Сетот за проширена и виртуелна реалност од Apple, Apple Vision Pro со своето излегување повторно го размрда сегментот за очила за проширена реалност. Иако веќе имавме видено најголем дел од примените за очила како: виртуелни канцеларии; образование и обука; виртуелни галерии и музеи; архитектура и дизајн; па дури и гејминг во виртуелниот свет, сепак Vision Pro доаѓаше со ветување за поедноставно и поудобно искуство.
За ова да биде вистински остварливо и да има широка примена, беше потребна значително пониска цена за уредот. Во моментов Vision Pro се продава за 3499 американски долари, цена која е превисока за најголем дел од корисниците, но и бизнисите. Се чини дека ова го препозна и Apple кој веќе работи на поевтин модел на својот сет за виртуелна реалност. Неофицијалните вести кои протекуваа од Apple беа дека следната, 2025 година Apple ќе го претстави новиот уред. Покрај надградбата на постоечкиот модел, требаше да видиме и очила за проширена реалност кои ќе бидат поевтини.
За жал ова нема да биде случај и сите кои чекаат сет за проширена реалност од Apple ќе треба да бидат трпеливи. Според аналитичарот Минг-чи Куо кои вообичаено е добро информиран кога Apple е во прашање за поевтин сет ќе треба да почекаме барем до 2027 година.
Она што е барем подеднакво интересно е дека дури и најавениот модел е далеку од евтин. Очекувањата се дека таа верзија на сетот за проширена реалност од Apple ќе се продава за 2000 долари. Ова е значително поевтино од 3500 долари колку што чини Pro моделот, но е далеку од сетот на Meta, кој се продава за 500 долари.
Дел од податоците кои протекоа за моделот велат дека е изработен од поевтини материјали, дисплејот е со пониска резолуција, и нема да доаѓа со поддршка за EyeSight.
„Како што разбрав, производството на поевтиниот Vision Pro веќе некое време е одложено по 2027 година. Ова значи дека единствениот нов уред сет за проширена реалност на Apple во 2025 година ќе биде Vision Pro со надграден M5 процесор.
Мислам дека она што навистина го натера Apple да го одложи поевтиниот Vision Pro е дека едноставното намалување на цената не би помогнало да се создадат успешни примери за употреба. Слично е на ситуацијата со HomePod. Дури и по лансирањето на поевтиниот HomePod mini, паметните звучници на Apple не успеаја да станат мејнстрим производ.“, вели Минг-чи Куо на X.
Иако нема да видиме поевтина верзија на сетот за проширена верзија од Apple, следната година ќе има значителна надградба на Vision Pro. Според најавите, следниот модел на сетот ќе доаѓа со нов M5-чип и со поддршка со вештачка интелигенција. Освен ова, барем засега нема потврда за дополнителни надградби, јави 9to5mac.