Netflix за првпат во својата историја ќе пренесува стрим во живо. Првиот пренос ќе биде од стендап настапот на Крис Рок во 2023 година. Иако точната дата засега не е објавена, легендарниот комичар ќе го има својот настан на почетокот на 2023 година.
За Крис Рок ова не е прва соработка со Netflix на таканаречените „Special“ претстави. На Netflix се достапни неговите стендап настапи „Tamborine“ и „Netflix Is a Joke“.
„Возбудени сме што целиот свет ќе може во живо да го доживее настапот на Крис Рок и да биде дел од историјата на Netflix. Ова ќе биде незаборавен момент и почестени сме што Крис го започнува ова“, вели Роби Прау, заменик-директор во Netflix.
Според првичните најави ова може да биде тест за повеќе содржини. Платформата би можела да додаде стрим во живо на повеќе од содржините кои немаат сценарио, а со ова гледачите на некои од шоута би можеле да земат поактивно учество, на пример да гласаат кога некој учесник ќе го напушти шоуто…
Дел од најголемите конкурентите на Netflix веќе започнаа со своите тестови од поодамна. Disney+ во живо ги пренесуваше Оскарите, а наскоро ќе започнат и епизодите на „Dancing With the Stars“ кои ќе се пренесуваат во живо. Дел од другите конкуренти како Amazon пренесуваат NFL натпревари, а Apple пренесува MLB натпревари.
Netflix работи на технологијата од мај
Сервисот започна да тестира стримови во живо на средината на мај. Во тој период функционалноста беше во рана фаза и Netflix не беше подготвен да сподели повеќе информации за новитетот. Сепак стримовите во живо не се единствени промени на кои работи Netflix.
Најголемата стриминг платформа под притисок од падот на бројот на корисници во овие неколку месеци започна да тестира повеќе промени. Сѐ започна со забраната за споделување на претплатата. Компанијата во некои региони додаде можност за поевтина претплата за корисници кои споделуваат претплата, но го забрани споделувањето на претплата за корисници кои не живеат во исто домаќинство.
На средината на октомври Netflix додаде уште едно поевтино ниво на претплата за корисниците во неколку региони. Во Австралија, Бразил, Германија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Мексико, Обединетото Кралство, САД, Франција, и Шпанија е достапен пакет со реклами. Ова на корисниците им овозможува поевтина претплата, но содржината која ја гледаат ќе биде прекинувана од реклами. За жал Македонија сѐ уште не е на листата држави во кои е достапно ова ниво на претплата.
Дали додавањето на стрим во живо и куп други промени ќе влијаат на нови претплатници ќе видиме во иднина. Компанијата наскоро би можела да додаде нова содржина која веројатно ќе биде поевтина, но дали ќе биде интересна за публиката која ја имаат ќе треба да почекаме и да видиме.