Претседателот на САД, Барак Обама, потпиша легислатива со која се надева ќе го спречи неовластеното прислушување и следење на интернет, пренесува BBC. Со USA Freedom Act, овластен првин од Сенатот, и потоа потпишан од г. Обама, се воведуваат поголеми контроли и ограничувања на NSA, која масивно и неовластено ја следи комуникацијата на граѓаните на САД и интернет корисниците ширум светот.
Пред две години, масовното интернет прислушување беше во доменот на теориите на заговор, се додека поранешен аналитичар на NSA, Едвард Сноуден, не достави до медиумите доверливи документи од агенцијата во кои детално се објаснуваат методите и технологиите кои ги користи NSA за да следи секаква комуникација. Најзагрижувачки беше откритието дека NSA собира масовни пакети на мета податоци за интернет корисниците ширум светот и телефонските разговори на милиони Американци, без врска дали тие или не се засегнати со истрага или се поврзани со националната безбедност.
USA Freedom Act, кој беше пофален од критичарите на NSA, ќе го ограничи собирањето на таканаречени bulk податоци. Сега NSA ќе мора да побара дозвола од судот за да собира податоци и следи комуникација. Иако и ова наиде на критики дека новата легислатива е слаба контрола на NSA која сега ќе мора да поднесе само уште еден документ.
Заедно со некои ограничувања на NSA, со USA Freedom Act беа обновени три програми за прислушување со кои властите ќе можат да запленуваат телефони на осомничени терористи; за физичко следење на корисник кој користи повеќе уреди за комуникација; и алатки за прислушување и следење на терористи кои не припаѓаат на некоја организација.