Објавена официјална дефиниција за опен сорс вештачка интелигенција

во Вести

По неколку години размислување и соработка со академијата и индустријата Иницијативата за опен сорс (Open Source Initiative) донесе одлука за официјална дефиниција за „вештачка интелигенција со отворен код“. Оваа дефиниција иако незадолжителна, треба да помогне да се направи проценка дали некоја вештачка интелигенција ги исполнува условите да биде „прогласена“ за отворен код.

Дефиницијата за отворен код која се користи за софтвер е недоволна за вештачка интелигенција. Оваа технологија е поспецифична. За разлика од обичниот софтвер, вештачката интелигенција вклучува и други аспекти. Тука се вклучени податоците на кои е тренирана, алгоритмите за тренинг и самата архитектура на моделот. За еден модел на вештачка интелигенција да биде сметан за „отворен“, не е доволно само кодот да биде достапен. Треба да бидат отворени и деталите за процесот на обука, но и за потеклото на податоците и начинот на нивна обработка. Без овие детали, не може да се разбере целосно како е развиен моделот, ниту пак е лесно да се реплицира. Дополнително, дефиницијата треба да вклучува и права за користење и модификација. Ова ќе овозможи моделите за вештачка интелигенција да се користат како основа за други апликации и истражувања.

Што е вештачка интелигенција со отворен код според новата дефиниција

Според новата дефиниција на Иницијативата за опен сорс (OSI), вештачката интелигенција со отворен код е ВИ модел кој споделува доволно податоци за начинот на кој е изграден, за некој да може да го рекреира. Ова подразбира дека моделот мора да го содржи целиот изворен код што е користен за неговата обука и обработка на податоците. Дополнително, неопходно е да бидат достапни информациите за податоците на кои е трениран моделот, вклучувајќи го нивното потекло, начинот на обработка и можностите за користење или лиценцирање на тие податоци. Корисниците треба да имаат право да го користат моделот за која било цел, да го модифицираат без дополнителни дозволи. Најважно, неговите корисници мора да може да го надградуваат самиот модел.

„Модел за вештачка интелигенција со отворен код овозможува потполно разбирање како е направен. Ова значи дека имате пристап до сите компоненти, комплетниот код користен за тренирање и за филтрирање на податоците.“, вели Стефано Мафули од OSI за TechCrunch.

Ниту еден модел кој се рекламира како опен сорс не ги исполнува условите

За жал според новата дефиниција најголем дел од моделите за вештачка интелигенција не се опен сорс. Ова важи и за оние кои велат дека нивниот модел е опен сорс. На пример, иако Мета го тврди ова за Llama ограничувањата кои ги наметнуваат се спротивни на дефиницијата. Llama е достапна за платформи со над 700 милиони корисници единствено со специјална лиценца.

Слична е ситуацијата и со Stability AI, вештачка интелигенција која се користи за генерирање на слики. За разлика до Llama за кој е потребна лиценца според бројот на корисници, за Stability e потребна специјална лиценца ако компанијата заработува повеќе од 1 милион американски долари.

Дури и Google и Microsoft во минатото тврдеа дека нивните платформи се опен сорс. По забелешките од OSI, двете компании ја отстранија употребата на терминот.

Заклучокот кој го сподели TechCrunch е дека најголем дел од моделите всушност не се опен сорс.

Никој не е задоволен

Се чини дека од првата верзија на дефиницијата не е задоволен речиси никој. Meta веднаш објави дека не се согласува со дефиницијата. Нивната забелешка е дека е неопходно да издаваат лиценци за Llama за да ја спречат потенцијалната злоупотреба.

„Се согласуваме со нашиот партнер OSI за многу работи. Сепак ние, како и другите низ индустријата, не се согласуваме со нивната нова дефиниција“, вели портпаролот на Meta. „Не постои единствена дефиниција за вештачка интелигенција со отворен код, а нејзиното дефинирање е предизвик, бидејќи претходните дефиниции со отворен код не ги опфаќаат сложеноста на денешните модели на вештачка интелигенција кои брзо напредуваат. Llama е бесплатна и отворено достапна, а нашата политика за лиценца и прифатлива употреба помагаат луѓето да бидат безбедни со тоа што има одредени ограничувања. Ќе продолжиме да работиме со OSI и други индустриски групи за да ја направиме вештачката интелигенција подостапна и послободна – одговорно, без оглед на техничките дефиниции“.

Од друга страна Лука Антига од Lightning AI, смета дека за дефиницијата да биде потполна мора да бидат вклучени и податоците за тренирање.

„За да има практична вредност, особено за бизнисите, секоја дефиниција за вештачка интелигенција со отворен код треба да даде разумна доверба дека она што се лиценцира може да се лиценцира според начинот на кој организацијата го користи.“ вели Антига.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk