Here Maps се обид на Nokia да стане поконкурентна на мобилниот пазар, поточно да ја пополни дупката која Apple ја направи со своите катастрофални мапи. Here Maps ќе бидат наменети пред се за iOS уредите. Апликацијата е изградена врз HTML5, и има опција за симнување на офлајн мапи на улиците и аудио дирекции за пешаците, и вградени информации за јавниот транспорт.
Освен за iOS, Nokia најави и дека развива верзија за Firefox оперативниот систем и ќе обезбеди алатки за програмерите да развијат апликации за Android ОС. Што се однесува до другите платформи, мапите на Nokia веќе се достапни на Windows Phone, Amazon Kindle, Flickr, Garmin итн.
За Nokia, вели директорот Стефен Елоп, мапите и локацијата се една од клучните пет точки од кои зависи иднината на компанијата, покрај паметните телефони, обични телефони, патенти и мобилна инфраструктура. Затоа и не е чудно што финскиот гигант инвестира во нови технологии за мапирање.
Ден пред да ги претстави Here Maps, Nokia го финализираше купувањето на Earthmine, специјализиран сервис за креирање на 3Д мапи на улиците, налик на Google Street View. Токму Google, а не Apple е главниот конкурент на Nokia. Аpple всушност може да добие од мапите на Nokia бидејќи iOS корисниците ќе добијат корисен сервир, и нема веќе да се малтретираат со мапите на Apple, барем додека не бидат средени.