0 коментари 2 мин. читање

Нова надградена верзија на GitHub Copilot „пишува“ подобар и побезбеден код

Оваа недела Microsoft ја претстави новата надградба на GitHub Copilot. Со надградбата асистентот е побезбеден и помоќен. Новиот модел покажува поквалитетни решенија и тоа го прави побрзо.

Copilot е вештачка интелигенција – асистент за програмирање, која генерира код заедно со програмерот. Алатката е развиена од Github и OpenAI, и е достапна за корисниците на Visual Studio, Visual Studio Code, Neovim, JetBrains. Copilot им помага на корисниците да работат побрзо, а со тоа да бидат и попродуктивни. Најдобро функционира за пишување код во Python, JavaScript, TypeScript, Ruby и Go.

Неодамна можевме да прочитаме извештај дека кодот на програмерите кои користат вештачка интелигенција е понебезбеден од нивните колеги кои не користат вештачка интелигенција. Како главна причина за ова е неискуството на дел од програмерите, а овие алатки има даваат лажно чувство на безбедност. Истражувањето е направено од тим од Универзитетот Стенфорд.

Добра вест за корисниците е дека GitHub Copilot сега доаѓа со филтер за пропусти кој им помага на корисниците да ги пронајдат и искоренат небезбедните практики. Системот за филтрирање го блокира небезбедните практики додека корисникот работи, и со тоа нуди побезбедни предлози. Моделот може да препознае и да извести за хардкодирани акредитиви, SQL инјекции и инјекции на патека (path injections). Системот препознава пропусти дури и на некомплетирани делови код.

Copilot со надградбата додаде нова парадигма Fill-In-the-Middle (FIM). Ова на девелоперите ќе им овозможи да креираат подобри барања. Наместо само префикс на кодот, FIM користи и познати суфикси за кодот. Девелоперот ќе може да ги внесе познатите префикси и суфикси, а средината ќе ја пополни вештачката интелигенција.

Дополнително надградбата на клиентот помага за да се намали процентот на несакани предлози за 4.5%.

Заедно со надградбата GitHub на својот блог сподели и неколку интересни податоци. Речиси половина од кодот (46 проценти) е генериран од GitHub Copilot.

„Кога во јуни 2022 година го лансиравме GitHub Copilot for Individuals, повеќе од 27% фајловите на програмерите беа генерирани од GitHub Copilot. Денес, GitHub Copilot стои во просек зад 46% од кодот на програмерите на сите програмски јазици – а во Java, тој број е над 61%.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Коментари

Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.

Најави се и отвори тема

Напишаното ќе остане зачувано во овој прелистувач.

Мени
Заедница
Изглед
To top