<Ново за читање> Apple вработува поранешни Google Maps експерти за да си ги поправи мапите </ново за читање>
Со новиот мобилен оперативен iOS 6 доаѓаат и новите мапи на Apple. Идејата на Apple беше да ги откачи Google Maps кои беа на iPhone уште од 2007 година, во корист на своја апликација којa полесно ќе може да се интегрира во сите идни продукти. Добра замисла, но проблемот е што мапите се тотална утка.
Фиаското со мапата предизвика куп критики од корисниците ширум светот кои го надградија својот уред на новиот ОС. Аpple Maps не се толку лоши во САД, иако недостасува Статуата на Слободата и Бруклинскиот мост, но надвор од таа земја се навистина ужасни. Куп градови се изместени, а на мапата на Македонија не може да се најде ни Охридското езеро.
*Ти благодариме Горан Гајдук за сликиве.
Ок, можеби Македонија не е приоритет за Apple, но еве споредба на мапа на Токио помеѓу iOS 5 со Google Maps и iOS 6 со Аpplе Maps.
Според извор на Verge, Аpple работеле на мапите скоро 5 години и купувале мали компании кои развивале софтвер за мапи. Но, немале толку време за да ги направат целосно мапите, пример, недостасуваат информации за јавен транспорт, пребарувања за дестинации, погрешно ги толкува фармите со аеродроми и куп други утки.
Аpple вели дека ова им се први мапи и затоа корисниците треба да бидат пострпливи. Мапите постојано се подобруваат бидејќи се базирани на облакот, односно од крауд-сорсинг. Колку повеќе луѓето ги користат толку подобри ќе станат. Тоа е објаснувањето од Apple, за резултатите ќе треба да се почека да се видат.
Секако, својaта шанса ја искористи и Nokia која во блог пост рече дека „апликациите со мапи мора да бидат прецизни“ и дека не можат да се креираат преку ноќ, туку е потребно искуство. Што се однесува до Google, тие веднаш најавија надградба на Google Maps за Аndroid.


Коментари
17 коментари
Коментарите се затворени.