Најпопуларниот видео стрим сервис Netflix, ќе ја прошири понудата за своите корисници со видеоигри. Компанијата го регрутираше Мајк Верду, поранешен директор на Electronic Arts и Facebook. Г. Верду во Netflix влегува како заменик претседател во секторот за развој на видеоигри.
Искуството на новиот директор во развојот и популаризација на видеоигри е огромно. Вo Facebook раководеше со тимот кој во соработка со развивачите на видеоигри работеше на нова содржина за Oculus. Претходно беше дел и од Kabam, Zynga и Atari. Во индустријата за развој на видеоигри e од 90-те години.
Плановите за додавање на видеоигрите во библиотеката се амбициозни и треба да се реализираат веќе следната година. Цената на претплата барем засега нема да се промени, вели извор од компанијата за Bloomberg. Видеоигрите нема да бидат на паралелен систем, туку ќе се појавуваат како нова категорија на платформата.
Интересот за игри не е сосем нов за Netflix. Тие беа дел од гејминг конференцијата E3 во 2019 со најавата на видеоигри базирани на хит сериите „Stranger Things“ и „The Dark Crystal: Age of Resistance“.
Додавањето на видеоигри во својата понуда и проширувањето со нова содржина ќе биде можност за Netflix за дополнителен и поголем раст. По објавувањето на веста за регрутирањето на г. Верду акциите на Netflix пораснаа за 3,3%.
[…] дена компанијата објави дека во одделот за видеоигри го регрутираа Мајк Верду, поранешен директор на Electronic Arts и Facebook. Видеоигрите во […]