0 коментари 2 мин. читање

NSA собирала по 250 милиони имејлови глобално секоја година

Нови документи доставени од поранешниот аналитичар на CIA, Едвард Сноуден, откриваат дека американската Агенција за национална безбедност (NSA) собирала милиони контакт листи од имејлови секоја година. Агенцијата наместо да таргетира индивидуалци за кои била заинтересирана поради безбедност, таа собирала милиони имејл листи кои подоцна биле обработувани од аналитичарите за да најдат тајни врски помеѓу корисниците кои се мета, пишува Washington Post.

NSA најчесто ги пресретнувала контакт листите од имејл сервисите и тие за четување додека се префрлале од едно место на друго на интернет, пример кога се синхронизираат уредите со облакот. Документите откриваат дека во еден ден NSA собрала 444.743 контакт листи од Yahoo, 105.068 oд Hotmail, 82.857 од Facebook, 33.668 од Gmail и 22.881 од други провајдери на услуги. Во просек NSA дневно собирала мејлови од 500.000 контакт листи од разни онлајн четови и имејл провајдери.

Иако NSA и другите разузнавачки служби велат дека целта им е да заштитат државни интереси, сепак Конгресот на САД и нема дозволено на агенцијата да собира контакт листи. Таквата активност е нелегална во САД, но NSA вели дека соберените податоци се направени од „точки на пристап“ од ширум светот, не од територијата на САД. Поради ваквиот метод, NSA не е легално обврзана да го ограничи собирањето на податоците од странските корисници, ниту мора да ги информира компаниите дека им ги прислушува податоците.

Компаниите како Google, Yahoo и Microsoft велат дека тие не соработувале со NSA, но Washington Post вели дека собирањето на податоци е правено со странски телекомуникациски компании или странски разузнавачи и други служби кои го набљудуваат протокот на податоци на Интернет.

Покрај имејловите, NSA собирала и телефонски броеви, најчесто само на американските државјани. Соберени на куп, податоците и давале на агенцијата целосен профил за активноста и комуникацијата на корисникот кој го следи, иако понекогаш се правеле грешки бидејќи во контакт листата имало и луѓе со кои метата немала контакт со години.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Мени
Заедница
Изглед
To top