BOB RG 42 е видеоигра креирана од македонското студио Karton Games, составено од двајца 20 годишни ентузијасти, Ферди Јајаи и Никола Ванчоски. Ферди е задолжен за графиката, а Никола за програмирањето. „Ова ни е прва игра што стигнала до Steam, претходните игри беа прототипи и game jam игри. Играта засега е само на Steam, a понатаму размислуваме и за Itch.io“, вели Никола.
BOB RG 42 во моментов е на Steam Greenlight и се обидува да собере доволно гласови од заедницата за да биде издадена на Steam. Доколку успее ќе биде третата македонска игра која се продава на најголемата дигитална продавница, по Raining Blobs и Excubitor.
Станува збор за action-adventure игра во која играчите се во улога на астронаутот Боб, кој е испратен од Земјата да собере скапоцени материјали од лебдечките острови. Ова не е едноставно бидејќи домородците на секој од овие острови си ги бранат овие материјали. Од она што можеме да го видиме од најавата и гејмплејот, играта изгледа одлично. Естетиката на играта е интересна, како и непријателите и Боб кои се артистички нацртани, а лебдечките острови се преубави.







