба. Друштвената мрежа дополни и дека резултати од различни истражувања се контрадикторни, и не покажуваат дека друштвените мрежи сами по себе, се корисни или штетни за младите.
Обвинителите објавија дека Meta не е компанијата која ќе се однесува одговорно, освен ако не е приморана на ова.
„Наместо да се даде приоритет на благосостојбата на младите корисници – како што јавно тврдеше – Meta повторно и намерно избира да не спроведува мерки и промени во дизајнот за кои знаеше дека може да ги намалат штетите и да ја подобрат благосостојбата на младите корисници“, додава Кембел.